Со оглед на фактот дека постојат многу расправии и коментари за тоа дали мајката е вистинска мајка ако не го дои бебето, ви издвојуваме искуства на неколку мајки со цел да ви стане појасно колку доењето може да претставува и физички и психички стрес за жената
Луѓето често ги коментираат и ги критикуваат однесувањата на лицата од нивната околина. Таа потреба да се искаже сопствениот став и мислење, особено на деликатни теми, отсекогаш била карактеристична за луѓето. Жените најчесто се мета на критики, без оглед на нивната возраст. Постојано слушаме коментари за нивниот изглед, стил, однесување.
Неретко се осудуваат и бремени жени и оние што тукушто се породиле. Многумина сметаат дека подобро од нив знаат што значи да се биде „вистинска мајка“, како треба да се однесуваат и на кој начин треба да го воспитуваат сопственото дете.
Најчеста тема што се провлекува меѓу „критичарите“ е токму доењето, односно дали жената е добра мајка ако не го дои своето бебе. Наидуваме на разни ставови и осуди, особено од оние што не поминале низ тие ситуации. Додека повеќето мислат дека доењето е едноставна работа и проста одлука, како и показател колку мајката е добра мајка, постојат и такви што поминале низ многу проблематични ситуации, низ физички, а особено низ психички стрес, па разбираат колку доењето е комплексна работа.
За да ви ја приближиме целата ситуација околу доењето, ви пренесуваме искуства на неколку мајки што искрено ја раскажале својата приказна и покажале дека доењето е многу повеќе од „едноставно го ставаш бебето на дојката, и тоа е тоа“.
Јас сум мајка и без дојки, јас сум мајка и без раце
Радмила Мијатовиќ Мишковиќ: „Најголемата грешка е што мислиме дека доењето е едноставно и лесно: го ставаш бебето на градата, и тоа е тоа. Ни одблиску не е така. Доењето станува лесно дури откако и бебето и мајката ќе научат како се прави тоа. Тоа се учи. И не е лесно. И трае неколку месеци. Поддршка при доењето би значело дека младата мајка има некој покрај себе да ја научи како да го стави бебето на градите, како правилно треба да го дои за да не ги уништи брадавиците. Не е поддршка само да се каже: мора да го доиш бебето. Тоа е притисок, а не поддршка. Во животот сум направила многу работи, но дефинитивно најтешко ми било да научам како да го дојам бебето. Успеав во тоа затоа што имав стручна поддршка. Самата немаше да успеам. Факт е дека повеќето жени можат да ги дојат бебињата, но тоа не е нешто што се случува само по себе, по принципот: стави го бебето на дојката и ќе потече млеко. Ве лажат. Младите мајки би требало да имаат курс по доење. Тоа би било вистинска поддршка. А вака, кога си препуштена сама на себе, нема место за осуда. Ако не оди – не оди. Но, потребна е вистинска поддршка“.
Јелена Кнежевиќ: „Браво! Сѐ, буквално сѐ е точно! Со првото бебе – пекол. Млекото веднаш пресуши. Ајде објасни во што е работата. Благодарност на Бог и на адаптираното млеко. Последица од стресот поради очекувањето сѐ да оди како што треба… а не оди… Еве, второто бебе цица. Како? Не знам!!! Млеко има, додаваме малку адаптирано… и знаете што… јас мислам дека во втората бременост престанав да се грижам што мислат другите. Јас сум МАЈКА и без дојки, јас сум МАЈКА и без раце, јас сум МАЈКА и без стапала… јас сум МАЈКА која ужива да се гали со нив и која секогаш е покрај нив кога им треба. Нема млеко?! Одиме натаму!“
Доењето не е тренд, туку природна потреба на двете страни: и на мајката и на бебето
Милена Џаконовиќ: „Сето тоа е борба и се согласувам со Радмила, која даде одличен заклучок дека доењето се учи. Нѐ има и такви што сме поминале девет круга од пеколот. Малечката (второ бебе) не можеше да ја намести устата правилно. Барав совет, поддршка од групата за поддршка на доењето. Се молзев со рачна пумпа. Ме болеа сите прсти, добив маститис, рагади, не знаев на која града да ја ставам да цица кога пеколно ме болеа градите… Секоја ноќ се откажував, па се враќав на доењето. Примав пеницилини, градите ми беа 5 броја поголеми и прилично тврди, полни со грутчиња во каналите. На крајот се откажав од десната града, за да ја сочувам и малку да се одмори. Цицаше само од левата. Фрлив многу пари за ланолини итн. Одев на болница да ми го измолзат млекото. Џабе е што тие ми покажуваа, јас бев преуморна… Скршена и физички и психички… Ја доев само на едната града една година и четири месеци. И успеав. И горда сум на тоа. Борбата траеше безмалку 50 дена. Јас не ви забележувам вам. Ниту на која било мајка. Сепак, тоа е шетање по нервите…“
Каролина Петровиќ Филиповиќ: „Со првото бебе беше хаос. Ништо не знаев, ниту некој ми покажа. Единственото нешто што го направи бабицата во родилиштето, кога ја прашав за совет, е што го зеде главчето на бебето и ми го наби на градата. И тоа е тоа. Не знаев ни како правилно да го држам бебето ни како да си ги олеснам болките. Нервозата постојано растеше. Пред второто породување се информирав преку интернет. Читав сѐ што ќе најдев за доењето. И бев поопуштена. И беше подобро. Мора некој да помогне. На пример, мојата постара сестра немала рефлекс за цицање. Па што тогаш?“
Марија Гајдос Хикл: „Доењето не е тренд, туку природна потреба на двете страни: и на мајката и на бебето. Главно трудот се исплатува, но има и такви мајки што или не се доволно информирани и упорни или, пак едноставно, не успеваат во тоа… Но тоа не ги прави помалку добри од споредба со мајките што успеале да ја воспостават таа најблиска комуникација со бебето – да дојат!!!“