И оние што ја поминале адаптацијата пред една-две години овие денови се плашат од новиот почеток. Повеќето деца заборавиле како изгледа секое утро да се станува рано и цел ден да се почитува точен распоред. Дали со леснотија и воодушевување ќе го дочекаат првиот ден во градинка, желни за друштво и динамични денови, или лесно се навикнале на тоа да немаат баш никакви обврски, па одењето во градинка ќе биде како да одат првпат?

Има и такви што навистина одат првпат, па сигурно чувствуваат страв и неизвесност.

Денес бевме да купиме папучи. Ања ги надрасна старите за цели 2 броја. Ги избравме брзо и лесно, а кога по попладневната дремка се разбудивме и кога дојде време да одиме по потврда дека сме здрави, моето четиригодишно дете сфати дека не сака да оди во градинка. И додека Ања едвај чека да влета во својата претшколска група, со него морав да прибегнам кон еден мал трик за кој неодамна слушнав и кој многу ми се допадна.

„Добро, Оги, разбирам дека не сакаш. Но, кажи ми, што ти се допаѓа во градинка, а што не ти се допаѓа?“

„Не ми се допаѓа тоа што ќе ми се смеат зашто претходно сум плачел“ – вели тој низ солзи.

„Па сите претходно плачеле. И повторно некои ќе плачат. Но, тоа е затоа што заборавиле на сите убави работи што  се случуваат во градинка. Туку јас за тебе имам една тајна. Еден трик за кој ќе знаеме само јас и ти. Може ли?“

„Може…“

„Вака ќе направиме. Пред да тргнеш во градинка, додека никој не гледа, ќе влеземе во твојата соба и ќе ги наполнам со бакнежи твоите џебови. Колку што може да соберат! А ти, кога ќе ти затреба мојот бакнеж, само извади еден или два од џебот и залепи ги на обравчето. Важи?“
Оги потврдува со главата и проверува дали неговите шорцови имаат џебови. Станува и заминува да руча, многу порасположен. А јас го чекам утрешното утро и се прашувам дали навистина ќе вади бакнежи од џебовите кога ќе ја посака мојата прегратка?

Автор: А. Цвјетиќ

Извор



912

X