Имам дадено многу тројки на маалските кошеви и многу пати го имам оставено гласот на натпреварите на МЗТ со Работнички. Ги знаев сите мачиња и кучиња, патчиња и камчиња на кејот на Вардар. Летата ми минува во кампот на езерото Треска, каде што заедно растевме со другари и другарки од различни етнички припадности, на тревите, полјаните, во реката на камењата и мовчињата, на езерото и скокалниците, во флиперницата, се присетува Слаѓана.

Бев навистина добро воспитано, културно дете, а тоа е заслуга на моите родители. Тие ме научија да ми биде секојдневие и леснотија поздравување на соседите, помагање на постарите, почит и разбирање кон другарчињата. Но, да не ги откривам само позитивните особини, бидејќи тие ќе речат: „Ах, ние си знаеме.“ Дедо ми многу често ме нарекуваше ризично дете. Како мала обожавав да се качувам на дрвја, да трчам брзо и не секогаш на места наменети за тоа, па многу често се изложував на ризици од кои ден-денес си носам белези, ни споделува актерката Слаѓана Вујошевиќ, која освен што својата уметничка енергија ја вложува во глумење, го позајмува и гласот за Биби од „Светот на Биби“.

Слаѓана е родена во Скопје, а детските денови ги минувала во населбата Острово и кај „Три бисери“.
– Имам дадено многу тројки на маалските кошеви и многу пати го имам оставено гласот на натпреварите на МЗТ со Работнички. Ги знаев сите мачиња и кучиња, патчиња и камчиња на кејот на Вардар. Летата ми минува во кампот на езерото Треска, каде што заедно растевме со другари и другарки од различни етнички припадности, на тревите, полјаните, во реката на камењата и мовчињата, на езерото и скокалниците, во флиперницата – се присетува Слаѓана.

Фантазирала да биде детектив

Вели дека минувала низ различни фази за тоа што сака да биде кога ќе порасне. Но, можеби детектив е она што најмногу се истакнува.

– Дури и археологијата ми беше интересна, токму поради детективскиот инстинкт – истражувањето и ископините. Се сеќавам дека го обожавав и предметот биологија. Делумно поради купот празни шишиња за лекови и рецептите на дедо ми Џеве, а делумно и поради наставничката по биологија Радмила од ОУ „Браќа Миладиновци“. Ух, сега се сеќавам, јас навистина сакав да бидам и наставничка. Јас дури и имав големи тетратки кои требаше да претставуваат училишни дневници. Па минав и низ фаза исполнета со љубов кон кошарката, со која ме заразија моите драги тренери Џељо и Велика и, секако, клубот Студент. Но, морам да напоменам дека актерката си беше постојано присутна во овој процес на себепронаоѓање, беше присутна во сите игри, и во детективката, археологот, докторката, наставничката… Наставничката дури и доби своја телевизиска реализација во детската серија „Умни глави“. Е тогаш актерката почна да расте – раскажува Вујошевиќ.

Како мала имала голема способност да фантазира и да креира илузии.

– Многу успешно и уверливо си ја претворав мојата детска соба во разни светови, а играчките се трансформираа во секакви ликови и таа уверливост траеше со часови. И денес, при професионалните креативни процеси, одново и одново се стремам кон искрено, отворено и посветено замислување, сонување и креирање, но морам да забележам дека сето тоа не е со толкава леснотија како во детството – истакнува таа.

Омилено место – кампот Треска

Памети убаво, мирно, среќно детство. Со многу гушкање и милување со родителите, интересни приказни и случки прераскажани од нејзините баби и дедовци, и безброј измислени игри кои траеле со часови со нејзините најдобри другарки и другари… Памети и многу природа, чист воздух, родендени, прослави, бајрами, велигдени…

Омилено место од детството и е кампот на езерото Треска, каде што од четиригодишна возраст секое лето кампувала со нејзините родители.

