Некогаш важело правилото, особено во средина каква што е нашата, дека улогата на мајката во воспитувањето на детето е многу поважна од улогата на таткото. Мајката била таа што се грижи, се ангажира и ги насочува децата, додека таткото е „надворешен играч“, односно некој што се грижи за финансиската сигурност на семејството и децата.
Размислете. Дали се психолошки позадоволни и, во иднина, покомплетни децата за кои се ангажирани двајцата родители или само мајката? Колку е збунувачки за децата, во случај на недостапен татко, да имаат слика, а немаат тон? Нешто што во психолошка практика се покажало како релевантно е дека важноста на таткото и мајката во воспитувањето е еднаква. Децата во семејствата каде што двајцата родители се подготвени да се дадат себеси и да се посветат на нивното воспитување во иста или барем во приближна мера, стануваат психолошки поцелосни, подобро ги разбираат врските, посигурни се во себе и своите способности и подобро се подготвени за животот.
Освен посветеноста, негата и воспитувањето, кои на секое дете му се потребни од двајцата родители, може да се рече дека по својата природа улогата на мајката е понежна и топла, а татковците создаваат чувство на сигурност, стабилност и спокој кај детето. Улогата на таткото е еднакво важна и за момчињата и за девојчињата. Начинот на кој таа улога се вреднува во растењето на детето во зависност од полот е различна.
На момчињата им е важен таткото како модел според кој го формираат своето однесување, вредностите во улогата на маж, татко и сопруг. Начинот на кој таткото создава близина со својот син е најчесто преку игри за предизвикување. Исто така, она што е многу важно за близината меѓу таткото и синот е вклученоста во заедничките активности. Не е важно која активност е во прашање бидејќи детето врз основа на однесувањето на таткото во тие ситуации учи како изгледа улогата на мажот. Момчињата кои во текот на детството поминуваат многу време со таткото, имаат поголема самодоверба и појасна слика на маж, татко и сопруг која ја следат.
Таткото и ќерката формираат близок однос на малку поинаков начин. Девојчињата им се „миленици“ на своите татковци, па преку тој восхит кај нив се гради самопочит и чувство на себеприфаќање. Исто така, татковците најчесто се чувствуваат блиски со ќерките доколку им помогнат да решат некој проблем. На тој начин, девојчињата чувствуваат сигурност и близина со таткото во исто време. Ќерките, гледајќи го односот на својот татко кон мајката формираат и слика на маж и партнер, а тоа татковците секогаш би требало да го имаат на ум.
Близината на детето и таткото се постигнува постепено. Важно е да се знае дека на татковците им е многу потешко да се ангажираат и да станат блиски со децата доколку партнерките тоа не им го дозволуваат. Многу често татковците спонтано и со поголема желба остваруваат контакт со своите деца кога партнерките не се тука. Што мислите, зошто е така?
Во нашата култура татковците или не сакаат или не знаат како активно да се вклучат во воспитувањето и растењето на децата. Улогата на жената во двата случаи е од големо значење. Доколку мажот не сака да учествува во воспитувањето на децата, прашајте го дали не го сака тоа или едноставно не знае како се прави бидејќи немал модел во своето семејство.
Многу е важно да знаете дека ако му дозволите на таткото да биде татко, правите корисна работа за своето дете. Со тоа не само што добивате помош во воспитувањето туку и го негувате и го чувате својот брак. Колку повеќе го вклучувате сопругот во активната грижа за децата, колку повеќе го охрабрувате и не го критикувате, толку вашиот партнерски однос ќе биде поквалитетен.