Петти месеци од бременоста и по неколку мига откако отидовме на сонограм, глува тишина го исполни воздухот. Сликата од ултразвукот откри дете во мојата утроба кое имаше констелација на дефекти и никаква шанса за преживување надвор од моето тело. Откако лекарите ми ја кажаа дијагнозата – холопрозенцефалија – ми беа дадени 3 опции: да ја прекинам бременоста, да родам фетус осуден на смрт или да чекам трагедијата да се случи според своите правила. 10 дена подоцна, повеќе не бев бремена. Еден месец потоа мојот свршеник Ендру и јас стапивме во брак. Од моите гради излегуваше млеко и сè уште крвавев кога го изговорив судбоносното „да“.

По оваа загуба, која ми се случи пред 12 години, посетував низа терапевти и експерти. Бидејќи Ендру и јас поминувавме низ фази на тага, многу од професионалците нè предупредуваа дека стапката на разводи по изгубено дете е навистина висока. „Дури и до 90 проценти“, ни велеа, статистика која ја има и во една од првите книги за губење дете „Ужалениот родител“ на Хариет Шниф. Книгата е објавена во 1977 година, а студијата на Шниф е тешко убедлива. Како прво, таа има мал емпириски доказ. Исто така, тешко е статистички да се контролираат сите варијабли во една врска, одвојувајќи го влијанието од губитокот на детето од другите причини за брачните проблеми кај двојките. Сепак, професионалните терапевти, советници и парови се согласуваат за ова: Бракот е тежок, а останувањето во брак по смртта на детето е неверојатно, неверојатно тешко.

„Вие сте единствените двајца луѓе што ја споделиле загубата на вашето дете и имате чувство дека можете да се изгубите во болката“, вели Ен Белден, тренер за семејно планирање со пракса фокусирана на жени и двојки што поминуваат низ неплодност, посвојување и загуба на дете. „Да погледнете во очите на својот партнер и да видите еднаков длабок очај – тоа дополнително ја зголемува вашата болка и може да биде претешко да се издржи“. Доволно е тешко да бидете сами со својата болка и тага, но понекогаш споделувањето на нашата тага со личноста што ја доживеала загубата со нас не резултира со заздравување, напротив – се случува токму спротивното, објаснува Белден.

„Во раните фази од жалоста луѓето може да бидат парализирани, имобилизирани, а многу различни работи може да се случат – акутно одрекување, клиничка депресија“, вели Белден. Тагата се движи како амеба која се појавува кога најмалку очекувате, или ќе ве прогонува кога претпоставувате дека ќе пристигне. Кога навистина ќе се појави, начините на кои луѓето реагираат се различни, како и траекторијата на нивната тага, па тоа често може да доведе до незадоволство помеѓу партнерите. Партнерите имаат тенденција да посакуваат искусување на тагата на ист начин, вели Белден. На пример, ако тагата и жалоста ви предизвикуваат несоница и постојано зјапате во таванот од спалната соба, ‘рчењето на вашиот сопруг може да ви предизвика незадоволство. Во тие темни моменти, непосредно по губењето на детето, тие звуци може да ве иритираат – како може да спие кога само што го изгубивме нашето дете? И како може да сака да води љубов? Јас не сакав ниту да ме допре некој ниту да ме гледа. Одбивав да прифатам да ме масира. Понекогаш само се држевме за раце. За некого љубовта и вниманието имаат терапевтско дејство, но мене допирот од друг човек ми беше малтретирање. Тагата и жалоста се изолирачки и збунувачки.

Повеќето жени пријавуваат чувство на срам, се обвинуваат себеси поради губитокот на детето – емоции кои често вклучуваат чувство на предавство од страна на телото, односно дека телото им е „скршено“, вели Џесика Цукер, психолог специјализиран за женско репродуктивно здравје и автор. Таа ги советува нејзините пациенти да си веруваат себеси кога не сакаат да водат љубов по губитокот на детето и да се движат полека во таа насока, па да го сторат тоа кога ќе им биде пријатно. Нема правилен или погрешен начин за да се пристапи на оваа тема – истакнува таа. Повеќето двојки се во жалост и се справуваат со својата загуба со стручна помош. Белден силно препорачува терапевт, но ако не може некој да си го дозволи, постојат повеќе групи за поддршка на вакви луѓе.

По повеќе од една година од смртта на мојата ќерка, пронајдов терапевт. Ендру и јас постапувавме најдобро што можевме. Се знаевме 8 месеци кога го изгубивме бебето, а бракот имаше неверојатно тежок почеток. Дадовме сè од себе. Напишав книга за тоа искуство, а Ендру се приклучи во рагби-тим. Ја прославивме годишнината од првата година во брак, а потоа и втората. Го делевме креветот, но живеевме во одвоени светови. Повикот за јасност се појави откако пристигна полицијата – нашите кучиња каснале странец во паркот, а тоа не беше првпат. Имавме чувство дека нашите кучиња, кои станаа наши деца, ја презедоа нашата лоша енергија. Единственото време што Ендру и јас го поминувавме заедно беше додека ги шетавме кучињата. Да, продолжувавме понатаму откако го изгубивме детето, но се движевме во различни насоки.

За неколку недели дадовме отказ на работа, се ангажиравме со „фриленс“ работи и се преселивме на мал остров надвор од Мејн. Знаевме што ни треба: побавно темпо, свеж воздух и нов почеток. Тој потег ни го спаси бракот. На крајот, сè се сведе на почит: почит кон нашите срца и тага, почит за меѓусебните потреби и реакции на тагата, како и почит за односот помеѓу нас, како на живи организми што дишат. Го изгубивме детето, но заедно избравме да преживееме и индивидуално и како тим. Во октомври ја прославивме нашата 11-годишнина од бракот. Во јуни имавме забава за 6. роденден на нашиот син Тео, и нашата 4-годишна ќерка Симон, која учи како да користи сноуборд на планините во Мејн. Нашите две кучиња имаат сопствена вратичка и двор, па не каснале никого подолго време.

Кога траумата од минатото ќе се појави, или еден од нас ќе потклекне на тоа, она што го забележуваме е ефектот од тагата. На сето тоа му пристапивме со почит и оставивме да помине, давајќи си доволно време и простор. Секогаш тагата ќе биде тука, и покрај звукот на океанот, смеата на нашите деца, лаењето на кучето, сите овие звуци што заедно креираат прекрасна какофонија – симфонија на радост обоена со тага.

Автор: Мира Птацин

Извор



912

X