– Тука научив да пливам, да ја сакам, чувам и да уживам во природата. Тука го јадев најубавиот грав, дињи, лубеници, домати од чичко Сетки од село Глумово. Тука ја запознав мојата прва симпатија, со која игравме граница и сервис. Со другарките организиравме маскенбали, натпревари за убавина, беревме цвеќиња и изработувавме алки, па ги продававме и со парите игравме на флипери со часови. Тука зборувавме на телефонска говорница со бабите и дедовците, со другарките кога се дома… Тука ги знаев сите дрвја, и тие со смола и тие со цврсти гранки за качување, тука си ја дупнав главата, и од тука ми е белегот на десната нога… и не жалам за ниеден момент, за ниеден спомен… и сè би дала да се повтори секоја секунда од детството минато тука – со емоции раскажува Слаѓана.

Лекција од детството

Една од нејзините случки од детството што и ден-денеска се радува кога ја раскажува се одиграла токму на Треска.

Со баба Загорка и дедо Радоња

– Јас имам околу 7 години и со мојата најдобра другарка и нејзината мајка одиме кон единствениот маркет поставен во срцевината на кампот. Нивното семејство е поимашливо и секогаш ми подаруваат слатки, сладоледи и сокчиња. Но, од нигде никаде кај мене се раѓа желбата овој пат јас да почестам, а за тоа немам доволно пари, џепарлакот е лимитиран, а детската гордост не ми дозволува да побарам повеќе од моите родители. И штом мојата другарка со мајка ѝ заминаа кон рафтовите, а продавачката се упати кон другата страна на продавницата за да се јави на жичениот телефон, јас останав сама со безброј бонбони во шарени бои околу касата. И наеднаш мојата рака сама од себе се впушта кон едно од примамливите кутичиња и несмасно го крие под тесните бициклистички. Се враќаат сите кон касата и се подмирува сметката, а бонбоните несмасно виреат од моите бициклистички. Мене погледот ми е закопан во подот и едвај чекам да си одиме. И само што излегуваме, еден од чичковците што играа табла пред маркетот, ме погледнува со доза прекор кој ми ги зацрвенува образите. Тивко споменува: „Мислам дека имаш нешто што не е платено!“ Тој дискретен прекор ќе ми остане засекогаш, ме посрамоти пред себеси, а ми даде уште една шанса пред другите. Срамежливо ги враќам бонбоните. Неговата мекост во лекцијата што ми ја одржа е она што ме научи дека не е убаво да се краде. Си одиме кај своите приколки, а мојот детски темперамент не ми дозволува да премолчам и од збор до збор им раскажувам сè на моите родители. Наместо груб прекор, добивам разбирање за мојата грешка, и токму овој пристап ме гради во личност која никогаш не ја повторува грешката – ни сподели Вујошевиќ.

Со баба Цвета и дедо Џеват

Правела детективски досиеја за симпатии

Се радувала на ситници. И на случки, и на места, и на вкусни јадења…

– Прво ми доаѓа на памет оној обичај кога се амка излупено варено јајце, кое виси од плафонот на јаже и домашните се собрани и кој прв ќе го фати со устата (а рацете се забранети), победува и има среќа цела година. И веднаш ми текнува на мојот вујче Руди, кој секогаш неуморно, до бескрај играше со мене и со мојата братучетка, и нѐ смееше до солзи – дополнува Слаѓана.

Обожавала да си игра детективи со најдобрата другарка Илина.

– Нашиот тим дури и имаше и име – „Црни кобри“. Многу посветено, обични папки ги претворавме во досиеја за симпатиите. А, за тие што не знаат, досие на симпатија содржи информации од типот: омилена боја, омилен кошаркарски тим, маица што најчесто ја носи, песна што ја знае напамет… Никој не би смеел да ја смета оваа игра за едноставна, бидејќи овие информации, во времето кога не постоеја социјалните мрежи, се добиваа по навистина долго истражување – раскажува Слаѓана.

Подигнување свидетелства во ОУ „Браќа Миладиновци“

Иако е единица, не е разгалено дете

На прашањето чии лекции будно ги следела, вели дека од татко ѝ секојдневно учи да биде потрпелива и во сите нешта прво да го гледа доброто, а мајка ѝ е пример за упорност и истрајност во работите.

