Некаде длабоко во себе сите сакаме да бидеме сакани. Онолку колку што таа желба ни била неисполнета во детството, толку во возрасната доба ќе бараме начини да ја задоволиме или ќе се затвориме пред секоја можност да бидеме сакани, освен на површен начин. Ова второто е причина зошто многумина од нас растат во дом каде што не се изразуваат емоциите. Ниедно емотивно доживување не се покажува. Емотивната дистанца што ја создава таквиот став кај децата остава чувство дека немаат сигурно засолниште.

Неисполнетиот копнеж да бидеме сакани, прифатени и почитувани некои од нас ги води во потрага по душевна храна на погрешни места. Ако гладот е екстремен, користиме опојни средства за да ја исполниме внатрешната празнина. Но, хемиското дејство на дрогата, цигарите или алкохолот само привремено ја ублажуваат болката од таа празнина.
Родителите што чувствуваат внатрешна празнина, а со тоа и глад за љубов, кон своите деца постапуваат со задршка наместо да бидат водени од поривот за вистинска грижа за детето како единствена личност. Кога одгледуваме дете заради потребата да се чувствуваме сакани, склони сме да донесуваме одлуки кои ја ублажуваат нашата потреба, наместо одлука која би била најдобра за нашите деца.

Неразрешениот страв дека не сме вистински сакани е отров за секој облик на родителство. Таквиот страв може да се покаже на еден од следниве начини:

* претерано им угодуваме на своите деца, купувајќи ја нивната љубов;
* тешко ни е да им поставиме граници;
* природниот отпор на нашите деца го толкуваме како отфрлување;
* реакциите на децата ги толкуваме како напад врз себе;
* ништо што ќе направи детето не е доволно добро, а тоа го одразува нашето внатрешно чувство на недостиг;
* тешко ни е да го одделиме идентитетот на детето од нашиот идентитет затоа што е на несигурни нозе;
* му се нафрлуваме со бес на нашето дете затоа што не сме во допир со бесконечниот извор на сила и моќ на сопственото битие и само така ја поднесуваме и ја трпиме ситуацијата.

Ако нашето внатрешно битие не е вкоренето во трајна љубов, нашата несигурност ќе се расее на сите страни. Сè што нашите деца ќе направат или нема да направат ќе го прифаќаме лично и секоја ситуација ќе ја претвораме во катастрофа.
Соочувањето со чувството на внатрешна празнина бара храброст, трпение и посветеност. Ако потребата за љубов не е задоволена во нашата рана доба, празнината што ја доживуваме може во нас да ја уништи способноста не само да им веруваме на другите, туку и да ги сакаме. Затоа е толку важно да им се помогне на нашите деца во секој момент да се чувствуваат сакани и вредни за љубов, така што освестени ќе ги одгледуваме.
Можеме да почнеме така што (ќе се обидеме) целосно ќе ги прифатиме онакви какви што се, и тоа веднаш. Додека го правиме тоа, нивното изворно автентично „јас“ ќе цути и нема да остава внатрешна празнина што ги предизвикува сите проблеми што ги доживуваат многу деца.

 



912

X