Воспитување

Мама и тато се тука и по којзнае колку време не брзаат да излезат надвор

Пристигна некој чуден период, сè се промени, затекнати сме со сите овие случувања. Децата секогаш ги теравме да излегуваат надвор, а сега ги тераме да останат дома. Мораме да им објасниме дека не можат да ги видат своите пријатели, дека е одложена играта, нечиј роденден, игротеката, градинката…

Ситуацијата е далеку од едноставна, животот ни се менува, меѓутоа, да замислиме една канта со темносива боја, а сивата боја се состои и од бела боја, па ајде од таа сива да ја извлечеме белата и во неа да гледаме. Овие времиња ни одзедоа многу работи, но не сè . Не ни ја одзедоа прегратката од нашето дете, насмевката на тоа малечко, присутна преку едноставна невина радост зашто мама и тато се тука, заедно, по којзнае колку време и не се брзаат да излезат надвор. Во неделно попладне немаме шопинг-центар за рутинско кафе, но имаме нешто многу подобро, семејно кафе на балкон или уште подобро – семејно кафе во термос на некое оддалечено и осамено место во природа, па на крајот на краиштата, на подот во дневната соба седнати на перници. Уште го имаме заедничкиот ручек и неговата подготовка, или за децата омиленото – месење тесто.

Никому ништо нема да му се случи затоа што не шетал, нема децата да бидат уништени ако не се дружат некое време. Имаме пријатели со кои се гледаме преку видеоповици. Имаме и сонце, кое се појавува секое утро. Имаме уште многу нешта за кои треба да бидеме благодарни и што е најважно – се имаме едни со други. А за да остане така, мораме да ги слушаме оние што знаат и што  го посветиле животот на медицината, оние што секој ден неуморно работат за од сето ова да излеземе со што помалку последици. Ајде сега да бидеме сите паметни и одговорни, без да се правиме јунаци и научници за оваа тема. Да ги оставиме теориите на заговор, потеклото на овој вирус и другото, факт е дека тој е тука, присутен меѓу нас. Нема светот да исчезне ако не го направиме својот тренинг на преполни патеки.

Ќе помине и ова, ќе помине, но сите заедно мора да дадеме свој придонес. Можеби некои од тие мали паметни глави што ги гледаат нашите херои ќе одлучат да одат по нивниот пат. Ова нема да го направи некој друг за нас, туку ние самите, ние можеме да дадеме голем придонес за овој свет. Некои луѓе неуморно работат ден и ноќ за да нè извлечат од сето ова, затоа да ја пронајдеме онаа бела точка во сивата боја, да повикаме некого, да си играме со детето, да фантазираме за патувања, да прочитаме книга, да гледаме некој филм, да му се насмееме на сонцето што изгреало, да останеме дома, да се чуваме себеси и оние што ги сакаме.

Можеби од сето ова на крајот ќе произлезат и некои позитивни работи за нас, а и за нашите деца, новите генерации што доаѓаат, можеби малку повеќе ќе почнеме да го цениме излегувањето во природа, можеби ќе ни здодеат мобилните телефони, можеби повеќе ќе го цениме поздравот со рака од пријателите – обичен мал гест кој сега ни изгледа како научна фантастика, прегратката, можеби повеќе ќе научиме да цениме некои луѓе, некои дејности, можеби баш на вашето дете пример ќе им бидат лекарите-херои во ова време. Можеби некое од децата ќе одлучи да оди по нивниот пат. Можеби такви примери им беа потребни на нашите најмили во овој свет на дигитализација, консумеризам и материјализам. Можеби…

Автор: Карла Медиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top