Секоја година во светот се раѓаат 15 милиони предвреме родени деца, а во Србија околу четири илјади. Церебралната парализа може да се појави како резултат на предвремено раѓање. Кои се ризик-факторите, како изгледа рехабилитацијата, колку се видливи децата со церебрална парализа во општеството?
На Николина уште при раѓање ѝ била дијагностицирана церебрална парализа. Иако на нејзините родители им се чинело дека ќе биде тешко да води живот како нејзините врсници – таа ги демантирала.
„Одеше во редовна градинка, подоцна во редовно училиште. Денеска Николина е четврто одделение и учествува во сите активности исто како и другарките. Ова училиште е голема поддршка за неа и за мене како родител, бидејќи заедно работевме да го најдеме најдобриот начин за да функционира“, рекла Душанка Нанушевски, мајката на Николина.
Со помош на компјутер кој е приспособен на нејзините потреби и кој ѝ ја движи зеницата на окото, Николина дава одговори на прашања и успешно решава задачи. Сите околу Николина се трудат таа да биде прифатена, задоволна и среќна. „Физичко е предмет што таа не може да го практикува како другите, поради нејзината попреченост. Но, таа пишува презентација за спорт, здрава исхрана. Мислам дека тоа е многу важно и за неа и за општеството, бидејќи се испраќа порака дека без разлика на физичката ограниченост, нема такво ограничување во однос на тоа да научиме нешто“, изјавила мајката на Николина.
Церебралната парализа е предизвикана од оштетување на деловите од мозокот кои го контролираат движењето. Сепак, постојат многу случаи во кои причината за болеста е непозната.
– Ако знаеме дека предвреме родените бебиња имаат 30 пати поголема веројатност да развијат симптоми на церебрална парализа отколку навреме родените бебиња, тогаш предвременоста – предвременото раѓање е секако еден од најважните фактори на ризик – вели д-р Данијела Башчаревиќ, помошник-директор на Специјалната болница за рехабилитација.
Повеќекратните хендикепи често резултираат со слаба контрола на мускулите, вкочанетост, парализа и проблеми со говорот. „Помеѓу 40 и 60 проценти од луѓето со церебрална парализа имаат интелектуална попреченост, повеќе од половина од пациентите со оваа дијагноза имаат епилептични напади, имаат бавен раст и развој пред сѐ поради проблеми со голтањето и џвакањето“, вели д-р Данијела Башчаревиќ.
Не постои лек, но третманите и терапиите може да ги подобрат моторичките вештини и комуникацијата со околината. „Тоа првенствено зависи од клиничката слика на пациентот, но може да зависи и од типот на сензорно-моторните функции што моментално се практикуваат. Сензомоторната функција на стоење и одење е многу сложена и ќе биде потребно многу повеќе време отколку за некои други функции“, изјавила Оливера Милошевиќ, професионален физиотерапевт.

И во таа борба потребно е разбирање од општеството.
„Потребно е околината да биде толерантна кон нивните ограничувања и да ги прифати, не со сожалување, туку со желба сите овие луѓе да се интегрираат во општеството, да им се даде шанса и да ги искористат своите максимални потенцијали“, вели Никола Чулиќ од Регионална алијанса за церебрална парализа. Покрај третманите и терапиите во здравствените установи, најголем товар сè уште носат родителите. Експертите гледаат надеж во рехабилитацијата со помош на роботи, која би дала подобри и побрзи резултати кај децата со церебрална парализа.
Автор: Јована Вулиновиќ