Воспитување

Кога мама влегува во „игра“, почнува хаосот!

Една студија покажа дека во присуство на мајките децата го даваат најлошото од себе.

„Значи, никогаш не удрил никого. Вашиот син мирно ги решава сите конфликти!“, ми вели воспитувачката на мојот син во разговор пред градинката. Тишина. Зјапам во неа и мрморам: „Хм, дали сте сигурни дека зборуваме за истото дете?“, прашувам, триејќи го болниот колк во кој вчера од чиста мира ми се заби мојот див четиригодишник. Воспитувачката е збунета како мене. Мојот син всушност е мирољубиво дете, вистински Махатма Ганди во групата? Таа нема поим. И не знае дека мојот син сака да дивее, да се врти, да се залетува, да удира. Сешто“.

Оваа приказна на една мајка чие дете оди во градинка јасно покажува како им е на многу мајки со мали деца. Неретко мајките се жалат дека децата се неподносливи кога се дома, додека во градинка се послушни, убаво јадат и се вистински пример за убаво воспитани деца. Што може човек да заклучи од ова? Па, се разбира, нешто не е во ред со мајката. Таа не знае како да постапува со детето, таа нема авторитет, таа е некомпетентна и е преблага… Девастирачки заклучок за сите мајки. А причините зошто се случува тоа, се чини дека лежат во човечката природа.

Убавото однесување е дел од механизмот на природната селекција

Студијата на Универзитетот во Билефелд сепак може да ги утеши сите мајки во светот што го познаваат тој феномен – кога мама ќе влезе во „играта“, почнува хаосот.
Во период од 12 години истражувачкиот тим набљудувал деца што си играле сами, без мајките. Откако водачите на студијата ќе ја прателе мајката во просторијата каде што децата си играле, нивното расположение многу често нагло се менувало.
– Беше речиси застрашувачки да се гледа колку брзо се менуваше однесувањето на децата, како некој да вклучил некакво копче. Една минута претходно тие беа сосема задоволни. Но, штом ќе ја препознаеја својата мајка, веднаш почнуваа да ги покажуваат своите најлоши страни – вели Џејкоб Хајденрајк, водач на истражувањето.

Како и зошто мајката може повторно да го исклучи копчето?

За среќа, професорот Хајденрајк исто така има објаснување за ваквата теза: „Со своето однесување, кое погодува директно во нерв, децата ја тестираат отпорноста на своите мајки. Ако мајката успее да ги издржи викањето, бучавата, солзите и ударите, ќе биде подготвена за раѓање второ дете. Меѓутоа, ако тешко поднесува вакво однесување, веројатно ќе одлучи да не раѓа повеќе нови потомци. Така се спроведува природната селекција“, смета професорот.
Ок. Јасно е дека децата со своето лошо однесување влијаат врз мајчината желба за ново раѓање и со тоа си обезбедуваат  повеќе ресурси во семејството, но уште повеќе е јасно дека на мајките освен површните процени, во цела таа ситуација им треба поголема поддршка – во разбирањето на емоциите кои прскаат или се кријат кога мајката и детето се заедно, како и техниките што ќе ѝ овозможат на мајката да се носи со тоа што детето го дава во нејзино присуство – и најдоброто и најлошото од себе.

За градинката и послушните деца

Исто така, секогаш треба да се има на ум дека воспитувачките во градинката, иако топли, мили, можеби најдобри тетки на светот, никогаш не можат да ја заменат мама. Односот на детето кон тетката е пријателски, можеби и поврзан со убави емоции, но односот со мајката емотивно е многу подлабок и покомплексен. Тоа е причина зошто децата често се послушни во градинка, а дома всушност се она што длабоко во себе навистина се.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top