Тироидната или штитната жлезда е мала, но изразено важна жлезда која се наоѓа во предната вратна регија, и чија главна функција е производство и лачење на хормоните Т4 и Т3, кои се главни регулатори на метаболизмот за сите ткива и органи во нашиот организам. Нарушувањата во механизмот на производство и лачење на хормоните кои ги нарекуваме хипер и хипотиреоза, доколку навремено не се дијагностицираат и лекуваат, може да имаат сериозни последици врз здравјето на речиси сите органи и системи во нашето тело.

Еден од комплексните состави на кои може да влијае нарушеното ниво на хормони на тироидната жлезда е репродуктивниот систем. Кај хипотиреоза, која општо предизвикува забавување на метаболизмот, доаѓа до забавување или дури и изостанување на циклусот кај жените од генеративна доба. Кај хипертиреоза може да дојде до забрзување на циклусот, па дури и до засилени и поболни менструални крвавења. Од ова произлегува дека кај нелекуваните хипо- или хипертиреози, помала е веројатноста за зачнување. Сепак, од клиничка пракса знаеме дека и тоа како е можно успешно зачнување, дури и во вакви состојби.

Сепак, во случај на планирање на бременост, а првенствено во случај на планирање на постапка за медицински помогнато оплодување, специјалистите за штитна жлезда, за секој случај, а со цел нормализирање на нивото во метаболизмот, можат да воведат дополнителна терапија со левотироксин, многу порано од вообичаено. Целта на воведување на терапијата е нивото на хормони на тироидната жлезда да се доведе на идеална за да се избегнат какви било последици врз метаболизмот кои би можеле да влијаат врз можноста за зачнување.

Што се однесува до самиот тек на бременоста, нарушувањето на функцијата на тироидната жлезда може да има негативно влијание врз развојот на плодот, што најдобро било видливо до пред 70-ина години, кога поради ниското ниво на внес на јод доаѓало до тешки хипотиреози, кои во текот на бременоста во значителен број случаи доведувале до попреченост, низок раст и слично. Со воведување на задолжителна јодирачка сол во 1953 година, овој проблем бил елиминиран, но кај лекарите и понатаму е присутен мал страв во однос на тоа што би можело да се случи во текот на бременоста доколку хормоните на тироидната жлезда не се идеални.

Мора да се признае дека во клиничката пракса денес речиси и да не се среќаваме со проблеми во текот на бременоста за кои сме сигурни дека се предизвикани од нарушување на нивото на хормоните на тироидната жлезда. Забележани се поединечни случаи. Сепак, она што денес го знаеме од клиничките испитувања е дека ризичните бремености стануваат уште поризични доколку нивото на TSH е повисоко од 3,0 mIU/l, па од оваа причина кај сите трудници се препорачува воведување на дополнителна терапија со левотироксин доколку нивото на TSH е повисоко од наведените вредности.

Кога терапијата со левотироксин веќе е воведена, дозата треба прецизно да се одреди за нивото на хормони да се доведе во идеална состојба, што подразбира ниво на TSH од 1,0-2,0 mIU/l. Важно е да се напомене дека во текот на бременоста, а особено во првото тримесечје, треба да се контролира барем еднаш месечно, токму од причина да бидеме сигурни дека нивото на хормони е идеално и да знаеме дека нема апсолутно никаков зголемен ризик од несакан исход на бременоста кој евентуално би можел да постои заради „лошото“ ниво на хормони на тироидната жлезда.

Што се однесува до хипертиреозата, која во текот на бременоста ја гледаме нешто поретко, ситуацијата е сепак малку покомплексна. За разлика од левотироксинот кој е идентичен на хормонот на тироидната жлезда Т4 и нема никакви нуспојави, тиреостатикот метимазол, кој најчесто се користи во лекување на болеста преку плацента, влегува во феталниот крвоток и кај детето може да го блокира развојот на тироидната жлезда. Од оваа причина во текот на бременоста се користи тиреостатик пропилтиоурацил, кој има понизок степен на премин во феталниот крвоток.

За крај е важно да се напомене дека добро третираното нарушување на функцијата на тироидната жлезда, хипо или хипертиреоза, не доведува ниту до минимално зголемен ризик во бременоста. Најважно е навреме да се јавите на специјалист за тироидна жлезда, кој по потреба правилно ќе пропише соодветна терапија и на тој начин ќе се елиминира и најмалиот ризик што би можел да биде присутен.

Автор: д-р Божидар Периќ, специјалист по интерна медицина

Извор



912

X