Ова е скриената логика што се одвива во главата на едно четиригодишно дете. За него еден типичен ден изгледа вака:

4:30 – Хм, речиси сум буден, сега би било многу поудобно во креветот на мама и тато. Можам убаво да си легнам меѓу нив и да продолжам да спијам, но откако ќе ги разбудам.
4:35 – О, не! Го оставив омиленото ќебе во мојот кревет. Ако плачам доволно гласно, мама сигурно ќе отиде да го земе. Навистина не ми се станува од кревет. Повторно.
7:00 – Мамо, само немој да ми кажеш дека и денес треба да одам во градинка. О, не, мама го изговори тоа. Знам дека ќе плачам. Освен ако Марко не ја донесе онаа негова нова играчка. Тогаш ќе биде интересно, ќе заборавам и ќе ја поздравам мама. Едвај чекам да одам во градинка, мамо побрзај!
7:05 – Пак се премислив. Не сакам во градинка!
7:30 – Мама ме тера да појадувам. Не разбирам зошто секое утро мора да поминуваме низ ова кога знае дека ќе ја одбијам.
7:40 – Мама ми го пушти омилениот цртан на ТВ. Како само ми ги чита мислите. Чекај малку, па го изедов целиот појадок несвесно.


8:00 – Колку ја сакам оваа сцена во цртаниот. Морам да ѝ кажам на мама да ја пушти неколку пати. Под неколку мислам 20.
8:30 – Обожавам да трчам гол низ станот.
8:40 – Мама денес веќе 10 пати ме замоли да се облечам. Тоа е толку забавна игра. Знаеш што е најдобро? Додека ми ја облекува маицата, успевам да ги соблечам чорапите. Додека ми ги облекува повторно чорапите, успевам да ја извалкам маицата. Предобра игра, секој би требало да ја научи.
8:45 – Чекај, зошто мама воопшто не се обидува да ме облече? Сериозно ја сфати оваа игра! Реков дека не сакам да одам во градинка. Или сакам. Што реков?
9:00 – Јас сакав да ја отворам вратата. Зошто мама ја отвори? Плачам.
9:30 – Морам да ги потсетам децата во градинка дека јас сум главен. Зошто никој не ме доживува така?
9:45 – Плачам и осамен сум. Градинката е најлошото место на светот.
10:00 – Ја обожавам градинката!
10:05 – Ја мразам градинката!
11:00 – Сега е доста, сакам да одам дома!
12:00 – Овде е толку забавно, би можел да живеам во градинка.
12:30-  Ручееееек! Мислам дека денес ќе изедам дури 3 залаци.
13:00 – Не сакам да спијам. Ниту да лежам. Ниту да бидам мирен додека другите спијат. Сакам да играм!
15:00 –  Ја сакам мама! О, кекси, баш тие ги сакам.
15:30 – Ја сакам мамааа! Плачам.
16:00 – Еве ја мама. Штета што баш почнав нова игра, па ќе мора да почека да завршам.
16:15 – Зошто мама постојано ме прашува дали ми се мочка? Па не сум мало бебе. Не морам!
16:16 – О, морам да мочкам. Итно!
17:00 – Мама веќе не сака да си игра. Како може да ѝ здосади по само една минутка?
17:05 – Мама го вклучи телевизорот, едвај ги чекам цртаните. Чекај, зошто го гледа тој човек додека зборува? Зошто не го менува каналот? Зошто не реагира на моето викање и плачење? Ох, добро е! Ова беше најлошата минута во мојот живот!
17:06 – Цртанииии!
17:10 – Зошто мама е толку фрустрирана? Одбив само 15 предлози за ручек што ми ги понуди. Ќе најдеме некој компромис.Се надевам тоа ќе биде пудинг.
17:30 – Јадам залак од сендвичот. Оф, колку сум сит!
19:30 – Јеееееј, тато дојде! За жал, баш сега играм игра, па не можам да го поздравам. Тој нека дојде кај мене.
20:00 – Не сакам да спијам во пижама. Ги сакам овие панталони, сакам да спијам во нив!
20:30 – Мамо, сакам од оној сендвичот!
20:40 – Уште сум гладен. Сакам млеко. И сок. И чоколада.
21:00 – Не можам да спијам. Не сум уморен, никогаш нема да успеам да заспијам!
21:01 – Ззззззззз…
4.30 – Во креветот на мама и тато сега сигурно би било поудобно

Автор: М.Т.



912

X