Кога е вистинското време детето само да оди во парк, колку долго треба да трае излегувањето, како да го подготвите и што е важно да му напоменете, а и како вие да го „преживеете“ овој голем чекор и да му бидете поддршка, а не кочница на детето?
Кога ќе му дозволите на детето првпат да оди без вас во парк или во продавница – тоа направило чекор напред во својот развој. Малку пораснало, созреало и се осамостоило. Сакајќи што повеќе да ги заштитат своите деца, многу родители тој момент го одложуваат мислејќи дека децата не се подготвени за такви предизвици. Факт е, меѓутоа, дека децата се многу поподготвени отколку родителите.
Како да го организирате првото одење во парк?
Пред првпат само да оди во парк, подгответе го детето преку разговор за тоа што го чека таму и како треба да се однесува. Најдете му друштво – познати деца и родители. Може да се договорите со детето и да направите неколку пробни, полусамостојни престои во паркот. Во тој преоден период вие бидете во паркот, но на одредено растојание (доволно блиску за да го гледате, а и тоа вас, и доволно далеку за да не го слушате што зборува). Вашето присуство е драгоцено додека детето сосема не се осамостои.
Колку треба да трае првото излегување без родители?
Детето што е на рана претшколска возраст познава само сега и овде, па понекогаш вашите 10 минути може да му се чинат како вечност. Затоа, првите самостојни излегувања нека бидат кратки, а потоа постепено ќе ги продолжувате.
На колку години детето е подготвено само да оди во парк?
Индивидуалните разлики меѓу децата се многу големи, па не постои граница на возраст што би важела за сите деца. Сепак, колку и да е самостојно детето, не би смеело да остане без надзор од возрасен пред седмата година. Исклучок е кога детето е во дворот на куќата или во група со други деца и под надзор од друг родител.
Како да се процени дали детето е подготвено?
Прв знак дека детето е подготвено да остане само надвор е неговото инсистирање на тоа. Иако децата често ги преценуваат своите можности, родителите главно се премногу заштитнички ориентирани, па мислат дека децата се понезрели отколку што се. Некои од условите се: детето веќе има останувано без вас (кај баба, во градинка или со бебиситерка), самостојно е и на други полиња, во границите на својата возраст (облекување, собување, основни хигиенски навики).
Како да постапите кога детето сака да оди само, а вие сметате дека е прерано за тоа?
Мора да бидете сигурни дека вашите причини се објективни, односно дека не се обоени со претерана заштитничка улога. Ако причините се објективни, објаснете му ги на детето. Тоа има право да знае зошто нешто не му дозволувате и што е потребно за да се промени тоа.
Дали треба да го терате детето само да излегува ако не сака?
Детето подобро од вас знае дали е подготвено за некоја активност или не. Нема потреба да инсистирате. Самостојниот престој надвор не може да се избегне. Ако не порано, неизбежен е кога детето ќе почне да оди во училиште, а ако инсистирате прерано да го осамостоите детето, може да се јави отпор и страв.
Што ако детето доживеало некоја непријатност додека било само надвор, па повеќе не сака да излезе?
Почекајте стравот да избледне. Воздржете се од следниве коментари: „Ти си веќе големо момче, глупаво е што се плашиш“. Подгответе се за многу разговори и многу трпение. Иако тоа што го доживеало како непријатност вам може да ви изгледа глупаво, за него може да биде трауматично. Затоа, сериозно сфатете го неговиот страв. Исклучок се само оние случаи кога детето е склоно кон манипулација, измислување, избегнување… како начини за да ги постигне своите цели.
Три важни совети
1. Безбедност. Се подразбира дека ќе ја проверите безбедноста на паркот пред да го пуштите детето таму без вас. Исто така, освен своето име и презиме (што детето го усвојува на рана претшколска возраст), важно е да ја знае и точната адреса и бројот на вашиот телефон.
2. Непредвидени ситуации. Објаснете му на детето дека секогаш може да се случи нешто непредвидено и дека тогаш ќе мора да знае да се снајде. За да сфати за што зборувате, поставете му на детето неколку „што ако“ прашања. На пр., што ако заедно одиме во шопинг и одеднаш се изгубиме? Што ќе направиш ако видиш дека ме нема? Детето може да одговори дека ќе стои и ќе ве чека, дека ќе побара помош од некој возрасен, дека ќе се врати дома…
Секако, објаснете му што треба да направи и дека тоа е една од оние ситуации кога е многу важно да ги знае своите основни податоци.
3. Непознати луѓе. На претшколска возраст детето ќе почне да учи дека луѓето се разликуваат – не само по изгледот или основните податоци, туку и по нивните добри или лоши намери. На пр., „Кога разговараш со некоја непозната возрасна личност, не мора да ти се случи ништо лошо. Но, ако не ја познаваш таа личност, не знаеш каква е и што сака од тебе. Затоа, за да се заштитиш, немој да разговараш со непознати личности. Во ред е да одговориш на ‘добар ден’‚ или на некое попатно прашање, но не смееш да дозволиш тој некој да те зазборува и ни случајно немој да ги прифаќаш предлозите што може да ти ги даде“.