Свадба од минимум 200 гости.

Венчавање во матична служба, во црква, кумови, бидермаери, обичаи, солзи радосници. Младенците како гулапчиња, се гледаат, се допираат, се бакнуваат. Танцуваат. Изгледа дека се заљубени. Млади, убави, по мислењето на околината, во најсоодветните години за брак.

А потоа, по неколку месеци, доаѓа бебето. Се сеќавате како да било вчера, првото запче, првите чекори и првиот септември кога појде на училиште. Се обидувате да му обезбедите што побезгрижно детство, иако вашиот брак престанува да биде безгрижен. Се обидувате, но да го заштитите детето од родителските несогласувања е вистински предизвик и мисија како да сте го фрлиле во море, а не сакате да се наводени.

Невозможна.

Најголемата несреќа за детето не се кавгите сами по себе, туку несреќата што останува кај родителите откако ќе заврши кавгата. Таа горчина, тага и бес, кои продолжуваат, несвесно се делат и со детето, а во неговата глава кавгите траат многу подолго отколку што навистина биле. Со текот на времето на сите им станува јасно дека бракот не може да се спаси, дека незадоволството го надминува постоењето на кои било причини за опстанок на бракот, а најмногу станува неиздржливо соучеството во болката која заедничкиот живот од ден на ден сè повеќе ја предизвикува.

И тогаш се случува познатиот развод. Судски парници, центри за социјална работа, адвокати, солзи. Сега, младенците не се допираат, не се гледаат, не се сакаат. Не ни изгледа дека некогаш биле заљубени еден во друг.

Кај некои луѓе приказната завршува овде. Бидејќи по крајот си дозволуваат нов почеток. Но, кај некои почнува ново ниво во играта наречена „распаднат брак“. Го преживуваат разводот, но не се помируваат со него. Продолжуваат да го носат со себе во иднината, односно остануваат да живеат во минатото не дозволувајќи си да им се случи иднина.

Ако некој се прашува како да биде најдобар татко на светот – нека ја сака жената што ја избрал да биде мајка на неговото дете. Ако некоја се прашува како да биде најдобрата мајка на светот – нека го сака мажот што го одбрала да биде татко на нејзиното дете. Бидејќи детето ја сфаќа љубовта кога во љубов живее, а не кога селективно му ја давате само нему, а поранешниот сопружник го мразите. Ако по разводот не можете да кажете дека го сакате поранешниот партнер, тогаш немојте ни да ги покажувате сите оние работи што не се љубов, а ги чувствувате кон него. Презир, гадење, одбивност, несогласување, осудување, наметнување вина. Бидејќи детето чие семејство се срушило, кое повеќе нема и мајка и татко истовремено, туку повремено, вашиот презир кон поранешниот партнер ќе го сфати лично. Ако го преживеало разводот, таа дополнителна омраза само ќе го уништи повеќе бидејќи знае дека во себе носи половина од генскиот материјал на таткото и половина на мајката, а тие двајца се презираат меѓусебно.

Има боја на коса, облик на лицето и нос на таткото. Има усни и очи на мајката. Чувствителен е на мајката, а истраен на таткото. Чесен е и ги сака луѓето – тоа го наследил од двајцата. А тие двајца се мразат. Не сфаќаат дека со тоа го мразат и она што живее во нивното дете, не сфаќаат дека додека се мразат меѓусебно, го мразат и оној дел од детето што личи на онаа личност со која го зачнале.

„Можеби и не сум во право. Што е сосема ок.

Но, постои една важна разлика.

Јас ги сакам двајцата, а тие меѓусебно се мразат. Она што јас имам да го кажам за нив лично е многу подобро од она што тие мене ми го зборуваат еден за друг. А како врв на сè, тие се избрале меѓусебно, а јас нив не.

Шах-мат.

Кога ќе престанат да мразат – можеби и ќе поразговараме како луѓе. Дотогаш, знам, ќе имитираме љубов“.

Автор: Милан, „Записи од психотерапија“



912

X