Одвикнувањето на детето од цуцлата не е лесна работа, а од моето неодамнешно искуство можам да признаам дека можеби е потешко за родителите отколку за децата. Во моментот кога се збогувавме со цуцлата, бев многу тажна и сакав да плачам, знаев дека мојата ќерка ја сака, но знаев ѝ дека повеќе не и треба. Еве го нашето искуство:

Забите на ќерка ми почнаа да излегуваат малку подоцна, а сега, иако има повеќе од две години, уште многу ѝ фалат. Тројките се во процес на растење и знам колку можат да бидат болни, па затоа одлагав да ѝ ја земам цуцлата. Дури и пелените ги остави, но некако цуцлата и понатаму беше присутна. Ја користеше само за да заспие или попладне кога чувствуваше непријатност поради забите. Меѓутоа, додека се подготвуваме за патување во Египет и бидејќи знам дека таму има многу бактерии, решив да се збогуваме со нејзиниот пријател – цуцлата. Долго време ѝ кажував дека цуцлата е стара и наскоро ќе се искине, ја подготвував за она што следува. За среќа, еден ден заборавивме да ја однесеме во градинка, а таа успеала да заспие без неа. Кога воспитувачката ми кажа за тоа, се консултирав со неа дали да продолжиме да ја носеме. Се договоривме цуцлата да ја ставам во чантата, но да не ја вадат освен ако е апсолутно неопходно. И така и беше.

Доаѓа викенд е јас си реков дека е идеален момент да ѝ ја „одземам цуцлата“. Стигнавме дома, цуцлата уште беше во ранецот и ќерка ми не ја побара. Ја зедов и ѝ го отсеков целиот горен дел во форма на брадавица, но оставив мал дел да виси и ја вратив во ранецот.

По некое време ќерка ми се сети на цуцлата, а јас сакав да ја искористам шансата да ја најде што поскоро и да сфати дека се скинала. Се тресев од страв, признавам. Чекав да почне бучавата за неколку секунди. Ѝ кажав дека цуцлата е во ранецот, таа го отвори и ја зеде, а потоа почна да ја гледа.

„О, што е тоа? Ни пукна цуцлата, но тоа значи дека сега си голема девојка и не ти треба“, ѝ реков додека ја влечеше цуцлата за да ја расцепи целосно. Кога ја одвои на два дела, го зеде пластичниот дел и се обиде да го стави в уста, но сфати дека не може и почна да се смее. Покрај кажувањето приказна да се заблагодариме на цуцлата, да ја бакнеме и да ја фрлиме в ѓубре затоа што сега моето девојче е веќе голема девојка на која не ѝ треба цуцла – ќерка ми го направи тоа со насмевка на лицето.

Кога дојде време за спиење, таа ја побара цуцлата неколку пати, но по убав разговор се договоривме да си легнеме заедно. Се вртеше, не можеше да заспие, но по 15-ина минути ѝ помина нервозата. Заспа, а потоа се разбуди во текот на ноќта и почна да плаче и да ја бара цуцлата. Се разбира, јас и мојот сопруг ја смиривме и таа повторно легна и заспа. Само што се разбуди сабајлето, ни кажа дека е голема и дека ѝ „пукнала“ цуцлата.

Не ја бараше цел ден, но кога дојде време за спиење, повторно ја побара неколку пати, малку се вознемири, но повторно заспа нормално. Таа ноќ спиеше цела ноќ, немаше будење или плачење. Веќе третиот ден немаше врева и вознемиреност. Легна да спие, но постојано велеше: „Нина нема цуцла, на Нина ѝ пукна цуцлата, Нина е голема“ – имав чувство дека се охрабрува. Следните неколку ноќи го повторуваше истото, но никогаш не се разбуди да ја бара, не плачеше поради неа и сè помина многу подобро отколку што можев да очекувам.

Еве како изгледа нашата цуцла откако ја исековме:

Автор: Радмила Илиќ

Извор



912

X