Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Веќе подолго време сакав да ви се обратам и еве сега најдов време.
Се работи за мојот син, има три и пол години. Тој е 2 месеци предвреме родено дете и од таа причина веќе околу две години работи со дефектолог, го носиме на секакви контроли.
Инаку детето си зборува убаво и јасно посетува и градинка и сака да оди. Меѓутоа има еден момент за кој сум премногу загрижена. Дома премногу вреска без причина и има тантруми ако нешто не добие, плаче до заоѓање и почнува да ме удира. Во тие моменти на испади се обидувам да бидам смирена па да му објаснам потоа, но како да нема ефект ниту тоа, си продолжува пак по исто.


Инаку се разбира што му зборувам и кога ќе почне да вреска му викам „престани“ и добивам одговор „сакам да врескам“.
Ги прашувам учителките во градинка и тие велат дека не вреска т.е. исто се однесува како и другите деца. Ако може совет, веќе ситуацијава ми излегува од контрола и се чувствувам немоќна и исцрпена .

Прашува: мајка

ОДГОВОР: Почитувана мајко, најпрво ви благодарам за вашиот допис. Состојбата со која се соочувате за жал е многу честа појава со која се соочуваат голем број на родители и за која сме пишувале многу пати до сега во рубриката „Прашај психолог“. Ве охрабрувам да ги прочитате досега дадените одговори на оваа тема, бидејки верувам дека истите ќе ви дадат убави увиди и практични начини на кој начин можете да пристапите.


Вообичаено на возраста од 3 години позади тантрумите стои силна фрустрација која детето не може да ја држи во себе, а и не може соодветно да ја канализира поради тоа што сеуште е мало и неговите капацитети за справување со силни емоции не се сосема доразвиени. Друга причина која може да стои позади тантрумот е обид на тој начин да влијае врз вас и другите лица од најблиската околина, т.е. истиот да претставува обид за свесна или несвесна манипулација. Затоа најпрво е важно да застанете и да видите на кој начин вие лично реагирате кога вашето дете има тантрум? Како реагираат останатите лица во вашата најблиска околина? Ова може да ви донесе значајни увиди во однос на нештата кои ги правите, или не ги правите, а кои можат да придонесат за појавата на тантрумите.

Напишавте дека кога вашето дете има тантрум вие се обидувате да останете смирена и да му објасните, но не ми давате јасна слика за тоа што се обидувате да му објасните и на кој начин. Ова е многу важно бидејки може да направи огромна разлика. Доколку се обидувате да му објасните на детето зошто не треба да се однесува така и зошто треба веднаш да престане да вика, тогаш се плашам дека се впуштате во невозможна мисија. Ако неговиот одговор како што ми пишувате е „сакам да врескам” тогаш мора да прифатите дека детето можеби се однесува на тој начин бидејки во моментов и не може да се однесува на било кој друг начин, т.е. дека не располага со ништо друго кое ќе му помогне да ја извентилира силната емоција која го притиска. Единствено нешто што во моментите на тантрум можете да го направите е да креирате безбеден простор за детето да извентилира без обид да го попречете. Имајте на ум дека голема е веројатноста секој обид да го стишите во моментите на тантрум за жал да доведе само до влошување, бидејки детето веројатно ќе се почувствува неразбрано и дополнително фрустрирано.

Во справувањето со тантрумите многу е полесно да се превенира отколку да се санира. Затоа ве охрабрувам да гледате во тоа кои се можните причини кои би можеле да стојат позади тантрумот, т.е. што би можело да биде тоа што го прави детето да се чувствува луто и фрустрирано. Исто така многу е важно да погледнете на кој начин вие реагирате кога вашето дете изразува лутина, несогласување и отпор? Дали изразувањето на лутина или несогласување е нешто кое е дозволено или не е? Лутината е одраз и на личната воља, т.е. начин детето да каже дека нешто не сака или нешто со кое не се сложува. Кои се нештата кон кои вашето дете покажува отпор? Какви се најчесто вашите реакции на тој негов отпор? На кој начин би можеле да го уважите тој отпор со цел да се обидете да изнајдете заеднички прифатливо решение?

Втора значајна работа во која е важно да погледнете се спецификите на вашето дете. Секое дете е посебно и различно и за да ги разбереме потешкотиите со кои истото се соочува многу е значајно да погледнеме на кој начин тоа е поразлично од другите деца. На почетокот на вашиот допис ми напоменавте дека вашето дете е предвремено родено, и дека поради тоа сега веќе извесно време посетува дефектолог. За жал во истиот не ми давате појасна слика во однос на потешкотиите со кои се соочува вашето дете, односно на што точно работи со дефектологот. Многу е важно кога гледаме во феноменот на тантрумите да погледнеме во причините кои доведуваат до бурното однесување кое во моментите на тантрум детето го манифестира. Кај децата кои се соочуваат со некаков развоен проблем често пати знае да се јави посилна фрустрација поради нивната оневозможеност да функционираат на истиот начин како и своите врсници, па поради ова да се појави и зачестена феноменологија на тантруми. Исто така, чест феномен кој се појавува кај родителите на деца кои се соочуваат со некаков развоен или здравствен проблем е свесната или несвесна родителската препротективност. Во ваквите случаи родителите преку своето однесување како да сакаат да му компензираат на своето дете за потешкотиите со кои истото се соочува на тој начин што свесно или несвесно се обидуваат да им асистираат во се и сешто или во целост ги прават нешата наместо децата. Ваквото родителско одднесување често пати креира отпор и лутина кај се посамостојните 3-годишници, кои се почесто сакаат нештата да ги прават сами и на свој начин.

За жал од вашиот допис немам доволно јасна слика за што точно станува збор во вашиот случај и поради тоа сум оневозможена да ви дадам појасен и поконкретен одговор. Но, се надевам дека информациите и прашањата за размислување кои ги споделив ќе ви дадаат појасна насока за размислување и трагање по најсоодветното решение за проблематиката со која се соочувате.

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт, практичар по игровна терапија во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X