„Маркони! Па, дали е можно? Колку време не сум те видел!“, воодушевено рече Михајло и срдечно го прегрна својот драг пријател.

„Еј! Мики!! Колку ми е драго што те гледам!“ Лицето на Марко му се развлече во широка насмевка. „Воопшто не си се променил, не си ни сед во косата! Ти завидувам, да знаеш! Како си?“
„И ти воопшто не си се променил! Ист си како пред десет години, кога си замина! Чесен збор – ист! Само очила што имаш, другото е исто како вчера да сме се виделе!“, рече Михајло.

„Ма, ми истекоа очите, веќе не гледам ништо! По цел ден пред компјутерот, тоа си го зема данокот, добар мој пријателе! И, се здебелив малку“, рече Марко, тапкајќи се по стомакот… „но, не е ни чудо, нонстоп седам, па доаѓам дома и продолжувам да работам… Сето тоа си има своја цена. Што има кај тебе? Како се децата, сопругата…?“

„Добри се. Децата веќе и не се деца. Марта е втора средно, Димитрије прва година на факултет, има некоја девојка, живее со неа…“, рече Михајло.

„Ау… зар се толку големи?!“ се зачуди Марко. „Девојка? А , последен пат ги видов како земаа пакетчиња кај Дедо Мраз!“

„Да, да… Лета времето… Твоите?“

„Па и не ги гледам многу, искрено да ти кажам, ама добри се. Јован се запиша во гимназија, Ања е петто одделение. Марина работи во општина, како и претходно. Здрави се, тоа е најважно“.

„Ти си во некоја приватна компанија сега, ако добро се сеќавам?“

„Да си ми жив и здрав, променив јас три откако отидов и сега имам своја…“, рече Марко. „Нема веќе да работам за други. Навистина е тешко, мораш сам да си обезбедиш работа и одговараш за луѓето што ги вработуваш, мораш да платиш плати и сето тоа… Но работам како што сакам јас, на начин кој мене ми одговара, ме разбираш?“

„О, одлично, браво! Браво!“ се насмевна Михајло. „Своја фирма, велиш? Одлично!“

„Да, да… Минатата година ја регистрирав и добро ми оди. Многу се работи, но не се жалам… Каде што има работа, има и пари, знаеш како е… Ти како си? Како е горе?“, прашува Марко и со главата покажува во правец на училиштето. „Сѐ е исто?“

„Ма како исто, се промени колективот, дојдоа некои нови, млади… Директорка е сега Стојанка што предаваше физичко…“

„Па, зарем е можно? Стојанка? Хаха, па генијално!“ Марко ја запомнил Стојанка како млада и за негов вкус премногу слободна во облекувањето и однесувањето. Не можеше да ја замисли во улога на директорка.

„Што ќе правиш… Никој друг не сакаше. А од Министерството сѐ повеќе не задушуваат, премногу администрација, па сега се тука и електронските дневници…“, се жали Михајло.

„Па, добро, тоа би требало да ја олесни работата, барем не пишуваш сведоштва и книги… Кога ќе се сетам, по сѐ друго, па уште и матична книга…“, Марко превртува со очите.

„Малку е полесно, но сепак… Знаеш, ми се смачи веќе, децата се сѐ полоши, родителите сè подрски…“, одмавнува со раката Михајло.

Марко ги наведнува рамената. „Тоа секогаш било така…“

„Не… Од година на година е сѐ полошо! И додека се свртиш, пак одново, утринава сфатив дека имам само уште дваесет дена до првата седница и баш ми се смачи!“, рече Михајло.

„Хаха, јас годишно немам толку одмор! Ќути и уживај!“ се насмеа Марко.

„Да, да… Кутриот ти… Многу ми е жал! Што ти фали, види каков си, сјаеш!“, рече Михајло.

„Не сум кутар, ама знаеш, сѐ си има свое. Јас најдобро знам да споредам. Во училиштето нема некои услови, но затоа е кратко работното време, големиот распуст…“ Марко сакаше да продолжи со споредувањето, но Михајло го прекина.

„Какво црно кратко работно време? Па ти зарем си заборавил како изгледа тоа? Си заборавил на подготвувањето на часовите, контролните тестови, писмени, родителски… Па потоа седници, па инспекција… Тој фамозен летен распуст е само бајка, јас добивам решение на дваесет дена, како и секој друг! Само што јас не можам да одбирам кога ќе ги добијам тие дваесет дена, туку кога летувањето е најскапо! Би сакал да можам и јас да барам одмор во септември, или во јуни, па да летувам за половина цена!“ Распустот и работното време за Михајло беа најболни теми. Сите мислеа дека работи кратко и дека долго се одмора, но тој најдобро знаеше дека тоа нема врска со реалноста.

