За тоа колку е значајно играњето друштвени игри за детскиот развој, разговаравме со психотерапевт и одделенски наставник

Учат да победуваат, но и да губат, да смислуваат стратегии, да комуницираат, да почитуваат различности, концентрација… Со другарчиња или со семејството, играњето друштвени игри е одлично за децата. Со нив не само што децата ќе го потрошат времето квалитетно туку и многу ќе научат. Колку овие игри се значајни за детскиот развој, разговаравме со психотерапевт и одделенски наставник.

Психотерапевтот Наташа Маџевска вели дека друштвените игри се многу важни за развојот на децата и децата имаат право на нив.

– За да имаат сила да се соочуваат со секојдневните напори, важно е децата да имаат слободно време во кое своето внимание ќе го насочат кон нешто друго, без оптоварување, забавно и креативно. Многу често родителите ги запишуваат децата на воннаставни активности како спорт, странски јазик или на часови на кои учат инструмент, но слободното време што е осмислено со членовите на семејството или другарчињата низ креативни друштвени игри за детскиот развој е исто многу важно – вели Наташа Маџевска.

Наташа Маџевска

Таа објаснува дека играњето друштвени игри предизвикува кај децата доживување на позитивните емоции, доживување на непријатните емоции и способност како да се справуваат со нив, а децата учат стратегии на решавање проблем, ги прошируваат своите перспективи и донесуваат одлуки. Исто така, се развиваат мисловните способности, помнењето и создавање асоцијации за поттикнување на апстрактното размислување. Детето ги развива социјалните вештини, се развива и ја јакне самодовербата, се развиваат крупната и ситната моторика, се засилуваат мускулите, се намалува детската анксиозност и се стекнуваат навики децата активно да го поминуваат своето слободно време со другарчиња.

– Во спротивно, децата стануваат пасивни и слободното време го поминуваат пред телевизор, таблет или компјутер. Со друштвените игри децата имаат искуство и доживување на забава, пријатност и безгрижност. Се развива и негува ведрото расположение кое ги поттикнува во иднина сами да ги изведуваат во своето слободно време. Децата учат за себе и за другите, стекнуваат вештини што им се потребни за меѓусебно разбирање, почитување и прифаќање на различноста во игрите. Преку комуникација и дружење низ друштвените игри на децата им се овозможува искусување пријатни доживувања со другарчињата и се создаваат трајни пријателства – додава Маџовска.

Основната цел на друштвените игри е преку забава детето да стекнува нови знаења и вештини кои се важни за животот, објаснува Златица Апостолов, професорка по одделенска настава.

Златица Апостолов

– Додека детето игра со својот родител, има можност квалитетно да го поминува времето и да соработува, да ја развива перцепцијата (ги следи своите и туѓите потези) и концентрацијата додека ја игра играта. Детето има можност да учи нови правила и да ги почитува. Преку друштвените игри детето ја развива и ситната моторика на рацете, на пример, кога фрла коцка, кога реди сложувалка и сл. Исто така, детето има можност да го развива своето мислење преку пронаоѓање решение за различни проблеми, да донесува одлуки за своја стратегија, да ја развива самодовербата, самопочитувањето, прифаќањето на себеси и развивањето на својата креативност – објаснува Апостолов.

Преку друштвените игри се развиваат и комуникациските вештини на детето (вербални и невербални). Во друштвените игри детето учи и за емоциите, како да биде добар победник или губитник.

– Со помош на родителот детето ќе ги научи и ќе ги препознае емоциите. Особено е важно детето да го прифати поразот доколку не победи во играта, на овој начин ќе развива самоконтрола – додава Апостолов.



912

X