Сите родители се соочиле со ова. Сте се обиделе со хранење, подждригнување и менување на пелената. Сте провериле дали детето има температура. Сте провериле дури и дали чорапите му се претесни! Можно ли е да се гасови? Претопло е или премногу студено? Можеби му излегуваат запчиња. Како и да е, сте се обиделе со сè што ви паднало на ум, па почнувате да се грижите. Едноставно, не престанува да плаче.

Некои бебиња плачат повеќе од другите од причини кои не ги разбираме целосно. Тоа не значи дека правите нешто погрешно како родители, или дека вашето бебе не ве сака! Повеќето родители треба да се справуваат со бебиња што плачат многу во првите месеци од животот. Ако вие сте тие што потскокнуваат, потпевнуваат или го галат вознемиреното бебе, не грижете се, не сте сами!

Нормално е да бидете под стрес ако бебето плаче

Бебе што плаче може да ја вознемири дури и најстабилната личност. Зошто? Тоа е поради начинот на кој нашите умови се поврзани. Речиси е слично како алармот за пожар кој ни порачува дека нешто не е во ред. Ова е начин на кој природата ни кажува дека треба да ја завршиме нашата обврска: да одговориме на потребите на бебето и да се грижиме за него! Но, што кога сме сториле сè за да помогнеме, а бебето не престанува да плаче. Еве што може да ви се случи ако бебето продолжува со плачењето:

– Делот за размислување во вашиот ум се исклучува, а тоа влијае врз вашата способност да бидете смирени и да размислувате логично.
– Вашите реакции може да бидат поттикнати од паника, што значи дека ќе имате чувство дека немате контрола и не размислувате јасно.
– Можно е да ви биде тешко да се смирите и да ги контролирате сопствените чувства и реакции.

Бебињата им се приклучуваат на нашите чувства и реакции

За добро или лошо, бебето се приклучува на емоционалната состојба на оној што се грижи за него. Ова значи дека кога на бебињата им е најпотребно смирување од наша страна, ние најчесто сме под стрес, фрустрирани или повредени! Нашите рамена и раце се оптоварени, а нашите изрази на лицето исто така може да го покажат стресот. Тоа само дополнително го вознемирува бебето.

Да се смирите себеси треба да ви биде задача број еден

Првиот трик за да го смирите бебето е да препознаете дека и вие сте вознемирени. Најдете момент за да именувате како се чувствувате (фрустрирани, лути, тажни, одбиени итн.). По тој основен чекор, постојат уште неколку дополнителни стратегии што може да ви помогнат:

– Ставете го бебето на безбедно место (на пример, креветче) и направете пауза. Дајте си себеси неколку минути за да се смирите. Тоа е исто како, на пример, во авион кога стјуардесата ви вели првин да ја ставите вашата маска за кислород, а потоа да се погрижите за детето. Најдете време за да се храните соодветно, да пиете доволно вода, да се истуширате, да вежбате или да повикате пријател. Ваквата грижа за себе ќе ви помогне да останете смирени и да имате контрола. Кога сте во смирена состојба, повеќе ќе можете да му помогнете на вашето бебе.

– Обидете се да дишите длабоко и полека. Луѓето обично плитко и брзо дишат кога се под стрес, па менувањето на начинот на кој дишите може да ви помогне да се чувствувате посмирено. Длабокото дишење му испраќа порака на вашиот нервен систем дека сте безбедни, со што ќе му помогнете и на телото да почне со саморегулација. Вдишете низ носот и испуштајте здив низ уста. Обидете се да броите до десет, ставете ја вашата рака на стомакот како што дишите за да се осигурите дека земате длабок здив.

– Спиење. Без изненадување, родителите што имаат бебе кое многу плаче најчесто велат дека се исцрпени. Често таа исцрпеност може да биде олеснета со само една вечер исполнета со квалитетен сон. Зборувајте со лекарот кој се грижи за вашето бебе или со вашиот ако се чувствувате тажни, изморени, депримирани или дека немате способност да се грижите за бебето. На новите родители им е потребна поддршка, а и ја заслужуваат.

– Запомнете дека вашето бебе ве сака, но има тешкотии на самиот почеток. Понекогаш бебињата плачат или се вознемирени од причини кои едноставно не можеме да ги разбереме. Но, оваа вознемиреност не е одраз на чувствата на бебето за вас. Вашето бебе ве сака и прави сè што може во моментот. Затоа, паузирајте кога можете, побарајте помош кога ви треба и консултирајте се со вашиот лекар, ако вознемиреноста на бебето ви предизвикува загриженост.

Автор: Сара С. Меклоклин и Ребека Парлакијан



912

X