Социо-емоционалниот развој ја дефинира социјалната и емоционалната компетентност кај децата, интеракција и однос со врсниците, возрасните и околината. Уште од најмала возраст потребно е да се развиваат самодовeрбата, довербата и емпатијата кон другите.

Поголемиот дел од денот децата го минуваат во училишните установи, така што социјалната интеграција зазема централно место. Воспитанието и образованието ја имаат главната функција при социјалната адаптација на индивидуата, со што наставникот ја има водечката улога. Поради континуираните промени во општеството, потребно е, пред сѐ, кај децата да се развие флексибилноста за да можат потоа како самостојни индивидуи да одговорат на потребите во понатамошниот живот.

За да се постигне задоволителен степен на социо-емоционален развој, може да се применуваат разновидни интересни активности, кои кај децата ќе ги поттикнат фантазијата, самоиницијативата, мотивацијата и тимската работа. На тој начин ќе се развијат социо-емоционалните вештини кај децата, како: самопознавање, социјална свест, емпатија, асертивна комуникација, упорност, соработка, самоуправување, одговорност и сл.

Во продолжение ќе наведеме неколку предлог-индивидуални и групни активности кои можат да се изведуваат во училиштето или во домот:

„Емотивен мозаик“ – Се даваат картончиња во три бои: зелено – среќа; жолто – ни среќа ни тага; црвено – тага. Детето секој ден на хамер става картонче според своето расположение, во форма која само ја креира.

„Позитива на денот“ – На грбот на секое дете се залепува бел лист. Секое дете на грбот на другарчето треба да нацрта симбол кој за него претставува среќа или збор кој му предизвикува убаво чувство.

„Лична карта“ – На училишното пано сите деца ставаат своја фотографија залепена на бел лист. Под секоја фотографија децата запишуваат која карактерна особина најмногу ја сакаат кај своето другарче.

„Раскажи ми“ – Децата се делат по парови. Имаат задача да си раскажат по една вистинита случка.

„Поточе“ – Се прави поделба во 3-4 групи. Секоја група има ливчиња на кои се напишани зборови, од кои секоја група треба да состави што е можно поголем број охрабрувачки мисли.

„Пајажина“ – Потребно е едно јаже или волница. Децата се редат во круг. Секој кажува една лична карактеристика и потоа клопчето го подава на друг соученик. Откако ќе заврши кругот, потребно е да се отплетка „пајажината“, така што секој треба да помни која карактеристика ја кажало другарчето што му го подало клопчето.

„Сложувалка“ – Во кутија се ставаат ливчиња во форма на делови од сложувалка во различни бои, на кои се запишани зборови. Преку разговор со соучениците, сите треба да си ги пронајдат соодветните групи со иста боја на ливче и збор, а потоа да ја состават сложувалката во својата група.

Големо влијание врз социо-емоционалниот развој има начинот на кој родителите реагираат на потребите на децата, односно каков тип поврзаност ќе се воспостави: сигурен, несигурен или анксиозен. Од воспоставената врска родител-дете и начинот на комуникација зависи каква слика детето ќе формира за себе, какви контакти ќе формира со врсниците, како ќе функционира во општественото опкружување и како ќе ги контролира своите чувства.

Затоа, нагласуваме дека уште од најрана возраст родителите треба да ги вклучуваат децата во разни групни активности од спортски, забавен или научен карактер, да воспостават отворена и искрена комуникација и да ги поддржуваат детските желби, интереси и афинитети!

Автор: Ангела Икономоска, педагог



912

X