Научникот, предавач и оратор Џорџ Ленд во 1968 година спровел студија и ја тестирал креативноста на 1.600 деца на возраст од три до пет години. Тој го спровел истиот тест за НАСА, за да помогне во изборот на најиновативните инженери и научници што ќе работат за организацијата. Тестот поминал толку добро што решиле да го пробаат и кај деца. Повторно ги тестирал истите деца кога имале 10 години, а потоа пак кога имале 15 години. Резултатите биле зачудувачки.
Резултати од тестот за креативност кај петгодишници: 98%
Резултати од тестот за креативност кај десетгодишници: 30%
Резултати од тестот за креативност кај петнаесетгодишници: 12%
Истиот тест кој го полагале 280.000 возрасни: 2%
„Она што го откривме преку истражувањето е дека некреативното однесување се учи“, напишал Ленд.
Зошто возрасните ја губат својата креативност?
За повеќето, причина се правилата и прописите што им се наметнати. Образовните системи низ светот биле дизајнирани уште во Индустриската револуција пред 200 години за да нѐ научат да бидеме добри работници и да ги следиме упатствата.
Дали може да се научи креативноста?
Да, креативноста може да се научи. Но, не со седење и слушање предавања, туку со учење и примена на процесот на креативно размислување.
Во текот на изминатиот половина век беа дизајнирани и имплементирани многу обуки за развој на креативните капацитети. Сепак, креативноста е вештина што може да се развие и тој развоен процес може да се управува. Да бидеме креативни учиме преку експериментирање, преиспитување на она што нè учат, преку истражување, користејќи ја нашата имагинација.
Значи, ако сакаме нашите деца да останат креативни кога ќе пораснат (иако 98% од нас не се), ако сакаме да бидат водени од внатрешна волја да решаваат проблеми како што се климатските промени, загадувањето, економските кризи, ако сакам нивните умови да генерираат идеи кои ќе го подобрат животот на планетата, сега е време да се направат сериозни промени во образовните системи.
Замислете само: свет во кој децата се слободни да прашуваат, истражуваат, да ги преиспитуваат одговорите што им ги даваме, да работат на решавање проблеми, да бараат креативни решенија користејќи љубопитност, имагинација и креативност? Сето она во кое децата се креатори, уметници, научници, пронаоѓачи, ќе го промени животот на нашата планета и на целото општество, многу побрзо отколку само да седиме во училница каде што ќе им ги наполниме главите со податоци и потоа ќе проверуваме што запомниле од сето тоа.
Учење креативност во компанијата ИБМ
Секој голем лидер е креативен лидер. Ако може да се научи креативноста, како тоа функционира?
Во средината на 50-тите години, поточно во 1956 година, Луис Р. Мобли сфатил дека успехот на ИБМ зависи од креативноста на раководителите на компанијата, многу повеќе отколку од нивната способност да читаат и разбираат финансиски извештаи. Како резултат на тој процес, ИБМ школата се засновала на овие принципи.
Прво, традиционалните методи на учење, како што се читањето, предавањето, контролните задачи и проучувањето на доделениот материјал – се повеќе од бескорисни. Овие методи се всушност контрапродуктивни. Повеќето образовни системи се засноваат на наоѓање одговори на линеарен „чекор-по-чекор“ начин. Мобли сфатил дека поставувањето радикално различни тестови на нелинеарен начин може да биде клучот за креативноста.
Второто откритие на Мобли е дека развојот на креативна личност не е процес на учење на кој сме навикнати. Преку ИМБ школата директорите биле принудени да излезат од нивната комфор-зона, често на начини кои биле фрустрирачки.

Трето, Мобли сфатил дека луѓето всушност не учат да бидат креативни. Тие стануваат креативни. Креативноста не е нешто што можете да го научите со читање многу лекции. Креативноста е искуство.
Мобли открил и дека најбрзиот начин да станете креативни е да се опкружите со креативни луѓе. Колку и да се чувствуваме инфериорни во нивното друштво.
Но, можеби најважното нешто што мора да го разбереме ако сакаме да станеме креативни е дека ни е дозволено да правиме грешки. Секоја голема и добра идеја произлегла од многу лоши, а причината поради која повеќето луѓе никогаш не го реализираат својот креативен потенцијал е стравот од правење грешка и да се биде тема на потсмев. Затоа, Мобли тврди дека не постојат лоши идеи. Според него, тоа се само темелите за добрите идеи што допрва доаѓаат.