Воспитување

Како да се воспитува детето да одговори на насилство?

Сè почесто во медиумите наидуваме на брутални детали од врсничко насилство. Родителите панично ги следат промените во однесувањето кај своите деца, стравувајќи дека и тие можат да станат жртви на таа појава. Меѓутоа, често се во дилема како да го воспитуваат своето дете да реагира на насилството: да побегне или да го возврати ударот? Експертите категорично тврдат – секое насилство е недозволиво.
– Недозволив е каков било вид насилство. Целосно е погрешно детето да се учи да го возврати ударот и дека на насилство треба да одговори со насилство бидејќи така се создава „магичен круг“ – вели психологот Жарко Требјешанин од Србија.

Превентива

Требјешанин објаснува дека секогаш е подобро да се дејствува што порано и да се спречи натамошно насилство бидејќи од игра може да се случи трагедија. Ако се „дозволи“ некое однесување и не се реагира, може да ескалира.
– Кога му дозволувате некому да навредува, понижува, да граба, тој ќе продолжи понатаму – вели тој.
Потребно е одлучно да се застане на патот на оној што се однесува насилно и сака да демонстрира моќ над другите деца, додава психологот. Но под таква реакција тој исклучиво подразбира разговор на родителите со наставникот, директорот…
– Не е кодошење ако родителот пријави во училиштето. Тоа се проблеми што треба да се решаваат системски – смета тој.

Што е насилство?

– Кај нас под насилство се подразбира само ако детето има модринки: ако добило ќотек или ако некој го дупнал со шестар, со нож… Насилство може да биде и социјалното изолирање, кога никој не сака да се дружи со детето, кога го озборуваат, шират лаги и клевети за него. Многу е важно и доживувањето на насилството: некому тоа му изгледа како шега, но ако тоа го погодува детето, тогаш е проблем. Некои деца се почувствителни од другите – истакнува Требјешанин, потенцирајќи дека две деца можат сосема различно да реагираат на исто однесување.

Му велат на детето да не се тепа, а тие го тепаат за секоја ситница

Тој смета дека родителите често грешат бидејќи на детето му испраќаат збунувачки пораки со своето однесување дома: го советуваат да не се тепа со децата, а самите го тепаат за секоја ситница.
– Родителот има одговорност да го научи детето како да ги решава конфликтните ситуации и како да се снајде без примена на насилство – вели тој.
Сепак, не може комплетната одговорност да им се припише на родителите бидејќи тие често умеат да бидат коректни и пристојни, а во нивно отсуство детето да биде изложено на различни содржини од телевизија, интернет, од медиумите, за што подоцна ќе зборува на училиште, и така се создава проблем.
Требјешанин останува со непоколеблив став кон прашањето што се случува кога ќе откаже целиот систем: училиштето, родителите, тимовите против насилство, кој треба да го заштити детето…

Како треба да возврати тоа дете?

– Секој вид насилство е недозволив. Што се постигнува со тоа? Токму така се случуваат трагедиите. Ќе закажат тепачка по наставата, ќе понесат и некакво оружје со себе. Ако го учите детето да возвраќа, тогаш и вие сте одговорни за она што ќе се случи подоцна – заклучува психологот.

Научете го детето да отстапи

Со овој експерт се согласува и Николина Милосавлјевиќ, психолог и советник за родители.
– Не се советува на детето да му се даваат препораки од типот „врати му и ти“ бидејќи така насилството произведува дополнително насилство, а целта ни е да го научиме детето како низ асертивност на конструктивен начин да ги решава конфликтите. Меѓутоа, доколку таквиот вид комуникација не помага, подобро е детето да се научи да отстапи некаде каде што ќе биде безбедно и да побара помош од возрасна личност во училиштето – вели Милосавлјевиќ.
Таа потенцира дека децата што покажуваат насилно однесување првично се фокусираат на изолирани деца, така што се советува детето да не биде само и секогаш околу себе да има другарчиња.
– Доколку се случи детето да биде физички загрозено и не може никаде да се засолни, би било пожелно да се научи како да се одбрани, но за тоа се одговорни и самите физиолошки функции во организмот кои го подготвуваат за одбрана кога одредени мозочни структури ќе проценат дека телото се наоѓа во животна опасност – објаснува таа.

На прашањето како да се воспитуваат децата да одговорат на врсничкото насилство, Милосавлјевиќ дава конкретни совети:
– Главно на почетокот се случува вербално насилство, така што најдобро е детето да се научи дека ако одредени „шеги“ навистина го повредуваат, пред детето што го врши вербалното насилство да глуми дека тие шеги му се досадни и дека не го допираат, да користи одреден хумор и кратки реченици од типот „е, како да не“ или „немаш ли некоја попаметна работа“ и слично. Во поголемиот број случаи ако детето покаже незаинтересираност за обидите на вербално насилство, насилството ќе престане, бидејќи децата што вршат вербално насилство се обидуваат да испровоцираат бурни одговори од детето на кое се фокусирале.
До која граница треба да се трпи пред да се пријават таквите случаи кај одделенскиот раководител, директорот, родителите на детето што го малтретира вашето и кога се преминува таа граница?
– Не би било лошо ако родителите повремено му поставуваат љубопитни прашања на детето за да ја следат ситуацијата во училиштето. На пример: дали се случува некое дете да биде отфрлено од групата, како се чувствува нивното дете кога ќе види дека некој друг е отфрлен, дали му се случила таква ситуација и како се чувствувало тогаш… Значи, потребно е да дознаете како вашето дете реагира на децата што вршат вербално и физичко насилство врз други, и ако забележите дека тоа тешко се снаоѓа во тие ситуации, пожелно е да работите со него на вештините на комуникација кои можат да му помогнат на асертивен начин да им се спротивстави на децата-насилници – советува психологот.
Таа додава: Контактирајте со одделенскиот раководител за да договори натамошни чекори кои ќе се применуваат за да престане агресивноста. Се разбира, ако претходниот чекор не дава резултати, треба да се обратите кон повисоките инстанции кои се одговорни за решавање вакви проблеми.

Каде е границата?

На прашањето каде е границата на детската игра, макар и да е груба, а каде шегата преминува во насилство, Милосавлјевиќ се согласува дека децата во текот на растењето се груби едни кон други, но вели дека тоа не трае долго.
– И доколку едната страна се чувствува повредено, по некое време тоа се регулира, па двете деца што се карале пред една недела повторно се зближуваат и учествуваат во заеднички активности, прифаќајќи се едно со друго. Меѓутоа, доколку едната страна постојано се чувствува навредено, отфрлено и изолирано во однос на другите деца, и истовремено детето кое врши психолошко и/или физичко насилство го прави тоа со намера да го понижи изолираното дете, тогаш очигледно е дека се работи за врсничко насилство на кое треба да му се застане на патот и на кое задолжително треба да се реагира – вели таа.

Не тепајте ги децата!

– Проблемот е што во денешно време се користат казни и тепање како начини на дисциплинирање на децата, каде што родителот, кој е помоќен, применува физичка казна над детето, кое е послабо, и тогаш тие деца своите проблеми и внатрешни фрустрации ги решаваат токму со агресивност кон своите врсници кои ги процениле како „послаби“. Сè додека се оправдуваат казнувањето и тепањето, дотогаш и врсничкото насилство ќе биде во подем – заклучува психологот и нагласува дека е поборник на воспитување без казни и тепање, па се обидува да биде и модел за своите деца – низ разговор ги разрешува несогласувањата и конфликтите.

Автор: М.Милојковиќ

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top