Воспитување

Како да се справите со родителскиот страв

Треба да го испратам моето дете на колеџ и домот да ми остане празен. Често ме прашуваат, особено родители на многу помали деца: „Какво е чувството да се дојде до последната линија кога детето преминува во возрасен човек?“ Какво е чувството – многу потсетува на првите бессони ноќи дома со бебето и имате чувство како да ги оставате да возат велосипед низ соседството, но овој пат сами. Чувството е како да ги оставате во ново училиште каде што не знаат никого и како да им ги давате клучевите од автомобилот првпат.

Родителството има многу моменти кои се „прв пат“, но кога се доближувате до „последната линија“, можам да кажам дека емоциите се прилично исти како и за тие први моменти: гордост, среќа, надеж, малку родителски страв – сето тоа измешано заедно. Со други зборови, испраќањето на детето на колеџ (факултет) е многу слично како и другите клучни моменти со детето, па се разбира дека има и анксиозност, страв, претпоставки и анализа на ризици. Но, не грижете се. Имам совет базиран на истражување и реално животно искуство кој ќе ви помогне да се соочите со родителскиот страв и да се справите со анксиозноста, па повеќе да уживате во радоста и среќата со децата.

На почетокот: бебиња и родителски страв

Најчестите типови страв и анксиозност доаѓаат кога новите родители остануваат будни на почетокот со своето бебе, како и доењето, поврзувањето со бебето, правилното држење на бебето и слично. Сите сме поминале низ тие стравови кога првпат сме станале родители. Често се јавував на педијатар за да му поставувам секакви прашања. И често ми беше кажувано дека сè е нормално и правилно. Но, еден експерт кој внимателно ме слушаше ја направи целата разлика во однос на мојата анксиозност: – Клучната работа со овие типови страв е да се запомни дека тие се нормални, вообичаени и брзо се губат по совет од експерт, поголема едукација и давање насоки на други родители.

Деца од училишна возраст: како малку да се ослободувате

До возраст од 5 или 6 години, децата учат како да станат независни. Почнуваат да се одвојуваат малку од возрасните. Кога се во градинка и на училиште, тие се одвоени од родителите одредено време. Тоа е период кога родителите се плашат дека можеби губат контрола врз околината на своите деца. Лесно е човек да се чувствува така особено кога слуша секакви страшни информации за опасности што демнат насекаде. Па, разбирливо е што некои родители развиваат премногу заштитничко однесување кон децата. Според книгата „Деца: Предизвикот“ од Рудолф Дреикурс, премногу заштитнички настроените родители се често исплашени дека нешто ќе му се случи на нивното дете кога не им е во видик. Да сакате да заштитите некого е природно, но да се гледа потенцијална опасност секаде е одлика на родител кој премногу заштитува.

Ако стравот ви е поврзан со безбедноста на училиште, договорете посета кај училишната администрација за да ги разберете мерките за безбедност што треба да ги чуваат децата заштитени. Запомнете, има разлика помеѓу учење на децата како да препознаат опасност и како да донесат мудри одлуки и учењето да се плашат од светот и од сè во него. Исто така, родителите често се плашат од тоа дека не се доволно добри или дека нивното дете не се развива исто како другите деца. Важно е да се запомни дека не сте единствениот родител кој се чувствува така. Сепак, корисно е да се едуцираме, информираме и, се разбира, да им дозволиме понекогаш на децата да се борат со своите тешкотии, бидејќи ним им е потребна практика за креирање вештини за справување со реални проблеми подоцна во животот. Не плашете се да го оставите детето да се соочува со предизвици и да стекнува искуства преку кои ќе расте и ќе се развива.

Пред пубертет и адолесценти


Неодамнешна анкета спроведена од „Десерет њуз“ и Универзитетот „Бригам Јанг“ открива дека 3 најголеми стравови што родителите ги имаат за своите тинејџери денес се: технологијата, булингот и лошото ментално здравје. Но, факт е дека технологијата ќе остане и ќе биде доминантна во животите на децата уште повеќе од претходните генерации. Наместо да го имате тој страв, важно е да разговарате со децата за тоа како одговорно да ја користат технологијата. Има и многу апликации што може да ги инсталирате за да ве предупредуваат ако пребарувањата на интернет и допишувањето почнат да се движат во насока спротивна на правилата. Истражување и планирање на нештата се чекори кои ќе го намалат стравот. Исто така, важно е да се одржува отворена комуникација со децата. Ова особено важи кога има загриженост од булинг. Детето треба да знае дека разбирате што чувствува и понекогаш е добро да споделите и ваше искуство. Водете ги разговорите со љубов, грижа и поддршка и оставете ги децата да се искажат. Тинејџерските години навистина изгледаат како магла, бидејќи толку многу нешта се случуваат за многу кратко време. Клучот е во опсервација, комуникација, поставување јасни очекувања, а понекогаш и преговарање. Слушајте ги желбите на вашите деца и нивните грижи, исто колку што ги споделувате и вашите. Ќе ве изненадат со нивното ниво на разбирање.


Но, сепак, најдобро го знаете своето дете, па кога ви е потребна помош, во ред е и да ја побарате.

Автор: Лора Фриман

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top