Имате дете кое е често налутено и не знае да се справи со стресот од одбивање, пораз во играта, братска љубомора, споделување…? Постојат многу причини зошто децата се лутат и зошто доживуваат испади на бес. Можеби дел од проблемот е тоа што не знаеме да ги ислушаме. Овој татко ја применил техниката слушање што ја користат психолозите терапевти и пријатно се изненадил.

Колку пати сте тргнале да разговарате со децата, сте се обиделе да им објасните, да ги вразумите, но набрзо сте го изгубиле нивното внимание. Не ве слушале. Затоа што забелешките, разговорите и објаснувањата не се начин на кој децата комуницираат. Ним тоа им е бескрајно досадно и притоа го слушаат само секој петнаесетти изречен збор:

„Не сакам да ја удираш сестра ти. Колку пати сум ти рекла да не ѝ ја фрлаш топката во главата. Зошто си лош?“ во превод: „Бла, бла, бла, бла, сестра ти, бла, бла, бла, бла, бла, топката, бла, бла, бла, бла, бла, лош“.

А, всушност, проблемот можеме лесно да го решиме само ако знаеме да слушаме што сакаат и потоа да ги изговориме вистинските зборови.

На овој татко му било тешко да ги слуша децата, кои постојано нешто барале и пребирале. Поради тоа што родителите го одбивале таквото нивно однесување, децата сè повеќе го барале нивното внимание, а родителите упорно им попуштале. Хаосот растел – децата станувале сè полоши, а мајката и таткото пофрустрирани. Таткото го прекинал таквото однесување со примена на техниката слушање, која се користи за деца при когнитивно-бихевиорална терапија.

Активното слушање бара посветеност и работа. Самата техника бара мирно опкружување со малку одвлекувачи на вниманието и следење на говорот на телото додека детето зборува. Потоа, како слушател едноставно го повторувате тоа што сте го слушнале, така што малку го парафразирате изреченото за да го потврдите заедно со детето. Процесот, исто така, бара физичка отвореност кон говорникот и телесна физичка гестикулација со која ќе покажете прифаќање и слушање, вклучувајќи и кимање со главата и контакт со очите кога тоа е потребни. Своето просветлувачко искуство со техниката слушање овој татко го опишал на следниов начин:

„Техниката почнав да ја користам во понеделник и набрзо го видов резултатот. Моето прваче одеше зад неговиот постар брат и жестоко плачеше. Наместо да ја откријам причината за неговото плачење или да му велам да се смири, седнавме еден покрај друг и го прашав што се случило.
’Ми беше грозно на училиште и имам домашна задача‘, закенка.
’Разбирам дека си многу тажен затоа што имаш домашна задача‘, му реков, чувствувајќи се малку глупаво.
’Да‘, липаше. ’А брат ми нема домашна задача.‘
’Гледам дека си разочаран што мораш да напишеш домашна задача, а брат ти не мора‘, реков додека тој липаше.
Кимна со главата, длабоко воздивна и ги избриша солзите. ’Тато, може ли да добијам нешто за јадење?‘ ме праша смирено.
’Ти си изгледа многу гладен и баш би ти годело да најдеме нешто фино за јадење. Така?‘ му реков целосно внесен во повторувањето на неговите зборови.
Син ми кимна, го зедов за рака и отидовме во кујната каде што најдовме банана. Одеднаш сè беше во ред. Ова навистина дејствува… како некаква магија.
Во текот на остатокот од вечерта сè подобро забележував зошто оваа техника функционира. Активното слушање беше како активирање на копчето за пауза. И од мене бараше да бидам мирен и присутен. Додека траеше разговорот и слушањето, ништо лошо не можеше да се случи. Наместо засилување на конфликтот, викотниците и немирот, активното слушање нè смири сите. Одеднаш разумот преовлада.

