Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето синче има 22 месеци. Веќе 6 месеци (најчесто) кога ќе се налути, се мава по главата со тупаници. Понекогаш се случува тоа да го направи при смеа или игра, но со помал интензитет, на поблаг начин. Тоа значи дека кога е лут и нервозен, го прави тоа многу силно. На што може да е резултат ова? Го чува баба му. Кога реагира така, сите знаеме да го повишиме тонот.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Драга мајка, децата во оваа возраст се соочуваат со емоции кои и самите не ги препознаваат и имаат тешкотии да ги канализираат и да се ослободат од нив. Лутината е едно од најжешките и најдраматичните чувства. Детето реагира луто доколку се почувствува понижено, повредено, осамено, изолирано или кога чувствува страв, или кога се обидува со лутината да ви укаже дека нешто не е во ред. Ваквите емотивни доживувања вашето дете не умее да ги препознае, не знае како со нив да се справи и сето тоа прави да се чувствува беспомошно и реагира на ваков начин, со удирање на главата.

За успешно да се носите со лутината на вашето дете, прво мора да откриете што точно тоа чувствува и зошто го прави ова. Овде е важно и тоа колку детето зборува, т.е. колкаво е нивото на развој на говорот. Колку вокабуларот во говорот на детето е помал, толку поинтензивни ќе бидат и емоционалните реакции од причина што детето не е во состојба да ги вербализира и да ги објасни со зборови чувствата и што му се случува. Понекогаш ќе треба да му помогнете да го опише чувството.

Христина Стефановска

Помогнете му на вашето дете да се справи со лутината на начин што прво ќе ја прифати како дел од себе, а потоа ќе ја пренасочи и канализира нејзината енергија во корисни и продуктивни активности од кои ќе добива позитивна себепотврда. Во ситуација на лутина кај вашето дете најпрвин и најважно е вие како родители да останете смирени и имплицитно, т.е. преку модел да му покажете како вие реагирате на вашето чувство на лутина, на пример, велејќи му: „Не ми се допаѓа кога ја удираш главата, можеш да се повредиш. Таму е сместен најважниот орган на човекот“. Па потоа опишете му малку и за тоа.

Објаснете му што значи да се биде лут, како изгледа лутината, што му прави на телото, лицето, рацете и нозете. Каква боја има таа, дали изгледа како еден пожар кој треба да го изгаснеме. Во оваа возраст, на пример, јас користам една моја авторска песничка за деца „Јас сум семафор“, која вие ќе ја менувате и дополнувате вклучувајќи ја секоја ситуација на лутина со која ќе се соочите заедно со вашето дете. Таа може да ви помогне да го научите детето да го именува чувството на ЛУТИНА и да ја согледува причината за тоа. Потоа и да му понуди вештина на одбројување со која ќе го стабилизира чувството. Ова е важно бидејќи колку порано детето ќе ја осознае и социјализира лутината, толку побргу ќе стане посмирено и опуштено дете.

 

Одговара: Христина Стефановска, лиценциран психолог, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com / psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X