Малото дете бара родителот физички да биде достапен за да го утеши, додека на адолесцентите не им е толку потребна физичката близина колку сознанието дека родителите ги поддржуваат дури и кога не се присутни

Да се воспитува дете од две години и адолесцент не е исто. Секоја развојна фаза еднакво е важна и носи единствени предизвици и за децата и за родителите. Сепак, студиите покажуваат дека најстресна е фазата на адолесценција, особено раната, бидејќи подразбира таканаречено detachment-родителство, поточно – време за одвојување од родителот. Празнина, незадоволство, анксиозност, осаменост се само некои од емоциите што најчесто ги наведуваат мајките на адолесцентите, заедно со прашањето: Што се случило со моето мирно и послушно дете?
Клучната задача на адолесценцијата е достигнување автономија во смисла на самостојност и градење самодоверба. Додека адолесцентите ги преиспитуваат улогите и границите на односот, родителите балансираат на жица меѓу давањето слобода и одржувањето на блискоста и приврзаноста. За да се развие автономијата, самостојноста и соработката со родителите мора да коегзистираат.

Контролирачкиот стил на однесување го кочи осамостојувањето на детето

Успешното поминување низ адолесцентната фаза во еден дел е под влијание на стилот на родителството. Истражувањата покажуваат дека авторитативното родителство (висока контрола, но и високо прифаќање) поттикнува здрав психосоцијален и академски живот, како и приспособено однесување. Адолесцентите што одржуваат топли емоционални односи со родителите кои, од друга страна, ги поддржуваат и уважуваат, помалку се склони кон депресија и девијантни однесувања, позрели се, поподготвени за на училиште и имаат поголема самодоверба.

Она што го кочи осамостојувањето на детето е контролирачкиот, поточно авторитарниот стил на родителство (висока психолошка контрола со ниско прифаќање). Тоа вклучува однесувања кои се манипулативни и наметливи во однос на потребите на детето. На тој начин кај детето се создава чувство на вина и анксиозност, а љубовта се сфаќа како условена и зависна од однесувањето.

Лонгитудиналните студии покажуваат дека адолесцентите што се свесни за родителскиот психолошки притисок не го држат својот став и полесно потпаѓаат под влијание на други лица.
Освен психолошката контрола и стилови на родителство, за достигнување здраво функционирање на адолесцентот заслужен е и стилот на афективното поврзување, односно квалитетот на односите со други лица. Попрецизно, сигурната афективна поврзаност доведува до автономија, а автономијата повратно го зајакнува односот со родителите за изградба на доверба. Адолесцентите што развиваат сигурна поврзаност можат самостојно да се снајдат во нови животни ситуации или по потреба да препознаат и да побараат помош. Исто така, помалку се склони кон ризични однесувања, имаат подобро ментално здравје, социјални вештини и успешни стратегии за справување со проблеми.

Оние што ќе развијат несигурен стил на поврзување се склони или кон избегнување како обид да се ослободат од родителите и да достигнат автономија, или кон анксиозност во смисла на одржување на поврзаноста со родителите дури и по цена на губење на самостојноста. Резултатите и овде се конзистентни: несигурниот attachment е поврзан со суицидност, злоупотреба на супстанции, агресивно и деликвентно однесување.

„Здравата“ афективна поврзаност подразбира дека родителите се стабилни и флексибилни. На пример, малото дете бара родителот физички да е присутен за да му даде утеха, додека на адолесцентите не им е потребна физичка близина колку што им треба сознание дека родителите ги поддржуваат дури и кога не се присутни. Вештиот родител умее да ги „слушне“ потребите на детето и доволно е храбар по потреба да ги попушти или да ги повлече границите.

Адолесцентот смее да го искаже своето мислење

Сигурната поврзаност не исклучува присуство на конфликти, но подразбира дека дури и во текот на недоразбирањата и расправиите, адолесцентот смее да го изкаже своето мислење, а родителот покажува емпатија кон туѓиот став.

Едно истражување објавено во списанието „Personality and Individual Differences“ во јануари оваа година се обидело да ги испита токму заедничките ефекти од психолошката контрола на родителот и стилот на афективната поврзаност врз автономијата на адолесцентот. Авторите користеле два пристапа. Со корени во психоаналитичката теорија, првиот ја согледува автономијата како степен на независност во донесувањето одлуки, размислувањето и постапувањето. Вториот пристап, кој потекнува од самодетерминирачката теорија, вели дека автономијата е независно функционирање, што значи степен во кој некое лице се однесува во согласност со личните цели, интереси и интернализирани правила.

Резултатите покажале дека строгата родителска контрола е поврзана со намалено независно функционирање и донесување одлуки кај детето. Анксиозниот стил на поврзаност е поврзан со намалено независно функционирање, но оди рака под рака со самостојно носење одлуки. Како едно од објаснувањата за овој необичен наод, истражувачите наведуваат дека е можно кога детето ќе се осмели самостојно да донесе одлука, родителите да реагираат со зголемено контролирачко однесување, поради што детето се повлекува, се обесхрабрува и развива анксиозен стил на поврзување.

Практичната препорака и поука е всушност дека успешното совладување на фазите на адолесценција не се постигнува со раздвојувањето од родителите и препуштањето на врсниците, но ниту со патолошко одбивање на детето да му се овозможи слобода на мислење. Здравиот пат до самостојна возрасна личност, полна со самодоверба, е поплочен со сигурна емоционална поврзаност, поддршка, топлина и соработка со родителите.

Автор: Сања Дутина-Драговиќ



912

X