Како мајка на 3 деца, сите на возраст од 10 и помалку години, научив да го контролирам начинот на изразување пред нив. Она што никогаш не мислев дека ќе го правам е да внимавам на приватните разговори дури и кога децата не се околу мене. Но, неодамна, мојот сопруг и јас разговаравме за некои детали околу караница помеѓу двајца пријатели. Тие пријатели имаат деца кои се дружат со нашиот 10-годишен син и тој очигледно го слушнал нашиот разговор. По неколку дена, мојот син почна да прашува насочени прашања и тогаш сфатив дека разговорите со сопругот не се приватни, туку има уши што ги слушаат, па може да го повторуваат она што го зборуваме.

Децата се мали папагалчиња. Тоа е вистината на родителството. Првите години од детството таа вистина може да биде комична, кога децата погрешно ги изговараат зборовите или повторуваат одредени делови од вашите разговори. Но, кога децата почнуваат да прислушуваат и да собираат детали од сериозни разговори кои не се наменети за нивните уши, тогаш тоа може да биде вистински предизвик за родителите. За среќа, експертите објаснуваат зошто децата го прават тоа и како треба да се постапи за да се спречи.

Зошто децата прислушуваат?

– Додека да дојдат до пубертет, децата се фасцинирани од универзумот на возрасните и се обидуваат да сфатат како функционираат возрасните. За многу деца, прислушувањето може да биде знак дека се обидуваат да дознаат што значи да се биде возрасен. Сакаат да научат за светот и да сфатат како размислуваат и како се чувствуваат возрасните, во основа да сфатат како да транзитираат во возрасните и самите тие – вели психологот Саманта Родман од Мериленд, САД.

Како да ги спречиме децата да прислушуваат

Иако се природно љубопитни, тоа не значи дека секогаш треба да слушаат што зборуваат нивните родители. Несоодветните разговори може да им предизвикаат и анксиозност. Кога децата ќе почнат да се вклучуваат во разговорите, колку и да е несоодветно, родителите треба да пренасочуваат. Може да им дадете до знаење дека имате право на своја приватност како што имаат и тие. Кажете им дека може да дојдат кај вас ако имаат прашања за одредени теми, но појаснете им дека секој заслужува приватност и треба да има право на интимен разговор со својот партнер или пријател, вели д-р Родман. Не треба да се чувствувате лошо ако поставите некои основни правила, велат експертите. Можете да им дадете до знаење дека не треба да ги прислушуваат вашите разговори кога вратата од вашата спална соба е затворена. Во ред е да ја направите вашата потреба за приватност очигледна – дури и во време на пандемија кога имате помалку време за себе.

Прислушувањето може да биде момент за учење

Отворената комуникација може да расчисти многу недоразбирања. Поставете им на децата прашања за да разберете што бараат или се надеваат дека ќе слушнат кога прислушуваат. Тоа е особено потребно за време на пандемија кога некои деца може да станат поактивни по тоа прашање поради својата анксиозност.

– Најпаметното нешто што сега може да се направи е да се собираат информации – вели д-р Линдзи Вајзнер, психолог од Лонг Ајленд, Њујорк, и автор. Секогаш најдете време да им одговорите на прашањата на вашите деца кога ќе ви се обратат за одредена тема, без разлика дали слушнале нешто преку прислушување или не. „Лично, но често и професионално, открив дека кога детето поставува прашање, тогаш тоа е подготвено за одговорот“, вели д-р Вајзнер.

Ваквите разговори може да водат до здраво поврзување со децата, а ако децата не го слушаат она што треба од родителите, тогаш ќе слушаат информации од други деца, па затоа подобро е да слушаат од вас, велат експертите. Прислушувањето им дава на родителите можност да му објаснат некои работи на детето согласно неговата возраст, особено бидејќи се наоѓаме во пандемија.

Заклучок

Следниот пат кога ќе го фатите детето како ги слуша вашите разговори, вдишете длабоко и знајте дека тоа е типичен одговор на децата додека учат за светот околу себе. Но, нема ништо лошо да им дадете до знаење кога е несоодветно да ги слушаат вашите разговори.

Автор: Сара Котрел

Извор



912

X