Надица Илиевска, дипломиран нутриционист

Надица Илиевска, дипломиран нутриционист

„Нутриционист консалтинг“
тел. 078 221 044
е-пошта: nutricionistkonsalting@gmail.com

Повеќе од авторот

Здравите масти имаат витално значење во исхраната на децата и не треба да бидат строго ограничени

Балансирана исхрана богата со сите важни и неопходни нутритиенти е неопходна за правилен раст и развој на децата. Иако не е првиот нутритиент на кој ќе се сетиме кога размислуваме за здрава детска исхрана, мастите се неопходни за добро здравје на децата.

Здравите масти имаат витално значење во исхраната на децата и тие не треба да бидат строго ограничени. Во текот на детскиот раст и развој мастите помагаат во градењето на нервните ткива, вклучувајќи ги и мозокот и хормоните. Исто така, се важно енергетско гориво. Мастите имаат исклучително значење за искористување на витамините А, Е, Д и К. Затоа, за децата до 3 години мастите во исхраната не треба да се избегнуваат. Генерално децата треба да консумираат разновидна храна во која речиси една третина од вкупниот енергетски внес треба да потекнува од масти.

Сепак, не сите масти се еднакви и полезни за здравјето. Потребно е да се внимава децата преку исхраната да внесуваат претежно незаситени масти, заситените треба да се лимитираат, а трансмастите да бидат исклучени од детското мени.

Во вкупниот дневен внес на масти потребно е да доминираат мононезаситените и полинезаситените масти, кои ги вклучуваат и омега-3 масните киселини. Мононезаситените масти најмногу се застапени во семките од тиква, сусам, во маслинките и авокадото. Маслата од овие намирници се исто така богат извор на овие масти.

Добар оброк за дете е и парче интегрален леб со путер од кикиритки и зеленчук. Путерот од кикиритки има одличен масен профил, но истовремено е богат и со многу други корисни нутритиенти, па затоа секогаш го препорачувам како одличен избор за деца што можат да консумираат кикиритки.

Полинезаситените масти треба да се внесуваат преку сончогледот, маслото од ленено семе и секако рибата. Што се однесува до рибата, потребно е да се нагласи дека сините морски риби се богат извор на омега-3 масти, додека во белите риби овие масти се наоѓаат во значително помала количина.

Заситените масти се присутни во намирниците од животинско потекло и на нивниот внес треба да се внимава. Од растителните извори само кокосовото масло има висок процент на заситени масти, дури во поголема количина и од свинската маст. Затоа треба да се внимава со количините кокосово масло што им се даваат на децата, впрочем внесот на заситени масти треба да биде само 7% од вкупниот внес на масти. Други извори на заситени масти се месото, млечните производи и путерот. Што се однесува до трансмастите, тие воопшто не треба да се консумираат, се наоѓаат во процесираната храна и готовите производи, но може да ги има и во домашно подготвена храна која е пржена. Секако, во штетните производи спаѓаат и маргарините.

Како заклучок, адекватна количина на масти во исхраната на децата е важен дел од здравата исхрана, но точно е дека многу деца консумираат премногу масти, особено од непрепорачливи извори, што може да води до зголемување на телесната маса посебно кај физички неактивните деца. Затоа, за децата, што повеќе маслиново масло и риба и што помалку готови грицки и пржена храна.



912

X