Децата сакаат храна – храна која им е вкусна. Тие сакаат слатки, сакаат колачиња, сакаат газирани сокови, чипс и разни други закуски. И во ред е сето ова да му се даде на детето во одредени количини, дозирано, смислено. Но, кој од нас родителите никогаш не прибегнал кон методот на поткуп? Знаете, кога детето не сака да седи на седиштето во автомобилот и да се смири, па му велите дека може да го изеде тој мафин што го чека штом ќе дојде дома. Или тој бес во трговскиот центар? Првото колаче што ќе го најдете ќе се најде во неговата малечка рака.
И сето тоа е сосема во ред, сите се снаоѓаме најдобро што можеме кога едноставно немаме нерви, или време, за да се справиме со испади на бес, плачење и слично. Секој родител ќе разбере за што се работи.
Но, една нова студија вели дека тоа не треба да се прави бидејќи таквите „тактики за присилно хранење“ може да имаат несакани последици, вклучително и емоционално прејадување. Ова ги навело истражувачите од Универзитетот во Северна Флорида да ги истражат факторите кои можат да влијаат врз таквата промена, односно јадењето како одговор на емоциите.
Нездрави обрасци на исхрана, проблеми со тежината и нарушувањата во исхраната може да се случат како последица од емоционалното прејадување.
За таа цел, истражувачите регрутирале 221 мајка на четиригодишни и петгодишни деца, а биле вклучени само мајките што биле подготвени да бидат доследни. Сите учесници најпрво пополниле анкета, каде што ги опишале практиките на хранење и однесувањето на детето во врска со храната. Мајките морале да му понудат храна на своето дете во четири различни услови: да ги регулираат емоциите на детето, како награда, да понудат храна во емоционално напнати ситуации и да користат храна за поттикнување, или обесхрабрување на одредени однесувања.
Од мајките било побарано да дадат извештај за способноста на нивните деца да ги регулираат своите емоции, а меѓу другото, прашалникот поставувал прашање дали нивните деца јаделе повеќе или помалку, како одговор на различни сценарија.
Студијата неочекувано покажала дека секоја практика на принудно хранење, односно поткупување со храна за да се смири ситуацијата – значела полоша емоционална регулација кај децата, што потоа било поврзано со зголемена тенденција за емоционално прејадување.

Додека истражувањата покажале дека компулсивното јадење е поврзано со способноста за регулирање на емоциите, другата крајност не е поврзана. Значи, одбивањето храна не е нешто што детето може да го научи од своите родители, туку е едноставно природна реакција на стресот. Иако студијата има ограничувања, бидејќи се заснова на самопријавени и краткорочни податоци, како и на фактот дека процената ги опфатила само мајките, се смета дека резултатите укажуваат на важна врска помеѓу однесувањето на мајките и преференциите за храна на децата.
Значи, следниот пат кога ќе почне детето да плаче без добра причина, можеби треба да се воздржите од поткупувањето на детето со чоколадо?
Автор: Наташа Крстичевиќ
912