– Бабите ме научија на вистинско слушање, мекост, смиреност, женственост и строгост по потреба, а под влијание на дедовците ги развивав својот темперамент, елоквентност и стаменост. Безброј ситни лекции за добро однесување од тетките, стрините, чичковците и тетините… Многу наставнички оставија белег врз мене со својата конкретност, посветеност и внимание, многу професор(к)и ме научија на разбирање. Ми се чини секојдневно учам и од случајни минувачи, од тетката што потрча да му го даде паричникот на човекот пред неа, велосипедистот кој ѝ помогна на бабичка да премине улица, до детето кое згрижи повредено маче. Лекциите и поуките се секаде околу нас, наше е да ги отвориме очите – вели таа.

Со другарка ѝ Илина

Иако е единица, во нејзиниот дом важеле строги правила и воопшто не била разгалено дете.

– Се јадеше на маса, а не по цел стан. Немаше јадење што не ми се допаѓаше, дури и бамјата беше изедувана докрај. Собата секогаш мораше да биде под конец, нема расфрлени алишта и нема шноли на подот, а, од друга страна, секое мое другарче имаше своерачен потпис на мојот ѕид. Моите родители ми дозволуваа да цртам по ѕидот на мојата соба. За разлика од некои мои другарчиња, имав ограничен излез, и секогаш бев точно навреме дома. Моите родители знаат да ми се извинат кога ќе погрешат и со тоа ме научија јас да кажувам „извини“ без задршка. Тие денес се радуваат на моите успеси, но се и првите и најстроги критичари – истакнува Вујошевиќ.

Кошаркарскиот клуб Студент

Омилен цртан – „Том и Џери“

Омилена приказна ѝ е „Малиот принц“, која татко ѝ ѝ ја читал пред спиење.

– Никогаш не додржував докрај да ја чујам и се губев во сон… но ми се чини малиот принц ми се проткајува и ден-денес со својата искреност. Никогаш не ми беше доста од „Том и Џери“, а и ден-денес. Омилено ми е сивото глувче, кое јаде сè и сешто и се перчи со големото меше – вели Слаѓана.

Основно образование завршила во ОУ „Браќа Миладиновци“. Памети многу игри во дворот.

– Паметам три прекрасни наставнички со исто име – Вера, паметам љубов кон предметот историја поради Љуба, кон биологија поради Радмила, паметам математички равенки зададени од Чочка. Паметам рецитали организирани од наставничката по македонски Дунимагловска, а ми се чини најмногу го паметам мирисот на библиотеката и разговорите со библиотекарката Донка. И, се разбира, сите кошаркарски натпревари на кои победувавме, ние, Златната Тројка – Илина, Еко и јас – вели Слаѓана.

Во „Орце“ ги изиграла најјаките кошаркарски натпревари

При запишување во средно училиште клучно било постоењето на билингвална паралелка, поради желбата да го изучува францускиот јазик.

– Дилемата беше помеѓу „Корчагин“ и „Орце“. Искрено, не се сеќавам како победи „Орце“, но многу сум среќна што се случи тоа. Годините поминати во „Орце“ за мене се посебни. Тука ги изигравме најтесните кошаркарски натпревари, најдрагите театарски претстави, тука ги организиравме најубавите дружби и седенки! Во „Орце“ се професорите кои нè учеа на правите вредности и ни всадија вистински квалитети, од „Орце“ ми се најдрагите личности со кои и ден-денес негувам вистински пријателства. И само што ја завршувам реченицава, посакувам сите нив да ги изгушкам – додава Вујошевиќ.

Партнерот за матура, Борјан Ѓузелов

Преку проектот „Светот на Биби“ таа има мисија да им го разубави детството на децата. Вели дека како тим се обидуваат да наметнат вистински вредности, да промовираат добро воспитување, почит кон постарите, толеранција кон различностите и грижа за природата.

– Многу ни е драго кога родители чии деца редовно го следат овој проект ќе ни признаат дека децата некогаш ги коригираат, повикувајќи се на Биби. Инаку, целото детството си има своја убавина и затоа треба на секое дете да му се овозможи да го ужива и правилно да го надраснува секој дел од него – завршува актерката.

Фото: Приватна архива



912

X