Секој од нас сака детето да му биде одличен ученик, да биде уредно, послушно и вредно, но понекогаш сопствените очекувања ги искажуваме на погрешен начин. Критиката, во зависност од тоа како е кажана, може да се сфати и како поттик и како понижување, а тоа врз адолесцентите остава трајни последици бидејќи тие сакаат да бидат уважени. Ако не сте сигурни дали грешите, еве неколку реченици кои на децата, а особено на тинејџерите никогаш не треба да им ги упатувате.

Дали се сите други попаметни од тебе, па имаат подобри оценки?

Споредувањето на детето со поуспешниот или попослушен брат, сестра или пријател, пријателка, нема да доведе до тоа да вложи дополнителен напор. Тинејџерот ваквата порака ќе ја сфати како: „Ти си ништо и затоа нема да те сакаме“, па ќе заклучи дека нема причина да се труди бидејќи тоа е залудно. Наместо споредба, користете поттик: „Ти тоа го можеш“, „Ако се потрудиш, ќе успееш“. Пофалете го секој успех, секоја добра оценка, покажете му дека се радувате секојпат кога ќе ве послуша.

Си се здебелил/а, погледни се на што личиш. Мора да ослабнеш!

Наместо во вашиот глас да ја препознае грижата на неговото/нејзиното здравје, ќерката/синот на кој сте му ја упатиле оваа реченица нема да ги исфрли слатките, нема да ги намали порциите и нема да почне да се занимава со спорт, бидејќи она што го слуша ќе биде: „Не те сакам бидејќи не изгледаш убаво“. Наместо да направи нешто добро за себе, вашата тинејџерка ќе побара утеха во храната. Во овој случај реченицата за мотивирање гласи: „Можеби би можеле да побараме совет од нутриционист или тренер“. Избегнувајте груби шеги на сметка на изгледот, па помогнете им да се засакаат себеси.

Сè ти дадовме, а ти вака ни враќаш.

Иако се мисли дека оваа реченица настанала пред неколку децении, многу родители, и покрај сопствената немоќ да допрат до детето, и денес ја користат. Децата, сетете се, никогаш не ја толкуваат како израз на незадоволство поради тоа што не учат доволно или затоа што прават глупости, туку како напад. Тие слушаат: „Не го заслужуваш она што го правиме за тебе“, па тоа го доживуваат како осуда поради која нема да го променат однесувањето, па подобро е да му кажете на детето: „Би сакале да разбереш колку е важно да ги поправиш оценките/однесувањето/или да бидеш уреден/одговорен“.

Сè ќе му кажам на татко ти кога ќе дојде од работа.

Никогаш, ама баш никогаш не заканувајте му се на детето со другиот родител бидејќи вашиот адолесцент ќе слушне: „Јас немам авторитет. Не можам да се изборам со оваа ситуација“. Ако не сакате да се дискредитирате како родител, а не го сакате тоа, подобро кажете: „Не вреди да викам. Треба да поразговараме за тоа“. Наместо да го издавате, заедно со партнерот потсетете го детето каде се границите и обидувајте се да не му дозволите да ги надмине. Кога ќе затреба, во пар реагирајте на соодветен начин.

Нема да се расправам, прави што сакаш.

Тинејџерите би можеле со денови непрестајно да се расправаат и да се убедуваат околу секоја ситница бидејќи „сите знаат најдобро“, а вам ви е доста од сè. За жал,  вашето откажување од кавгата детето ќе го протолкува како кревање раце од него и ќе слушне само: „Ти повеќе не си моја грижа“. Ако не сакате за инает да почне да прави сè што не би требало, кажете му: „Мислам дека во тоа јас сепак најдобро се разбирам“, „Послушај ме, ќе видиш дека сум во право“. Со вакви изјави испраќате порака дека сте тука за него дури и кога ќе погреши, а тоа е најважно.

Извор



912

X