Возрасните луѓе се менуваат само кога самите го сакаат тоа и се многу отпорни на надворешни притисоци, но кај децата разговорот за прекршокот и соодветната казна може да влијаат врз погрешните уверувања

Дали можеме да натераме некое лице да го смени своето однесување? Одговорот на ова прашање е различен во зависност од тоа дали тоа лице е дете или возрасен. Возрасните луѓе се менуваат само кога самите го сакаат тоа. Тие се многу отпорни на надворешни притисоци да го променат она однесување што за нив е во ред, а другите сметаат дека треба да се промени. Со децата е поинаку токму затоа што една од главните задачи на секој родител е да влијае врз детето да се откаже од лошите однесувања и да стане добар човек.

Кога некој – возрасен или дете – ќе го промени своето однесување, ние не знаеме дали лицето го направило тоа заради некаква лична корист, така што промената е привремена, или промената во однесувањето е резултат на некаква подлабока, внатрешна промена на личноста што ја прави промената трајна.

Нови манири заради корист

Во првиот случај лицето го менува своето однесување во одредени ситуации и почнува да се однесува на посакуван начин затоа што тоа му се исплаќа. Таа промена не е искрена, па со самото тоа не е трајна. Без оглед дали лицето со новото однесување избегнува некаква негативна последица или има некаква корист, тоа однесување не е израз на неговата личност. Тоа едноставно значи дека лицето ќе се однесува така сè додека има корист од таквото однесување, но штом користа ќе заврши, тоа веројатно ќе се врати на старото однесување кое е израз на неговата личност.

Така, на пример, децата се откажуваат од негативното однесување кога ги гледа авторитетот или кога знаат дека сосема сигурно ќе бидат фатени дека се однесувале неприфатливо. Во емотивна смисла тие имаат страв од казна, а не чувство на вина. Тоа е така затоа што се во конфликт со надворешниот авторитет, а не во конфликт со себеси, што е карактеристично за чувството на вина.

Кога лицето се менува однатре, тоа всушност ги менува некои од важните уверувања за себе, за другите или за некое важно животно прашање. Менувајќи се однатре, станува „подобра верзија на себе“, така што почнува да се однесува на нов начин. До промена на уверувањата доаѓа поради увидот дека претходното однесување било штетно и дека со таквото однесување лицето негирало некоја од своите високи вредности. Кога лицето ќе се промени однатре, кога ќе ги промени уверувањата, тогаш неговото ново однесување е резултат на искрена промена и тоа не само што ја изразува неговата внатрешна личност, туку станува и долгорочен начин на однесување во дадени ситуации.

Така, на пример, кога родителот го казнува детето поради некое лошо, опасно или штетно однесување, не му е сеедно дали казната ќе доведе само до промени во однесувањето или до промена во начинот на кој детето се доживува себеси, другите и светот. За казната да не резултира само со привремена промена во однесувањето, туку да дојде до внатрешна промена во уверувањата на детето, детето мора да ја прифати казната.

За детето да ја прифати казната, тоа мора да смета дека ја заслужило, дека навистина погрешило и дека казната е праведна последица на истото однесување. Затоа не е доволно детето само да се казни, туку со него треба и да се разговара за „прекршокот“, за самата казна, но и за тоа што треба да научи и како да се однесува во иднина. На тој начин родителот ја зголемува веројатноста дека детето ќе ја прифати казната и ќе ги промени своите уверувања.

Критика, а не отфрлање

На детето ќе му биде многу полесно да се промени ако прави разлика меѓу себе и своето однесување. Тогаш ќе разбере дека критиката, лутењето и казната всушност се барање тоа да го промени своето однесување, а не значат негово отфрлање како личност. Тоа ќе разбере дека и доброто дете понекогаш може лошо да се однесува. Бидејќи детето сака да биде добро, сакано и прифатено, тогаш тоа ќе увиди дека се однесувало погрешно, ќе го отфрли таквото однесување во сегашноста и во иднина, но и ќе се промени однатре.
Она што важи за децата важи и за возрасните кои се казнети со некоја казна, на пример, затворска. И тука е можно лицето да престане да се поистоветува со своето негативно однесување, да сфати дека тоа е лошо и да одлучи да почне да се однесува на позитивен начин. Проблемот е што процентот на таквите, однатре променети осуденици, е низок. Главна причина е што многу луѓе кои се во затворите не сакаат да се менуваат, што се поистоветуваат со своето однесување и својата општествена улога на криминалци, и што со својот отпор кон промените докажуваат дека системот не им може ништо.

Автор: Зоран Миливоевиќ

 

 



912

X