Додека сме бремени, веднаш се прави поделба како ќе се породиме, па претпоставувам дека тоа нѐ карактеризира какви мајки и родители ќе бидеме.
Подоцна следува поделбата дали доиме или не – повторно како показател за „квалитетот“ на родителството, дали детето спие само или со нас, дали го храниме со органска храна, дали готвиме или купуваме готова храна…
И некако тоа поминува, размислувате дека сето тоа конечно ќе се смири, се гордеете со тоа како и самите сте созреале, сфаќајќи дека сето тоа е помалку важно од вистинските важни работи – љубов кон детето, поддршка, реципроцитет, безбедна средина…
И тогаш детето тргнува на училиште, па согледувам дека сега сме поделени на мајки чии деца ги имаат сите оценки и оние чии деца имаат само петки. Претпоставувам дека тоа требало да биде смешно кога ми се појави како објава, но мене не ми беше смешно од неколку причини.
Прво, моето дете ги има сите петки – па јас и моето дете сме исмеани во овој случај и не ни е дозволено да се усогласиме со другите родители и нивните деца – зошто?
Разбирам дека многумина си ги лечат комплексите и некои неостварени цели преку децата, но тоа не значи дека на детето не треба да му се признае оти направило нешто добро!
Второ, во таква атмосфера, а секаде се чувствува, често чувствувам потреба да го „минимизирам“ моето дете, да не ги истакнувам неговите големи квалитети за да се „вклопиме“, а тоа е крајно грдо и неправедно кон моето дете и сега сфаќам колку грешам кон него. Секогаш и пред сите треба да ги истакнувам неговите квалитети – а ги има многу и треба да се гордее со нив.
Трето – училиштето и оценките навистина не се единственото мерило за квалитетот на нечија личност. Моето дете, толку мало, натпросечно во таа „академска“ смисла, често не се снаоѓа во најбанални животни ситуации, често не може да разбере некои работи кои ги прифаќаме како здрав разум, затоа што неговиот мал ум функционира поинаку… Толку пати гледам некои деца кои ги имаат сите оценки, а не само петки, а тие се толку самостојни, опуштени, снаодливи – сите работи што не се застапени кај моето дете и тоа често нѐ измачува како родители, а потоа ме боли и што родителите на таквите деца не гледаат колку одлична мала личност имаат во нив. И ме боли само да помислам: „Да беше мојот Урош таков…“, додека тој прави толку многу што другите не можат и не знаат да го прават.

Можеби сум премногу строга кон него во таа смисла, бидејќи тој не може поинаку.
Затоа, ве молам, не правете повеќе неоправдани поделби, да ги прифатиме нашите деца такви какви што се, да не ги критикуваме и да не бараме повеќе и повеќе. Да ги поттикнеме кон она во што се исклучителни, не со омаловажување на некој поразличен од нив, туку напротив – со тоа што ќе ги научиме дека овој свет може да биде прекрасно место, ако знаеме да ги сакаме и цениме сите разлики, без да сакаме да станеме една обична безлична маса.
Секојдневно работам со над 50 деца и навистина секое дете е посебно и нема потреба да биде „повеќе како овој, повеќе како оној“. Тие само треба да бидат повеќе од она што веќе се.
Автор: Ивана Никиќ/ новинар, мајка, едукатор