Сигурен сум дека ќе се согласите со тоа дека викањето на луѓето воопшто, а најмногу на децата, не е убаво. Иако можеби не баш сите мислат така, бидејќи во последните години стана многу популарна теоријата за незадржување на чувствата – велат дека сузбивањето на чувствата доведува до психосоматски болести и затоа не треба да ги сузбиваме, туку да си дозволиме себеси да се извикаме.

Ако во шума видите човек кој го прегрнува стеблото и дивјачки вреска – знајте дека тоа не е локален бес, туку некој што поминал тренинг на емоционално ослободување: некој што се поврзал со земјата преку дрвото и се испразнува во вселената. На интернет ќе најдете многу текстови на психолози за тоа како треба и може да им се вика на децата. Велат – ако мајката не му вика на детето, тоа е некоја навидум совршена мајка, а совршенството само по себе е штетно.

Јас, како баба рога, се противам на таквите теории, а ќе ви кажам и зошто. Ако мајката или таткото му викаат на детето, тоа од мое гледиште покажува не само дефект во нивната емоционална сфера (неможност на контролирање на своите емоции), туку и дефект во нивната интелектуална сфера (банална неможност да се разберат во погледот на однесување на своите деца).

Зошто е штетно викањето? Секојпат кога ќе му викнеме на детето, дури и ако е виновно, самиот факт дека викаме во голема мера го намалува воспитниот ефект. Поради викањето, детето се навредува, а неговото чувство на вина се поништува со чувството на навреденост од наша страна. Уште полошо: штом сме се извикале, ние почнуваме да чувствуваме вина пред детето и се обидуваме што побрзо да ја измазниме ситуацијата.

Детето направило нешто погрешно, вие сте викнале, а потоа сте го прегрнале, сте отишле на сладолед, детето за цел живот запомнило: можам да правам што сакам, само малку треба да се смирам додека мама се извика, потоа ќе ѝ биде непријатно и потоа сè е супер. Животот е убав. За детето, иако тоа не трае долго. А за вас не е, и тоа ќе потрае.

Безусловна љубов кон детето

Драги родители, ве молам кажете ни колку долго децата треба да ја добиваат вашата безусловна љубов и поддршка?

Често го поставувам ова прашање. Знаете што обично ми одговараат? „Цел живот. Децата треба цел живот да добиваат безусловна љубов и поддршка од своите родители“. Тоа е, знаете – катастрофа. Затоа што воопшто не е така. Затоа што ако безусловно го сакате своето дете, нема да му ги формирате ни хигиенските навики. А како би ги формирало детето? Мокрело во гаќи – те сакам, мокрело на перницата од татко му – секако те сакам. Безусловно, односно без какви било услови. Зошто би учело да мочка на нокшир, или на веце-школка, на тој студен бел предмет? Ако мислите дека сето ова е чисто теоретизирање, ви велам дека не е. Неодамна ми се обрати за помош жена чиј син од 12 години немал основни хигиенски навики. Не го учела, мислела дека тие сами се формираат, прочитала во книга дека хигиенските навики се формираат околу втората година, чекала и ништо не презела.

А таткото на друг тинејџер со полна уста рече дека би го сакал својот син дури и тој да ја силува и убие сосетката. „Тој е мој син и јас морам да го сакам“. Мој совет: безусловната љубов може да направи монструми достојни на вашите најлоши кошмари, а само условната љубов, кога ги сакаме и почитуваме своите деца заради нивните достигнувања, им помага да станат подобри, а ние да се радуваме и гордееме.

Полесниот пат

5 години водев утринска ТВ-емисија „Луѓето за луѓето“. На снимање одев со такси. Така ми беше полесно. Уште полошо, го нарачував со телефон, за да не трчам по улица и да мавтам со рацете обидувајќи се да фатам слободно возило. Така ми беше полесно. Дали е тоа казниво? Сега вие мене кажете ми, драги мои возрасни, дали е нормално човекот да го прави она што му е полесно? Спиете ли на под или на кревет? Од станот излегувате низ врата или низ прозорец? Фустанот го облекувате преку глава или од нозе? Дали настојувате да ги правите работите на полесниот или на потешкиот начин? Како ви е подобро? Спиете во кревет, излегувате низ врата, јадете супа со лажица, а тестенини со виљушка. Добро е. Секоја чест.

По која основа тогаш ги обвинувате своите деца дека го бараат полесниот пат? „Постојано гледаш да правиш само како што ти е најлесно!“ – им велиме кога децата не направиле или направиле нешто лошо или на свој начин. А тоа звучи баш како обвинување. Ги обвинуваме децата дека го бараат полесниот пат во животот.
Ајде да повториме: Дојдов на снимање со такси. Можев и пешки за 2 часа, на 4 нозе за еден ден, ползејќи за 2 дена, ползејќи со нозете напред за 4 дена. Уште што? Можев да ползам и со затворени очи – цел живот. Сето тоа се тешки патишта. Дали требало да ги одберам? Го избрав полесниот пат – такси. И сите нормални луѓе во животот одбираат полесни патишта. И вашите деца го одбираат полесниот пат, баш како и вие. Потребни ви се докази?

Кога ги обвинуваме децата дека го бараат полесниот пат? Тогаш и само тогаш кога и самите го одбираме полесниот пат. Не ги проверуваме домашните задачи бидејќи сметаме дека децата треба сами да го сфатат материјалот и сето тоа. Полесно ни е. Полесно ни е да веруваме дека детето има вродена желба за знаење која училиштето недвосмислено ќе ја разбуди, отколку редовно да го контролираме неговото учење. Тешко е. Но, со овој пристап детето исто така почнува да се однесува како што му е полесно. Не ги казнуваме децата за лоша постапка или им простуваме за 5 минути – бидејќи тоа е полесно. „Знаете, докторе, колку е тешко да му се лутите на своето дете подолго време“. Знам. Многу тешко. Рацете самите се пружаат да го помилуваат по главата, брзо се да се заборави и надомести. Но, не треба.

Со ваквиот пристап, немојте да се лутите што децата ќе се однесуваат така како што им е полесно. Нема да учат, да ја чистат собата, да ја хранат мачката. Тоа е нормално. За децата да се однесуваат како што им е потешко – да учат, да пишуваат домашни задачи, да помагаат дома, ние возрасните мораме да се однесуваме како што ни е потешко: да го контролираме учењето, да не заборавиме кој и што прави од домашните работи, да не си дозволиме да ја расчистуваме собата наместо децата. Разбирам дека е лесно вие да исчистите, но немојте потоа да ги обвинувате децата што од вас научиле да живеат како што им е полесно.

Психичката активност е како вода – тече нагоре само тогаш кога нема друг пат.

Извадок од книгата на Јуриј Вагин  -„Докторе, дали се потекнува од детството?

Извор

 



912

X