Но, тоа не беше единствената причина поради која активното слушање функционираше. Третиот ден, моите деца, исто така, почнаа да забележуваат што правам и почнаа да ја избегнуваат мојата досадна и смирувачка поза и начинот на слушање. Но, она што ме воодушеви е тоа што сето тоа функционираше и поради тоа што беше несмасно. Дури и откако моите деца почнаа да сфаќаат, успеваше.

Во среда попладне моето прваче дојде во кујната со еден проблем. Беше лут затоа што сакаше уште некое залче иако веќе имаше јадено. Исто така, сакаше да гледа ТВ затоа што неговиот брат си го пуштил своето омилено дивиди со Road Runner и не сакаше да пропушти ништо. Почнав со мојата игра.
’Гледам дека си нервозен затоа што би каснал уште нешто, но и дека си нетрпелив затоа што исто така сакаш да гледаш ТВ…‘
Пред да си ја завршам мислата, тој се заврти и замина. Очигледно немаше ни време ни нерви да ме слуша. Му беше досадно, а освен тоа беше малку веројатно дека ќе го добие тоа што го сака. Одлучи да го пресече тоа. Паметно дете. Иако активното слушање не би требало токму така да се прави, за мене исходот беше доволно добар. Ако со досадување можам да ги доведам моите деца во ред и да ги натерам на соработка, тоа е одлично. Одлучив да го истражам докрај активното слушање и да ги пронајдам неговите граници.

Утредента ги повикав децата да влезат дома од дворот, каде што играа. Обајцата врескаа и плачеа, па и кучето почна да лае, а тогаш и јас посакав да викам. Но, се смирив и успеав да ги натерам да седнат. Беше време да почнам да слушам онака активно како што знам.
Почнав со помалиот, кој се чинеше повозбуден од другиот. ’Што се случува тука?‘
’Брат ми не ми дава да ја играм играта суперхерои‘, налутено го обвини постариот брат.
’Добро, мислам дека сакаш да кажеш…‘
’Ама, па, тој секогаш сака да игра суперхерои‘, ме прекина постариот.
Повторно ги смирив и се обидов да почнам отпочеток, овој пат со постариот брат. ’Во ред, слушам дека велите оти сте уморни од играње суперхерои и сакате да се обидете…‘
’Не сака дури ни да игра мутанти!‘ викна неговиот помлад брат, уште еднаш.
Ова се случуваше извесно време. Дури и кога ќе успеев да добијам активен ритам на слушање, не успевавме да најдеме решение. Повеќе имаше викање и трескање врати. Мојата жена конечно ги раздели кавгаџиите, а јас вриев во себе. Каде исчезна магијата? Што се случи?

Тогаш ми светна. Се разбира, јас активно ги слушав. А момчињата? Не сосема. И тоа беше проблемот. Активното слушање не помага за решавање на конфликтот во групата ако сите страни не слушаат активно. Колку и да сакам да бидам добар татко и да ги подучувам како активно да го слушаат другиот, ми се чини дека тоа за нив ќе биде сериозен долгорочен проект. Искрено, се двоумам кога ќе помислам на тоа.

Но, не значи дека се откажувам од активното слушање. Тоа е добар алат во мојот родителски комплет со алатки, но само ако постојат вистински услови. Сигурен сум дека ќе продолжам да го употребувам во овој или во сличен облик и ќе ми биде од помош. Ако ништо друго, оваа техника ме научи колку е важно да се биде повеќе присутен и да се биде во конкретниот момент кога моите деца се борат со демони. Освен тоа, ако продолжам, можеби моите деца ќе ме набљудуваат и ќе го усвојат активното слушање.
Во петок навечер, додека довршувавме со чистење на кујната, воздивнав уморно и се пожалив: ’Боже, каков ден. Толку сум уморен, само сакам сè да заврши‘.
Жена ми ме погледна. ’Те слушам‘, ми рече. ’Ти, всушност, би сакал да отидеш горе, да легнеш на кревет и да гледаш ТВ со мене.‘
Имаше право. И чувствував дека ме слуша“.



912

X