Изи Калман е училиштен психолог и психотерапевт кој има долгогодишно искуство во работата со деца-жртви на врсничко насилство. Тој развил многу интересен пристап за решавање на проблемите со насилството.

Многу експерти го сметаат неговиот пристап за контроверзен и за пристап кој се разликува од класичните програми за решавање на врсничкото насилство што се случува во училиштата.
Калман смета дека програмите за превенција од насилство во училиштата се целосно бескорисни и штетни.
Родителите грешат кога очекуваат од училиштето или од другите надлежни органи да го запрат насилничкото малтретирање. Ваквиот пристап ги свртува децата едни против други наместо да им помогне да научат правилно да се справуваат со несоодветното однесување од страна на врсниците.

Целата поента е во детето и неговата моќ да го промени начинот на размислување, како и начинот на кој ги доживува насилниците. Не можеме да го менуваме целиот свет за да не трпат децата.

Кај училишните програми за превенција од врсничко насилство Калман забележува две слабости:

1. Првата е што детето се охрабрува да го пријави насилството кај надлежните органи во училиштето

Се чини парадоксално, но како што наведува Калман, проблемот во практика настанува токму затоа што надлежните лица задолжени да реагираат во такви ситуации често не знаат правилно да се постават при испитувањето, сослушувањето, пресудувањето и казнувањето, при што може да дојде до ескалација.
До сериозни акти на насилство обично доаѓа откако училиштето ќе се вклучи во решавањето на проблемот.
Ситуацијата дополнително се влошува кога ќе се вмешаат родителите да ги решаваат проблемите на своите деца бидејќи секој родител смета дека неговото дете е во право. Борбата меѓу две деца сега ескалира во судир меѓу две семејства.

Обично борбата меѓу родителите му се предава на директорот на училиштето. Кога родителите и наставниците се расправаат, директорот се наоѓа на средина. Мора да се постави на дипломатски начин. Ако го поддржи учителот, родителите ќе му бидат лути. Ако ги поддржи родителите, учителот ќе му се налути. Ако се обиде да остане неутрален, и двете страни ќе му се налутат.

2. Втората работа што родителите или образовните институции ја прават погрешно е што ги учат децата дека туѓите зборови имаат моќ да ги повредат

Познато е дека најчести жртви на вербално насилство се децата што лесно се навредуваат од туѓи зборови, објаснува Калман. Денес од училиштето се бара да ги учи децата дека зборовите се страшно опасно оружје. Наместо да ги направат поотпорни на навреди, програмите против врсничко насилство ги прават хиперсензитивни.

Калман разработил методи кои ги учат децата, родителите и училиштето како да се справуваат со насилството и агресијата со примена на психолошки принципи.

Постојат 2 главни стратегии како децата да научат да не бидат жртви

Првата стратегија е децата да се научат да не се лутат или вознемируваат.
Не е доволно само да се „игнорира“ насилникот, пишува Калман. Ако сте лути, гневни или повредени, тоа едноставно се гледа и не може да се сокрие. Насилникот ќе продолжи да ве задева.
За насилникот, вашата негативна реакција е – победа.

Не дозволувајте му да победи.

За оваа цел, Калман разработил метод кој се вика „играње улоги“, кој на децата им открива што се случува во моментот кога се мета на насилник и како нивниот негативен емоционален одговор го покренува насилството.

Втората стратегија вели: Третирај ги насилниците како пријатели.

Се поставува прашање како кон насилниците да се однесуваме како кон пријатели. Калман го дава одговорот: најважно е да одбиете да се налутите или вознемирите.
Децата се учат да ги разбираат децата што користат насилни облици на однесување и ги гледаат како човечки битија кои немаат моќ над нив, освен оние моќи што самите си ги припишуваат. Наместо да ги осудуваат агресивните деца и нивните родители, треба да научат како да ја разберат агресијата и да се носат со неа – со сопствената и туѓата – на начин на кој води кон цивилизиран живот.
Тој предлага неколку начини како да го научите детето со помош на хумор да одговори на провокациите:
Некој те нарекува „дебел“.
Одговори му: „Би сакал да бидам слаб како тебе.“

Некој ја навредува твојата раса или религија.
Одговори му: „Знаеш, многумина така мислат за нас. Дали имаш поим зошто е така?“

Некој ти се заканува: „Дај ми пари или ќе те претепам по часовите.“
Одговори му: „Би сакал да ти купам ручек, но не можам. Ако сакаш, можеш да дојдеш кај мене на вечера. Мојата мајка одлично готви.“

Децата те задеваат, на пример: „Чув дека си мочал во кревет.“
Одговори им: „Верувате ли во тоа?“

Децата ти велат: „Не можеш веќе да бидеш во нашата група.“
Одговори им: „Тогаш нема да бидам.“ Ако видат дека не си загрижен, поголема е веројатноста дека ќе сакаат да останеш во групата.

Децата се обидуваат да те натераат да избереш меѓу пријателите. На пример: „Не можеш да бидеш мој пријател ако се дружиш со Јанко.“
Одговори му: „Секогаш ќе те сметам за мој пријател, но ако не можеш да ми бидеш заради Јанко, тоа е твој избор.“ Мора да одбиеш да направиш избор. Објасни им дека тоа е туѓ избор, а не лично твој.

Програмата на Калман предизвика многу критики од страна на други стручњаци што се занимаваат со спречување врсничко насилство. Критиките особено се насочени кон тоа што се намалува улогата на училиштето и на надлежните органи за решавање проблеми меѓу врсниците. Читајќи и други трудови од психологот Калман, како и негови интервјуа за медиуми, стекнав впечаток дека е погрешно разбран.

Верувам дека Калман смета дека училиштето и другите надлежни органи треба да имаат улога во превенцијата на насилството, но начинот на кој го прават тоа се покажал како погрешен. Наместо да си играат полицајци, Калман предлага училиштата да организираат работилници каде што децата би можеле да научат како да одбиваат да бидат жртви, односно како да излезат од улогата на жртви без употреба на агресивни средства. Штом се употреби агресија, во насилникот се појавува уште поголем гнев и желба за одмазда, и така настанува маѓепсаниот круг.
Не е доволно само да се донесат закони и мерки против насилникот. Насилникот секогаш ќе пронајде начин да дојде до жртвата. Додека има жртви, ќе има и насилници.

Училиштата и другите надлежни органи треба и мора да им дадат поддршка на сите деца, без оглед дали се жртви или насилници.
И жртвите и насилниците се деца што имаат лоша слика за себе.

Секое училиште треба да има едукативни работилници за сузбивање насилство во кои ќе работат професионалци според посебни програми за насилниците, жртвите, наставниците и родителите.

Автор: Ирена Стоилковиќ, дипл.дефектолог, реедукатор за психомоторика

 



912

X