Воспитување

Како да му се помогне на агресивно дете?

Многу родители се соочуваат со непријатни испади и агресивно однесување на своите деца. Голем дел од нив не знаат како да се однесуваат во тие ситуации, а тоа може да биде и причина за детската агресија.

Децата мора да гледаат во своите родители вистинска потпора. Родителите треба да ги постават границите и да бидат доследни во тоа што го зборуваат за да им бидат добар пример на децата. Тоа е добар пристап во однос на градењето на нивниот карактер, но и добра основа за идниот живот.

Дали се раѓаат со склоност кон агресивно однесување или агресијата ја манифестираат под влијание на околината?

– Агресивноста е дел од животот, не само во периодот на детството и адолесценцијата, туку и подоцна. Постојат разни теории за човечката агресија. Едни сметаат дека агресивноста е одговор на фрустрација, а други сметаат дека е вродена особина – објаснува детскиот психолог Жана Павловиќ.

Таа појасни уште некои работи поврзани со детската агресија – кои се можните причини, како треба да се однесуваме кон агресивните деца, односно како да им помогнеме. Укажа и кои методи на воспитување помагаат во такви случаи, а кои не. Таа смета дека детската агресија всушност е крик за помош.

Кои се причините за детска агресија?

Агресивноста кај детето се забележува уште од најраното детство. Ако детето расте во семејство каде што агресивното однесување е вообичаена појава, особено ако агресијата е насочена и кон него, и тоа ќе почне да се однесува агресивно. Растејќи во страв од агресијата на возрасните, детето се идентификува со „агресорот“ бидејќи на тој начин го редуцира стравот.

Физички малтретираните деца најчесто се агресивни кон деца што се поранливи од нив.

Најчестите причини за агресивно однесување кај децата се темпераментот, хормоните (повисок тестостерон – поголема агресивност), воспитниот стил на родителите, малтретирање, понизок социјален статус, насилството на телевизија (поагресивни содржини – поголема агресија), современиот начин на живот – стресот, очекувањата, несигурноста, лоша исхрана (пораст на адреналин) и други.

Дали агресивноста е специфична за момчињата?

Од втората година се забележуваат разлики во агресивноста меѓу момчињата и девојчињата. Во четвртата година агресивното однесување се стабилизирува како особина на личноста. И девојчињата и момчињата можат да бидат агресивни, но нивната агресивност се манифестира на различен начин. Голема улога имаат и специфичностите во воспитувањето бидејќи на различен начин влијаат врз девојчињата и врз момчињата.

Момчињата покажуваат поуочливи облици на агресија (физички облик), почесто се тепаат, побрзо и почесто имитираат агресивни манифестации… Девојчињата се вербално поагресивни и предност им даваат на посуптилните видови агресија (се закануваат, критикуваат), често се мешаат во играта или во разговорите. Агресијата може да има и облик на одбивање или отпор (не сака да помогне, не сака да учествува во нешто).

Што е автоагресија?

Агресија на детето насочена кон себе. Од некаква причина детето е уверено дека треба самото да се казни поради своите дела или мисли. Агресивноста што ја чувствува кон другите ја пренасочува кон себе. Има деца што се автоагресивни во состојби на голема возбуденост. Видливото однесување од овој вид всушност е повик за помош.

Како да му се помогне на агресивно дете?

Најважно е да се утврдат причините за агресивното однесување на детето и ако е можно, да се отстранат. Она што секој може да го направи во случај на агресивно однесување на некое дете е да постави граници до кои смее да оди детето во таа ситуација. Повеќето агресивни деца немаат чувство за граница.

Со таква постапка на детето му праќаме порака дека се грижиме за него и дека тоа го правиме од љубов, а не од потреба да го победиме или да го казниме. Не би требало детето да добие впечаток дека со агресивно однесување може да стигне до некоја цел. Кај помалите деца можеме, освен забрана, да користиме и дискретно свртување на вниманието кон сликовници, играчки, одење на некое друго место.

Кај агресивните деца забележуваме и пониско ниво на етичко расудување, тешкотии во распознавањето на социјалните знаци од околината (секогаш се чувствуваат загрозени), помалку се емпатични, несигурни се, ориентирани се кон себе и кон своите потреби, имаат пониска самодоверба, тешко го задржуваат вниманието.

Како треба да реагираат возрасните на агресивното однесување меѓу децата?

Обидете се да не ја изгубите контролата. Сè додека расправиите се ситни, останете настрана и оставете ги децата сами да го решат проблемот. Ако ситуацијата прерасне во конфликт, мора да се вмешате и да ги раздвоите децата за да се смират. Агресивното однесување мора да се совлада или резултатот ќе биде дете што ќе порасне во насилник или ќе трпи насилство.

Постапките не смеат да бидат застрашувачки за детето и мора да имате јасна структура и правила (да препознаете знаци, да дејствувате превентивно). Превентивните активности значат препознавање на своите и на туѓите чувства и нивното изразување.

Кои стратегии помагаат, а кои не?

Стратегии што помагаат: предупредување, тишина, тајмаут (столче за смирување), повторување на истиот настан, но на поинаков начин, „поправка на штетата“, простување и планирање (кај деца на школска возраст), хумор.

Стратегии што не помагаат: физичко казнување (ќотек), засрамување и понижување, споредување со друго дете, скратување храна, одење на спиење под казна, скратување љубов, заканување со напуштање…

Како можеме да им помогнеме на децата што се однесуваат агресивно?

Препорачливо е децата што се склони кон агресивно однесување да се зачленат во спортски клубови, каде што „вишокот енергија“ ќе можат да го трошат на натпревари. Тренерот претставува позитивен авторитет со кој децата со задоволство се идентификуваат. Добро е да се вклучат и во други активности: танцување, глума, истражувачки активности и слично.

Важно е да се поттикнуваат посакувани однесувања: емпатија, асертивно однесување (да се бориш за себе, а да не го повредиш другиот), просоцијално однесување, поставување граници, дисциплинирање без физички казни

 

Поврзани написи

To top