Воспитување

Како престанав да бидам мајката што постојано им вика на своите деца

Кога моите близначки Клои и Клер имаа 18 месеци, одеднаш се претворија во вистински мали тирани. Викаа „не“, плачеа кога на другата прво ќе ѝ ги сменев пелените, почнуваа да одбиваат да јадат органски јадења кои јас и татко им со љубов ги подготвувавме… И јас се променив заедно со нив, но не на добар начин.

Особено ми се врежа во сеќавање едно попладне. Штом моите девојчиња ги довршија своите оброци, ги ставив во просторот за игра во кујната за да ги средам валканите садови. Но, почнаа веднаш да плачат и бараа уште. Ги гледав куповите садови, а тие како затвореници се качуваа преку оградата за да излезат надвор и притоа врескаа. Пукнав. „Само што ви дадов храна“, им викнав. „Што уште сакате од мене?“ Зјапаа во мене со ококорени очи и врескаа уште повеќе. Се мразев себеси што викав. Не сакав да бидам мајка која вика, но еве, врескав на своите ќерки бидејќи сакаа уште да јадат.

Таа ноќ не можев да заспијам. Пријателка на една нова мајка, која со своето синче изгледаше толку смирено, спомена дека вежба „RIE – Resources for Infant Educarers“ (ресурси за воспитувачи). Оваа родителска филозофија постои со децении, но јас не сум слушнала претходно за неа. Како непрофитна организација, RIE е основана во 1978 година од специјалистот за деца и воспитувачка Магда Гербер и детскиот невролог Том Форест, а сега меѓу верните обожаватели се вбројуваат и славните личности како Пенелопе Круз и Тоби Мекгвајер. Принципот е едноставен: верувајте дека вашите деца се способни да учествуваат и да играат без многу родителска помош. Звучеше малку лежерно, но мојот моментален родителски стил – викање и чувствување вина – очигледно не функционираше. Водев битки со нив за време на оброците, имав постојани напади на паника кога бевме на игралиште, се плашев дека може да паднат и да е повредат. Јас им бев судија на моите деца кога се расправаа за играчките, се туркаа една во друга додека или се удираа. Бев исцрпена и подготвена да пробам баш сè.

Правило број 1: Бидете мирни

Во воведното поглавје од книгата „Без лоши деца: Дисциплина за мали деца без срам“, Џенет Ленсбури пишува дека морате „да одговорите во моментот, мирно, како извршен директор“. Одлучив да ја тестирам оваа теорија доведувајќи ги девојчињата во дворот. Таму имаме дел со чакал, па тие сакаат да ставаат камчиња в уста и секогаш чувствував дека е потребен надзор додека се таму. Обично викав „Не јади го тоа“ и ѝ ги вадев камчињата на Клои од устата, додека Клер радосно ставаше полна рака камчиња в уста. Но, овој пат, кога Клои стави цела рака камчиња в уста, наместо истото да го сторам, јас реков: „Не сакам да ставаш камења в уста“, а потоа ѝ ги извадив. Неверојатната работа е тоа што штом се смирив, тие изгубија интерес за своето чудно натпреварување во јадење камчиња. Наместо да ги бркам низ дворот, ги оставив да си играат, само интервенирајќи ако меѓусебно се удираа или повторно ставаа камења в уста. Во тој еден час поминат надвор, бев изненадена колку добро играа без потреба од мој ангажман. Дури седев на нашиот градинарски мебел и ги гледав како весело си играат.

Правило број 2: Намалете ги своите очекувања

Кога ми се родија ќерките, беа на одделот за интензивна нега и имаа проблем со добивање тежина. Иако нашиот педијатар ме уверуваше дека се здрави, постојано се грижев дали ќе се здебелат и станував многу нервозна кога не дојадуваа сè. Оттогаш оброците станаа бојно поле меѓу нас. На вечера, таа вечер, наместо да ги наговорам да изедат уште еден залак, туркајќи ја храната во нивната уста, го следев советот на Ленсбури за борбите околу храната. „Намалете ги своите очекувања во поглед на оброкот. Бидејќи децата чувствуваат како ние се чувствуваме, кога сме смирени, тоа најдобро функционира“, пишува таа. Овој пат не се вознемирував за секој залак што не го изедоа. Седев со нив додека јадеа во своите високи столици. Не ги броев залаците. Не им ја туркав виљушката в уста. Додека јадеа од своето, јас изедов грст бадеми. Јадеа, ги избришав и потоа играа. Драмата исчезна.

Правило број 3: Верувајте му на своето дете

Најголемиот тест на RIE методите за мене беше игралиштето. Пред тоа се држев до своите ќерки како лепило, го набљудував секое нивно движење. Бев уверена дека ќе скршат рака ако не сум до нив. Следниот пат кога отидовме на игралиште, мојот сопруг и јас стоевме на дното од справите додека тие се качуваа на тобогани. Ми требаа недели за да се ослободам од нервозата, но со текот на времето забележав нешто огромно – нешто што нервозна никогаш не сум го видела: колку моите ќерки се способни и самоуверени на игралиште. Без да бидам како досаден тренер, сведочев како Клои и Клер секојпат пробуваа нови работи.

Зошто RIE е толку ефикасен?

Разговарав со експертот Џенет Ленсбури за ваквиот тип на родителство и зошто овој стил функционира. „Во RIE родителството, родителите подобро ја разбираат својата улога и она што треба да го контролираат и што им е потребно да го дозволат. Тие разбираат дека за децата е позитивно да се чувствува целата низа на чувства. Кога ќе прифатат каде се, на родителите им е многу полесно. Наместо да се обидувате да ги контролирате работите, вие и вашите деца сте експерти за заедничко учење. Ние сакаме да управуваме, но кога веруваме дека нашите деца се способни, тие се чувствуваат посигурни. Како родители, вие сте сигурна база и тоа им овозможува на вашите деца слободно да истражуваат“, вели таа.

Пред RIE, јас бев шеф кој само даваше наредби и викаше кога не ме слушаа. Не е ни чудно што моите близначки не ме слушаа. Наместо да правам сè за нив, ги вклучив во менувањето пелени, облекувањето и чистењето. Во текот на подготовката на оброците, наместо да правам сè, заедно сечкавме зеленчук или заедно правевме пица, а тие ја преливаа со сос. Не сум веќе збунета со нивните испади на бес. Само длабоко воздивнувам кога сум под стрес. Многу сум поконкретна со упатствата. Наместо да кажам „исчистете ја“ својата игротека, јас велам „би сакала своите книги да ги ставите во розовата кошница“. Сега кога се расправаат, им дозволувам тоа да го решат самите и интервенирам само ако се обидат физички да се повредат. И не, не сум совршена во RIE родителството. Факт е дека сум човек. Но, дури и навидум непогрешливата Ленсбури има своите лоши моменти. Кога ја прашав за грешките како RIE родител, таа рече: „И понатаму сум во тек на спроведувањето иако моите веќе пораснаа. Дозволете си себеси да бидете луѓе и да погрешите. Сите го правиме тоа“.

Автор: Џенифер Чен

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top