Воспитување

Како децата ќе разликуваат добро од лошо ако нема никакви последици за лошото однесување?

Познато е дека казните не се ефикасни бидејќи не ги учат децата на добро однесување, туку им испраќаат порака дека мора да избегнуваат неприфатливо однесување оти следуваат последици во вид на казна. Или едноставно дека мора повеќе да се потрудат за родителот да не го види тоа однесување кое се смета за неприфатливо. Многу научни истражувања, исто така, го потврдуваат фактот дека казните не им испраќаат добра порака на децата. Но, како децата всушност може да разликуваат добро од лошо?

Децата имаат свој став, свои соништа и желби. Тие сакаат да одлучуваат за своите постапки и начинот на кој го поминуваат своето време. Но, тие исто така зависат од родителите. Родителите се задолжени да се грижат за нив, да направат сѐ за тие да бидат згрижени и безбедни. Тие им веруваат на родителите дека тоа ќе го сторат. Можеби нема секогаш да го направат она што родителите го бараат од нив. Но, бидете свесни дека секогаш, ама баш секогаш ќе го прават она што го прават родителите. Децата најмногу учат од она што го гледаат, а тоа е главно она што го правиме ние, нивните родители. Без разлика што зборуваме, ако со своите постапки го покажуваме спротивното, децата ќе го научат токму тоа.

-Кога им помагаме да го избришат млекото кое го истуриле, тие учат дека ништо страшно не се случило, па нема причина за плачење или обвинување. Се што е потребно е да се реши проблемот, а тоа е да се избрише млекото кое се истурило.
-Кога го разбираме нивниот бес бидејќи не може да го добијат она што го сакаат, тие учат две работи: не може да го добијат тоа што го сакаат и имаат родители кои ги разбираат и го сфаќаат нивното незадоволство.
– Кога сме секогаш подготвени да ги сослушаме, тие учат дека животот понекогаш може да биде тежок, но секогаш постои решение на проблемите, без разлика колку и да е тешко.
-Кога уживаме да поминуваме време со нив, им даваме до знаење дека се добро друштво и дека ги цениме како личности.
-Кога ги простуваме нивните грешки, тие учат дека никој не е совршен. Но, исто така, сфаќаат дека ги сакаме, баш такви какви што се.
-Кога ќе се извиниме и бараме прошка, тие учат дека секогаш треба да се бара прошка и да се извините кога некого ќе повредите.
-Кога ќе се обидеме да ја сфатиме нивната перспектива, тие го сфаќаат нашиот начин на гледање на светот и не сакаат да нѐ разочараат во тој поглед.
-Кога сочувствуваме со нив додека се вознемирени, тие учат дека тешките емоции не се крај на светот и дека секогаш можеме да се носиме со нив.
-Кога нежно им објаснуваме дека кучето останало гладно бидејќи заборавиле да го нахранат, тие сфаќаат дека не треба да го повредат својот миленик.
-Кога им покажуваме како да се потсетат следниот пат за да го нахранат кучето и да не заборават, тие учат како да бидат организирани и да мислат на обврските што ги имаат.

Но, и спротивно од тоа:

-Кога ги казнуваме бидејќи заборавиле да го нахранат кучето, тие се лути и на нас и на кучето. Тоа воопшти не ги мотивира да се грижат за него.
-Кога им викаме, тие учат дека викањето е во ред. Потоа тие ни викаат нам.
-Кога ги казнуваме, тие учат дека тоа е начин за решавање проблеми. Сфаќајќи дека луѓето кои се посилни имаат секакво право да ги газат и понижуваат оние што не се толку силни.
-Кога во сообраќај ќе пцуеме друг возач, тие учат дека простаклакот е во ред.
-Кога нѐ слушаат додека зборуваме на телефон и знаат дека лажеме, тие учат дека е во ред да лажат.
-Кога лажеме колку години имаат за да влеземе во забавен парк и да платиме помала цена за влезница, тие учат дека мамењето е прифатлив начин на однесување.
-Кога возиме над ограничувањата и се фалиме со тоа, тие учат дека е во ред да се прекрши законот ако не нѐ „фатат“.
-Кога им ветуваме дека ќе им прочитаме приказна за добра ноќ и потоа „забораваме“, не постои никој кој може да им помогне да се носат со тие, за нив тешки чувства.
-Кога ги удираме, тие учат дека е во ред да се злоупотребат послабите од себе.
-Кога ги казнуваме, им даваме порака дека се лоши. Лоши бидејќи направиле нешто погрешно, бидејќи имаат чувства кои не ги прифаќаме. Затоа што се лути на нас бидејќи сме ги казниле. И лоши затоа што знаат дека повторно ќе го направат тоа.

Децата не учат да разликуваат добро од лошо ако сме ги казниле. Тие не можат да научат да разликуваат црвена боја од сина бидејќи ќе ги казниме ако не научат. Тие ќе научат само ако им ја покажеме црвената боја. Исто така, ќе научат што е нежност, одговорност, разбирање, искреност, сочувство и дарежливост бидејќи сме им го покажале тоа со свој пример. Бидејќи нѐ гледаат кога сме нежни кон другите, како одговорно ги извршуваме задачите, како ги разбираме и сочувствуваме со нив… Кога децата се чувствуваат блиски со своите родители, тие сакаат да го следат нивниот пример.

Правењето спротивно од тоа што го прават нивните родители, за нив би било крај на светот. Ние, родителите, сме најважните луѓе во нивниот живот – затоа поврзаноста со детето е најважен фактор во одгледувањето. Додека детето не се чувствува поврзано со нас, родителите, нема да биде подготвено да го прифати нашиот совет или нашето водство.

На крајот на краиштата, никој не е совршен и сите сме само луѓе. Во тоа е и убавината на животот на овој свет. Но, ако своите деца ги воспитуваме со пример, односно ако и самите живееме по она што го очекуваме од нив, тие вистински ќе се потрудат да направат добар избор во својот живот. Бидејќи ние, родителите, имаме најголемо влијание врз животите на своите деца. Па, ако не се промениме на подобро заради себе, да се промениме заради своите деца.

Автор: Михаел Шанко

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top