„Хехе, немој мене за тоа, пријателе! Го знам јас сето тоа… Ајде, кој подготвувал час од нас?“, Марко му намигнува на Михајло. „Сети се на што личи тоа! Па десет минути по ѕвонењето на ѕвончето, Сања и Нада уште зборуваат во ходникот, децата дивеат во училница, за што зборуваме ние? Дај, те молам… И тоа дека налето имаш дваесет дена, немој мене тоа да ми го кажуваш! Единствено ако имаш осмоодделенци мораш да бидеш тука заради приемните, некаде до 10 јули можеби, па следниот пат ќе те видат на крајот од август, а тогаш ни половината од наставниците не доаѓаа бидејќи му се јавуваа на директорот да му кажат дека се на море. А оние што немаат осмоодделенци, веќе од Видовден (28 јуни) ги нема, а од последниот час во јуни до Видовден доаѓавме на саат-два, да испиеме кафе и да си позборуваме“, Марко го тапкаше другарот по рамо – „Се знаеме, зарем не?“

„Полека, полека, тоа можеби било така кога ти си работел. Сега е поинаку. Сега ги носиме дома документите што ги пишуваме и предаваме…“, рече Михајло.

Марко го прекина: „Јас ја носам работата дома секој ден, еве погледни“, рече покажувајќи му ја торбата во која имаше лаптоп и документи. „Гледаш, доаѓам дома во осум, како сега, малку ги гледам децата и сопругата, седнуваме половина час заедно и потоа продолжувам да работам! Марина веќе одамна е гневна, вели дека децата веќе не ме препознаваат, но што да правам? Кога работев на училиште, можев да ги водам и на фудбал и на танц, да им читам приказни, да шетаме, да разговараме, а сега тоа го нема. Затоа можам да им платам летување во Шпанија, да имаат добри мобилни телефони и да штедам за мастер-студии во странство“.

„Да, ама ти си сам свој газда, а мене ми стојат над глава и министерството и инспекциите…“

„Мене секој проект ми е под инспекција. Секој клиент ми е инспекција. Да видиш како е кога ќе почнат да викаат и да го бараат невозможното… Па се закануваат, па не сакаат да платат… е мој…“

„Не е работата во училиштето бајка како што ти се чини…“

„Тоа е во ред, но јас секогаш ќе ги бранам просветните работници кога ги напаѓаат, бидејќи и понатаму сте некако мои…“, се насмевнува Марко и го тапка Михајло по грбот… „Но, дај барем ти и јас да зборуваме искрено. Да, бедна е платата, но само кога ќе се сетам, во вторник имав само два часа. Доаѓав дома во десет! Завршен работен ден! Па, го има ли тоа некаде?“

„Јас немам никогаш под четири, што зборуваш“, вели Михајло.

„Па, и четири кога имаш доаѓаш дома напладне“, одмавнува Марко со раката. „Дај да не се лажеме. Мислам, не е ни важно, не знам и зошто зборуваме за тоа, но кога веќе зборуваме, дај барем да биде искрено!“

„Доаѓам дома со полни раце вежбанки и хартии. Тоа си го заборавил!“, се лути Михајло.

„Еј, па јас ја работев таа работа! Јас знам колку трае распустот! Одевме кај дедо ми и баба ми на море, Господ да не заборави. Седевме таму од први јули до дваесетти август! Децата научија да пливаат кога имаа само три години! Сега едвај да издвојам осум дена и тогаш пак го носам лаптопот на пат и одговарам на барањата на клиентите!“

„Но, ти си за тоа барем платен. А, види не нас!“

„Добро, тоа е посебно прашање!“, се насмевна Марко, надевајќи се дека конечно се согласиле.
„Не е, ама нема врска, нема да се расправам со тебе, не сум те видел со години. Не е ни важно. Ќе одиме на некое пиво, да позборуваме за сопругите, а не за училиштето?“, се обиде Михајло да се пошегува и да ја промени темата.

„Би сакал, но не можам, ми истекува рокот за проектот, не знам кај ми е главата!“, рече Марко.

„Дај, ќе пропадне српската економија ако отидеш на пиво со пријател!“, се насмеа Михајло.

