Душица Стаменковиќ-Вицентиевиќ од Србија е воспитувач на деца од претшколска возраст, мајка на две и полгодишниот Игњат и петмесечната Огнена и креатор на инстаграм-страницата @ignjatovamama, која ја следат речиси 20.000 луѓе.
Креативното сервирање храна го користела додека работела како бебиситерка за да ги поттикне децата да го изедат својот оброк, а со темата исхрана продолжила да се занимава и во градинката, каде што организирала дружење со родителите на тема здрава храна. Сега својата креативност ја изразува низ сервирање оброци за Игњат.
– Игњат немаше полни две години кога почнав да му подготвувам весели оброци и на почетокот не знаеше што е што кога ќе го подготвев, но со секоја нова чинија учеше нешто ново, некое ново животно и како се вика, некое ново превозно средство… како што поминуваше времето и Игњат растеше, сè повеќе покажуваше интерес за сето она што го гледаше додека шетавме, а тоа кај мене поттикнуваше инспирација за нови весели чинии – вели мајката Душица, која сега своите креации редовно ги поставува на „Инстаграм“.
– Реакцијата на луѓето е поделена, има такви што сметаат дека ова е глупост, залудно потрошено време и дека храната не е за играње, но јас не се согласувам. Сметам дека треба да се поттикнува развојот на креативноста кај децата низ различни игри и активности, па дури и со храна. Сега Игњат е доволно голем за активно да учествува во подготовката на оброците и тоа многу го радува. Низ подготвувањето оброци и правењето декорации ги именуваме боите, ги имитираме животните, ги уочуваме просторните односи, ги споредуваме сличните бои, величините… На забавен начин тој учи многу работи, така што ова не е само играње со храната – додава Душица.
Исто така, оваа креативна мајка вели дека ова не значи дека нејзиниот син не сака да јаде ако чинијата не е декорирана и дека тоа не го прави за секој оброк. Додека Игњат ужива во храната, тоа не е случај со сите деца и секогаш ѝ е мило кога прима пораки на благодарност од мајки на пребирливи дечиња. Овој начин на сервирање се покажа како многу успешен кај ваквите деца и тоа ѝ дава поттик за уште покреативни оброци.
Иако е заговорник на здрава исхрана и за деца и за возрасни, Душица не сака да биде роб на кујната, па рецептите што ги објавува на своите профили на социјалните мрежи се здрави, но се подготвуваат брзо и едноставно. Наскоро ќе почне да воведува и храна без млечни производи и за својата ќерка, така што во идниот период ќе почне да објавува и рецепти за оброци за бебиња.
Душица издвои неколку рецепти за секој од петте дневни детски оброци што од срце им ги препорачува на мајките. Пробајте ги и вие, сигурно ќе му се допаднат и на вашето дете!
Појадок – палачинки со спанаќ
Состојки:
150 мл млеко
150 гр брашно
1 јајце
спанаќ
2 лажици кисела павлака
½ лажичка сода-бикарбона со неколку капки сок од лимон или ½ лажичка прашок за печиво
Подготовка:
Во блендер соединете ја смесата и испржете палачинки на ниска температура, на масло од семки од грозје.
Свежиот спанаќ бланширате го, па оладете го под млаз студена вода. Ставете количина која одговара на купениот замрзнат спанаќ.
Ужина – чинија овошје „Фрида Кало“
Овде не е потребен опис, туку многу креативност. За цртање на лицето користете топено црно чоколадо.
Ручек – јунешки гулаш со просо
Подготовка:
Јунешкото месо исечено на коцкички динстајте го со бел и црвен кромид и праз. Пред крајот додајте и лук. Налејте во лонецот мешавина од вода и варен домат и оставете на тивок оган да се готви.
Зачинете по желба. Тука ставете сол, бибер и свежо нане.
Просото подгответе го така што ќе го оставите во вода да отстои преку ноќ. Измијте го и варете го во вода во размер 1:3.
Ужина – Топчиња со ѓумбир
Состојки:
1 шолја ореви
2/3 шолја овесни снегулки
1 лажичка ѓумбир
13 свежи урми
Подготовка:
Урмите потопете ги во вода околу 15 минути, да омекнат.
Блендирајте ги оревите, овесните снегулки и ѓумбирот. Потоа додајте ги урмите и блендирајте додека не се изедначи смесата.
Формирајте топчиња. По желба можете да ги извалате во рендан ѓумбир.
Вечера – Проички без јајца
Состојки:
2,5 шолји жолто пченкарно брашно
1,5 шолја пченично брашно
1 лажичка сол
2-3 резанки домашно сирење
1/3 шолја маслиново масло
кисела вода по потреба
Подготовка:
Измешајте ги сувите состојки, па додајте го изгмеченото сирење. Постепено додавајте кисела вода, смесата да не биде ни премногу густа ни премногу ретка, да можете убаво да ја соединете со лажица.
Излејте ја смесата во калапи и испечете.