Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам ќерка на возраст од две години и пет месеци. Од нејзина 3-месечна возраст не живееме со таткото, туку живееме кај моите родители. Редовно се гледа со таткото, но не преспива таму. Од 2 години оди во градинка, а поради чести настинки зимава, правиме пауза со градинката, па дома ја чува нејзината баба. Накратко за неа ќе ви кажам дека е убаво воспитана, живее во мирно семејство каде што нема расправии. Таа е задоволно и мирно дете. Денот ѝ е исполнет со игра, прошетка, пеење песнички, бои со фломастери, со водени бои, заедно готвиме во кујната, правиме колачиња, меси тесто, пукаме пуканки, облекуваме маски и играме улоги, правиме куќички од перници, секојдневно читаме различни приказни, едноставно уживаме во заедничките игри и активности.

Последниов месец забележав дека откако се враќа од кај нејзиниот татко, ми кажува дека сум лоша. Се обидувам да ѝ објаснам колку мама е добра со неа, како играме и што сè правиме. По некое време ќе ме прашa: „Мамо, лоша си?“, па ќе се надоврзе: „Не, не мамо, ти си многу добра, тато вика дека си лоша“.

Ѝ кажав дека мама и тато се добри родители, дека го правиме најдоброто за неа, а ако тато повторно ѝ каже дека сум лоша, да го искара со прстето. Се обидов да разговарам со таткото на таа тема, но тој ме обвини дека тоа биле мои зборови и дека јас сум ја учела да вели дека тато е лош. Сега најново кажува: „Тета е чума, дадите се чуми“. Тоа се однесува на мојата сестра и внуките. Потоа самата кажа како таа баба таму велела за тета и за дадите дека се чуми. Ѝ кажав дека е срамота така да се зборува, дека дадите ќе ѝ се налутат, дека и тета ќе ѝ се налути ако ја навредува, дека никој не ја навредува неа, туку сите убаво се однесуваат и ако повторно тато и семејството на тато ја учат така да навредува, да ги кара со прстето.

Ве молам за совет како во иднина да постапувам со детето кога ќе ѝ упатуваат вакви неубави зборови. Се плашам дека ќе почне да ги користи и во градинка, со дечињата на моите пријатели, па на тој начин ќе биде отфрлувана и исмејувана.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Драга мајка, најнапред да ви честитам за посветеноста кон вашето дете и максималниот родителски ангажман со квалитетното време поминато низ заеднички игри и активности. Во овој период децата стануваат пољубопитни, сакаат да научат нови работи, сакаат да истражуваат и да стекнат поголема независност. Бргу меморираат и го градат вокабуларот. Понекогаш сакаат да донесуваат и сопствени одлуки, а чувствата може да ги изразат и на драматичен начин иако ова е возраст кога треба да почнат да се учат и воспитуваат емоциите.

Христина Стефановска, психолог

Она што можам да го забележам е дека вашата ќерка добива два различни модели на однесување, што ја прави несигурна, збунета и зависна. Во учењето по модел во оваа возраст детето повеќе учи индиректно, преку тоа што го гледа како возрасните го прават, т.е. се однесуваат, отколку директно кога му се обраќаат со зборови и директно го учат како да се однесува или зборува. Вие не можете да се изборите со влијанието на надворешната средина, без разлика дали тоа ќе биде татко ѝ, некое другарче или сосема некој друг. Важно е да се посветите на градење цврста и емоционално здрава врска со вашата ќерка, за која сте на добар пат.
Покажете ѝ се како добар и адекватен пример за неа. Секако мајките се модел и инспирација за своите ќерки.

Повеќе опсервирајте се и набљудувајте се себеси во однос на тоа што презентирате, како се однесувате и зборувате отколку да ја опсервирате неа. Учете ја да се потпира на себе и на својата креативност во решавање на ваквите предизвици со кои ќе се соочува и во иднина.

Многу е важно да ѝ покажете дека ѝ верувате и ја сакате таква каква што е, дека ја прифаќате и ја уважувате како личност, без разлика што таа сега не е комплетно успешна.

Напишете ги на лист со црвен маркер грдите и лоши зборови и залепете ги некаде во собата каде што често ќе ги гледате. Објаснете ѝ за секој збор што всушност значи, бидејќи таа голем дел од нив не ги разбира. Многу е погрешно ако го потврдувате нејзиното однесување поистоветувајќи ја нејзината личност со него, на пример: „Многу си лоша, кажуваш лоши работи“; „Некултурна си, нељубезна си“ итн.
Користете пофалба и опис за нејзината личност, на пример: „Ти си паметно и културно девојче, грди зборови не се твоја одлика“. Всушност, користете ги зборовите што опишуваат какво сакате  да биде вашето девојче. Имајте силна визија за неа. Натерајте ја да поверува во вашиот опис дека навистина е храбро и паметно дете.

Одговара: Христина Стефановска, лиценциран психолог, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com / psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X