Пред да почне пандемијата на Ковид-19, моето дете имаше прилично активен социјален живот. Одеше во дневен центар кој генерално му се допаѓаше, а таму имаа дневни танцувачки забави. Роденденски забави. Другите деца го прегрнуваа кога го остававме наутро. Но, кога градинката се затвори минатиот март, моето дете, тогаш на возраст од 2 години, беше среќно. Беше дома со родителите и поголемиот брат секој ден. Додека другите се боревме да се приспособиме на новиот ритам на живот, тој се радуваше на дополнителното време поминато со семејството.

Но, сега, кога е со нас дома секој ден, цела година – повеќе од третина од неговиот живот, почнувам да се грижам за ефектот на долг рок поради изолацијата. Често е игнориран, кога јас и татко му сме презафатени со работа. Почнува да станува многу срамежлив со непознати. Спиењето му е лошо. Дали е тоа поврзано со пандемијата? „Хафингтон пост“ пренесува мислење на експерти во врска со ефектот што пандемијата го има врз малите деца.

Генерално, експертите не се НАВИСТИНА загрижени за децата.

Анкети, пак, покажуваат дека 60 отсто од тинејџерите велат дека се осамени, а се регистрирал и скок од 24 отсто во посетите на итните служби на одделенијата за ментално здравје, кај децата на возраст од 5 до 11 години. „Загрижена сум за развојот на децата под влијание на пандемијата“, вели Обри Харгис, тренер за родители. „Но не се малите деца категоријата за која сум загрижена. На крајот од денот, ако потребите на децата да бидат во пријатна, безбедна средина се исполнети, тогаш децата ќе бидат во ред. Сите работи што се потребни за тие да се развиваат – играчки, предмети за качување, возрасно лице за зборување и слично, тие ги имаат“, вели Харгис.

За децата, социјализацијата не функционира на начинот на кој многу родители мислат. Една главна причина зошто експертите за деца не се многу загрижени сега е затоа што децата на возраст од 1, 2 и 3 години се развиваат претежно преку игра, а играта во таа фаза не бара големо присуство на другари. „Мислам дека родителите го потценуваат фактот оти може да сторат многу за своите деца дома“, вели Беки Кенеди, клинички психолог од Њујорк.

Многу студии покажале дека родителскиот стрес и депресијата може да влијаат врз емоционалниот и бихевиоралниот развој кај децата. Па додека експертите генерално не се загрижени дека децата ги пропуштаат главните развојни моменти во пандемијата, тие се всушност загрижени што родителите ненамерно може да им ги префрлат стравовите и анксиозноста на своите деца.

„Малите деца навистина ги забележуваат и перципираат чувствата и стресот на другите“, вели Кенеди. Но, тоа не значи дека родителите треба да ги кријат сите свои борби и емоции од своите деца. Може да бидат поотворени. Без тоа, зборувањето со децата за промените кои се забележуваат, за стресот дома, за промените во распоредот, за носењето маски, ќе значи многу поголем стрес за децата. Таа комбинација на забележување на промените и стресот околу нив, без објаснување од возрасно лице (објаснување соодветно на возраста), може да доведе до обвинување на самите себе од страна на децата и сомневање во себе, тврди Кенеди. Децата може да помислат дека тие некако ги предизвикале промените. Па, важно е да се внимава и на нивната емоционална состојба и да им се даде помош ако им е потребна. Нема лесна задача во семејното справување со сето ова, но трудот е многу важен.
Важно е да се има отворени разговори со децата за Ковид-19, на смирен начин, како и да се прашаат децата што е она што го знаат.

Ако не сакаат да разговараат на вакви теми, не инсистирајте. Мислете на однесувањето на вашето мало дете како на „прозорец“ кон неговиот внатрешен живот, вели Кенеди. Па ако сте згрижени што минатата година навистина беше исцрпувачка за нив емоционално, вклучете се во промените како што се спиењето, изливите на бес и ривалството со браќата и сестрите.

„Најважната работа што ја гледаме е како функционира едно дете. Што е она што треба да го прави – може ли да игра, дали сè уште се радува? Ако родителите навистина се борат или мислат дека нивното дете се мачи, би ги потсетила дека има многу можности и за барање помош и поддршка“, заклучува Кенеди.

Автор: Кетрин Пирсон

Извор



912

X