Универзумот нè награди со двајца „неспијачи“. За сè е виновна мојата мајка! Јас како бебе бев лош спијач и чесно ги малтретирав родителите. Дури и се сеќавам дека кога имав 5 години, повеќе сакав да ја гледам одјавната шпица од филмовите или како што сакав тогаш да велам: „Но мамо, уште одат буквите!“ Ќе седнев на под и ги гледав буквите и така заспивав, само за да не одам во кревет.
За играњето со ноќи додека не заспијам нема ни да зборувам, за таа судбина да не ме најде, хахаха. Така мајка ми во една пригода, кога веќе бев голем, ми рече: „Леле, детето нека ти спие исто како ти мене!“ И ете, желбата ѝ се оствари, и тоа дупло! Се разбира дека не мислам сериозно кога ќе кажам дека ја обвинувам, очигледно децата го наследиле мојот ген за неспиење. Кога се роди Нео (помладиот), првите две недели спиеше како што се вели – „како бебе“! Ена и јас бевме во шок, се разбира, прерано се израдувавме и веднаш нè казни.
Ноа од раѓање редовно се буди во интервали од 15 минути до ретки и одлични периоди кога спие и до 2 часа. Најчесто неговото спиење сепак е во рамките на тие 15 минути и час време, а Нео, се разбира, го присвои од него тој шаблон на неспиење. Сè пробавме – да го наспиеме попладне, да не му даваме да спие попладне, да го нахраниме пред спиење, да не го нахраниме пред спиење, да го измориме дента надвор, во нашата соба, во неговата соба, со нас в кревет, во својот кревет и сите можни комбинации, но ете, речиси 26 месеци вака изгледаат нашите ноќи:
Кратко појаснување на сликата: во 7 часа сон има 5 будења, од кои едното било подолго и 4 кои траеле по 10-ина минути. За среќа, будењата не траат долго, поголемиот дел од времето брзо заспиваат. Некогаш сакаат да испијат малку вода или чај, некогаш сакаат само внимание, понекогаш тоа се проблеми со варењето, забите… Но, секогаш и секоја вечер е нешто, и тоа и едно и друго, што е интересно, не се случува речиси никогаш во исто време. Толку нè полудуваа што едно време се обидовме да спиеме во одвоени соби. Ноа и јас бевме заедно и не знам зошто, но подобро спиевме, потоа се заменивме и Нео подобро спиеше, но Ноа ја излудуваше Ена.
Немој да паднеш во замка и да отидеш да спиеш сам во друга соба
Така што се откажавме од тоа бидејќи подобро да спијам покрај сопругата, па макар и двете деца да се со нас в кревет, отколку без неа. Одамна еден пријател ми даде добар совет: кога ќе добиеш дете, немој случајно да паднеш во замка и да отидеш да спиеш сам во друга соба. Тоа многу му наштетило на неговиот брак и кога го сфатиле тоа, им било потребно доста време за да се вратат во нормала. Сега тоа сосема го разбирам и благодарен сум му на тој совет. Бебето не е само од мајката – особено кога ќе почнат грчевите, татковците можат многу да помогнат.
Нема смисла да се одвојувате од семејството. Лесно е да се најде оправдување за тоа: морам да бидам одморен за работа… секогаш нешто, но ако можете, бидете со нив, бидете покрај сопругата во таа соба. Мојата работа е со посебни услови – секоја година морам да одам на систематски преглед и на секои две години на психијатриски преглед на процена, па ете веќе преживеав повеќе од 2 години и психијатарот вели дека сум сосема во ред.
Навистина, колегите ми се прекрасни луѓе, па кога ќе видат дека сум имал тешка ноќ, ме поштедуваат од прашања на 18 метри висина. Навистина има смешни моменти во тоа неспиење, но има и стравови. Кога бебето ќе дојде дома така малечко и слатко, пак некако завршува во кревет со вас. Заради доењето, тоа е полесно отколку да го префрлате преку ограда, па не можете да спиете од страв случајно да не го згмечите во сон. Кога се малку поголеми, има повеќе смеа, а помалку стравови. Ноа прво ја прескокнуваше оградата од креветот за да се стигне до мене и да спие. Сега кога станува од креветот и доаѓа кај нас, се разбира, не доаѓа сам. Ја носи својата најдрага играчка и ќебенце, па треба да се направи место и за нив. Потоа Нео некако чувствува дека Ноа дошол во нашиот кревет, па тој од другата страна ја прескокнува оградата.
Има и ноќи кога стануваш да се напиеш вода, па се враќаш и немаш место веќе во креветот. Се разбира дека во таа ситуација тие двајца, односно тројца, спијат како ангели. Потоа седнуваш на работ од креветот и им се воодушевуваш колку убаво спијат, па по некое време полека се приближуваш, се стиснуваш до нив и внимаваш случајно да не ги разбудиш. Кој може да го плати тоа?! Спиењето и така е преценето!
Автор: Александар Јовановиќ