„Не разбираш, ќе ме распнат ако не завршам до петок! Отиде и репутацијата по ѓаволите. Сите се поврзани, ако зафркнеш еден, тоа ќе се расчуе и потоа никој нема да сака да работи со тебе, сфаќаш? Морам да ги бркам клиентите, да бидам максимално добар, да ги трпам сите навреди… Како тебе кога ќе ти дојдат родители, па ти се закануваат, ама тебе не ти е гајле и идната година ќе имаш полно одделение, а овде не е баш така!“

„Добро, добро, тебе ти е најтешко, разбрав. Малку да се вратиш во нашите води, не би зборувал така!“, разочарано вели Михајло. Подобро да се направев дека не го гледам. Сега веќе ме нервира, си помисли.
„А што седиш таму ако е толку грдо? Мене ми дојде преку глава и си заминав. Зошто не си одиш и ти?“, праша Марко.

„Па, што друго да правам? Кој ќе ме сака на 56 години?“, рече Михајло.

„Тогаш убаво кажи – овде сум затоа што ми одговара и тоа е тоа. Немој да се нервираш. Почекај ја пензијата и молчи“, му вели Марко. Најмногу го нервираше жалење и лелекање во празно бидејќи тој беше поинаков – ако нешто не е во ред, тој тоа го менуваше брзо и одлучно.

„Не ми одговара ништо. Платата ми е мизерна, условите криминални. Ништо не ми одговара…“, рече Михајло.

„А види го сега ова. Јас работам просечно 12 до 15 часа дневно“.

„Ајде те молам…“, Михајло не му веруваше. „Никој не може да работи толку“. Лаже и зборува глупости, си помисли.

„Ти велам. Прашај ја Марина ако не ми веруваш. Ајде нека бидат 13 часа. И сабота и недела барем по 8. Тоа е неделно… чекај да видам…. околу 80 часа. И од 52 недели активно работам барем 50. Тоа е…“ Марко го извади мобилниот телефон за да пресмета.

„Не мораш, разбирам што сакаш да кажеш…“, рече Михајло нервозно. Сакаше да си оди по својот пат и да ја прекине оваа непријатна приказна.

„Не, не, чекај… 80 пати… 50… ау… Сега и мене ме изненади… четири илјади часа!“

„Да, да, не одиш ни во тоалет, ни ништо!“

„Чекај, чекај, полека! Еве тебе ќе ти кажам, минатата година имав вкупен обрт од 130 илјади евра!“

„Ауууу“, Михајло не можеше да поверува. Лесно му е нему да зборува и мене да ми соли памет. Јас да имам 130 илјади евра, би прашал колку чини Албанија!

„Чекај, чекај… од тоа на плати, трошоци и останати придонеси ми заминаа околу 34. И кога платив три програмери и секретарка и чистачка, па и даноци и придонеси за сите нив и закуп на просторија и реклама и што уште не, знаеш ли колку ми останаа?“

„Ајде, баш да слушнам!“, рече Михајло, но беше уверен дека ниедна од тие информации не е точна. „Сега ќе почне да лелека и дека е тешко со 130 илјади евра!“

„22 илјади евра нето!“

„Па, што се буниш?! Па, јас би пеел да ми останат толку пари!“, рече Михајло, а во себе помисли: Колку лаже, пред малку 130, сега 22. Срам да му е!

„Премини во приватен сектор, отвори своја фирма, да видиш како е!“, рече Марко. Големата одговорност во водењето на сопствената фирма и огромните трошоци му беа секогаш болна тема.
„Еј, дај те молам, сега се нервирам. Дај да се видиме, но да не зборуваме за ова, очигледно не се разбираме!“, рече Михајло.

„Знаеш ти дека вистината, која се обидуваш да ја сокриеш, најмногу нервира“, се насмеа Марко.

„Немој да ми се лутиш, стар мој пријателе… Ќе се видиме. Само да го завршам овој проект“.

На Марко му ѕвонеше телефонот, а тој погледна со страв кој го бара. „Извини, секунда, морам да се јавам“, рече. „Да… Да, да, еве за неколку минути ќе бидам пред компјутер, па ќе ве побарам. Ќе завршиме вечерва, не грижете се! Во ред, ви ветив, ќе биде готово утре. Се слушаме малку подоцна“. Марко завршува со разговорот и пцуе на глас. „Ете, гледаш како тоа изгледа. Така е и за викенд и наутро и навечер… Ако тоа ти се допаѓа повеќе, дојди кај мене да работиш, има работа за тебе секогаш! Морам да одам, поздрави ги твоите и поздрави ми ја екипата на училиште. Многу ми недостигате!“

„Се гледаме!“, одглуми љубезност Михајло. „Најлоши се овие новопечени богати луѓе. Најбрзо забораваат како им било кога работеле за мали пари. Следниот пат нема ни да му се јавам, навистина не ми требаат овие глупости“, помисли Михајло и бесно продолжи кон дома.

Автор: Маја Бугарчиќ, некогашна наставничка по англиски јазик, сега вработена во приватен сектор



912

X