Цвеклото содржи голема количина витамини и минерали кои имаат клучна улога во развојот на вашето бебе. Богато е со витамини А, Б и Ц, ги содржи речиси сите минерали и изобилува со растителни влакна.
Две средно варени цвекла содржат:

Витамини
Витамин А – 35 IU
Витамин Ц – 3,6 мг
Ниацин – 0,33 мцг
Фолна киселина – 0,14 мг
Пантотенска киселина – 0,14 мг
Витамин Б6 – 0,06 мг
Содржи и други витамини во помали количини.

Минерали
Калиум – 305 мг
Натриум – 77 мг
Калциум – 16 мг
Фосфор – 38 мг
Магнезиум – 23 мг
Железо – 0,79 мг
Исто така, содржи помали количини селен, манган, цинк и бакар.

Како се воведува цвеклото во исхраната на бебето?

Периодот за воведување цвекло е од осмиот до десеттиот месец, но како и секогаш, се препорачува да се посоветувате со педијатар околу воведувањето на овој моќен прехранбен продукт.

Како да се избере и како да се чува цвеклото за бебето?

Цвеклото не спаѓа во категоријата „ризични“ продукти, односно продукти што во голема мера можат да бидат загадени со пестициди.
При изборот на цвекло, доволно е само да биде свежо. Исто така, помалите цвекла се помеки и повкусни, па затоа се препорачува да не земате цвекло кое е поголемо од 7-8 сантиметри.
Одберете цвекло што нема дамки и не е „потчукнато“ и ако е можно, одберете цвекло кое сè уште има зелени лисја, бидејќи така ќе бидете сигурни дека плодот е свеж. Не обрнувајте внимание на земјата доколку ја има на плодот, само добро измијте го пред употреба.
Освен детално миење, потребно е и да ги отстраните лисјата, а потоа да го складирате плодот во кутија со капак или во кеса за замрзнувач. Во фрижидерот чувајте го цвеклото во фиоката за овошје и зеленчук. Вака складирано, цвеклото може да потрае и една недела.

Најдобар начин за подготвување на цвеклото

Најдобар начин за подготовка е печењето во рерна, а за бебињата се препорачува варење на пареа, кое претставува најдобар начин за витаминот А и бета-каротенот да станат биоподостапни – за организмот да ги искористи што поефикасно.
За полесно варење, цвеклото претходно треба да се излупи и да се исечка.

Рецепти за кашичка со цвекло

Кашичка со цвекло

Потребни состојки:
свежо цвекло (количина по желба и според возраста на бебето)

Начин на подготовка:

Измијте го и излупете го цвеклото, а потоа исечкајте го на делчиња. Варете го на пареа или во вода додека не омекне. Не употребувајте ја водата во која се варело цвеклото за разредување на кашичката бидејќи може да содржи нитрати. Цвеклото испасирајте го, а потоа додајте обична вода за да постигнете мазна структура.

Црвени компири

Потребни состојки:

100 грама варено и испасирано цвекло
200 грама изгмечен варен компир

Начин на подготовка:
Измешајте ги цвеклото и компирите и сервирајте го оброкот. Доколку кашата е густа, разредете ја со млеко додека да ја добиете посакуваната текстура. По желба можете да додадете и варен морков.

Црвен ориз

Потребни состојки:

200 грама варено и исечкано цвекло
300 грама варен кафеав ориз
1 мал сечкан кромид – малку пропржен
3 жолчки
100 грама варено, исечкано пилешко или мисиркино месо
50 милилитри пилешки бујон
малку млеко или 200 милилитри полномасен јогурт
зачини по желба

Начин на подготовка:
Во една чинија измешајте ги цвеклото, оризот, кромидот и месото. Додајте мајчино или адаптирано млеко или јогурт и трите жолчки. Добро промешајте.
Во тавчето за печење ставете маслиново масло и истурете ја смесата. Печете на 200 степени од 50 минути до еден час. Откако ќе го извадите јадењето од рерната, оставете го да одмори 5 минути пред сервирањето.

Колачиња од цвекло

Потребни состојки:

5 цвекла со средна големина
маслиново масло
модли за колачи

Начин на подготовка:
Измијте ги, излупете ги и исечкајте ги цвеклата. Со модлите за колачиња вадете делови од цвеклото. Ќе мора да притиснете посилно. Секое исечено цвекло ставете го во тепсија на која сте ставиле хартија за печење и премачкајте го со малку маслиново масло. Покријте ги со фолија и печете ги на најмногу 220 степени околу 10-20 минути или додека да омекнат.

Кашичка од репка и цвекло

Потребни состојки:
1 поголема репка (или неколку помали)
4 цвекла средна големина
зачини по вкус

Начин на подготовка:
Излупете ја репката, исечкајте ја на што поситни делчиња и варете ја додека да омекне.
Излупете ги и исечкајте ги цвеклата, а потоа варете ги на пареа, а можете и репката да ја варите на пареа заедно со цвеклото.
Кога ќе омекнат, испасирајте ги заедно и додајте зачини и млеко по вкус.

Продукти што добро се согласуваат со цвеклото:
Јаболка, компири, грашок, тиквички, кафеав ориз, леќа, пилешко месо, свинско месо, тофу.
Напомена: Цвекло може да предизвика розеникаво-црвен измет, што не треба да ве загрижува.

 



912

X