Воспитување

Нервозни родители – нервозни деца

Понекогаш кога се уморни, лути, кога се под стрес или се загрижени поради нешто, родителите несоодветно реагираат на однесувањето на детето, што во друга ситуација би можело да им биде и симпатично. Расположението на детето е важен фактор кој не само што го одредува однесувањето на детето туку ја одредува и реакцијата на родителот кон однесувањето на детето.


1. Кога расположението на родителот е непредвидливо, децата чувствуваат несигурност и се вознемирени.

2. Доколку родителите не обрнуваат внимание на однесувањето на детето, а наредниот ден се лутат поради истото однесување, тоа се чувствува збунето.

3. Кога родителите ќе му се налутат на детето бидејќи се загрижени поради нешто друго, тоа е огорчено зашто неправедно постапиле кон него.

4. Ако родителите често се лути или лошо расположени, детето се чувствува загрозено и исплашено. Кога ќе види дека се нерасположени, детето го поврзува тоа со себе и може да се чувствува виновно.

Важно е родителите да се грижат за себе и своите проблеми да ги решаваат на конструктивен начин кој нема да ги повреди нивните деца.

Детето најмногу се плаши кога родителите се лути

Стресот е составен дел од родителството. Очекувано е родителите да се чувствуваат фрустрирани или исплашени во врска со воспитувањето на детето, а некогаш овие чувства ќе предизвикаат лутина.

Родителите најчесто се лутат кога мислат дека детето намерно е немирно и лошо. Ако тие мислат дека детето може да ги контролира своите чувства и однесување, а намерно не го прави тоа бидејќи сака да ги изнервира, голема е веројатноста таквото однесување да предизвика лутина кај нив.

Родителите треба да знаат дека малите деца различно размислуваат и чувствуваат, не знаат да ги поврзат причината и последицата на начин како што тоа го прават возрасните, па сето она што се случува во нивната околина го поврзуваат со себеси.

Малите деца немаат емпатија, не сфаќаат како се чувствуваат родителите. Тие не знаат зошто родителите се лутат, но се обидуваат да сфатат. И растењето е стресно. Децата секојдневно се фрустрираат бидејќи работите не се одвиваат како што сакаат и очекуваат.

Децата треба да научат од родителите како да се справат со фрустрациите, како да се однесуваат кога се лути. Но, тоа ќе го учат постепено. Потребно им е време за да сфатат што нивните родители се обидуваат да ги научат. Но нивното сфаќање е клуч за достигнување долгорочни цели во воспитувањето. Родителите понекогаш сакаат да го променат однесувањето на детето велејќи му дека е лошо, разгалено, несмасно, незрело или неспособно. Кога детето ќе слушне вакви критики, се чувствува отфрлено.

Ако детето се доживува себеси како лошо, веројатно ќе ги прави оние работи што родителите ги сметаат за лоши. Ако детето се доживува себеси како неспособно, мала е веројатноста да се потруди да научи нови вештини.

Децата учат. Во текот на стекнувањето знаења и вештини им веруваат на своите родители. Затоа, потребно им е охрабрување и голема поддршка од родителите.

Што треба да знаат родителите?

Децата што имаат голема самодоверба се поуспешни бидејќи се мотивирани да се обидуваат и да не се обесхрабруваат од неуспехот.

Посреќни се бидејќи се чувствуваат добро поради својата способност да се справат со неуспехот. Имаат подобар однос со своите родители бидејќи знаат дека тие веруваат во нив. Родителите ја градат самодовербата кај своите деца така што го препознаваат и го ценат нивниот труд и кога тие не се најуспешни.

Родителите мислат дека детето ќе научи важна лекција (да не го повторува непосакуваното однесување) ако го удрат. Она што децата го учат од физичкото казнување е:
– Удирањето е прифатлива реакција на лутината.
– Луѓето на кои им веруваат и од кои очекуваат да ги штитат, ги повредуваат.
– Треба да се плашат од своите родители наместо да им веруваат и да очекуваат да им помогнат и да ги научат на важни работи.
– Нивниот дом е несигурно место за учење и истражување.

Родителите треба да размислат за тоа што прават на долгорочен план, што сакаат да ги научат своите деца. Ако сакаат да ги научат да не бидат насилни, мора да им покажат како е да се биде таков.

Најважните работи ги учиме во најтешките ситуации

Детето не е мотивирано за да ѝ угоди на личноста што го удрила, чувствува огорченост, страв, а понекогаш и желба за одмазда.
– Избројте до 10 пред нешто да кажете или да направите. Ако сè уште сте лути, излезете од собата и почекајте додека да се смирите.
– Опуштете ги рамената, длабоко вдишете и повторете си некоја смирувачка реченица.
– Не кажувајте ништо додека не се смирите.
– Дајте си време. Кажете му на детето, а и себеси, дека неговото однесување ве налутило и дека не сакате да разговарате додека не се смирите.
– Размислете за ситуацијата. Размислете зошто вашето дете се однесува така. Согледајте ја ситуацијата од негова перспектива.
– Разговарајте со детето за тоа што се случило.
– Запомнете дека ситуацијата претставува можност да го научите детето дека конфликтот се решава со комуникација.

Лутењето сфатете го како знак дека вашето дете и вие не ги разбирате главните точки, што значи дека мора повторно да воспоставите комуникација врз основа на разбирање.

Не дозволувајте вашиот гнев да ве наведе да кажете нешто злонамерно, грдо, да го критикувате вашето дете за да се чувствува глупаво, да му викате или да го удрите. Не обидувајте се да му се одмаздите затоа што неговото однесување ве изнервирало.

Запомнете дека најважните работи ги учиме во најтешките ситуации. Искористете ја секоја можност да бидете онаква личност каква што сакате да стане вашето дете.

Извор: Книгата на Џоан Дурант, „Позитивите на дисциплината“.

Поврзани написи

To top