Загубата на домашните миленичиња може да биде прилично тешко емотивно искуство. Бидејќи семејните миленичиња често се првите кои децата ги поздравуваат наутро и по училиште. Во миленичето детето често бара утеха и дружење кога е болно или се чувствува вознемирено. Иако е невозможно да се заштитат децата од загубата на домашното милениче, можете да им помогнете полесно да се справат со тоа. Со оглед на тоа дека смртта на домашното милениче можеби е и првата трајна загуба, процесот на тагување може на децата да им помогне да научат како да се справат со другите загуби во текот на животот.

Како да се каже тажната вест?

Најтежок дел е да се соопшти тажната вест. Обидете се да го направите тоа лице в лице, на место каде што детето се чувствува сигурно и пријатно и каде што нема да му се одвлекува вниманието. Обидете се да процените колку информации треба да чуе детето со оглед на неговата возраст, нивото на зрелост и животното искуство. Ако вашето милениче е многу старо или има болест, размислете за разговорот со децата пред да настапи смртта. Ако морате да го евтанизирате миленичето, би можеле да објасните на следниот начин:

-ветеринарите направија сè што можеа
-ова е најлесниот начин за отстранување на болката
-миленичето ќе почине мирно, без чувство на повреда или страв.

Повторно, во зависност од возраста на детето, зрелоста и прашањата што ги поставува, проценете кое објаснување е задоволувачко. Во ред е да се користат и зборовите смрт и умирање ако детето е зрело: „Ветеринарот на нашето милениче ќе му даде инјекција со која го успива, а потоа му го сопира чукањето на срцето“. Многу деца сакаат да се простат пред тоа, а некои можеби се и доволно стари или емоционално доволно зрели за да бидат во близина, да го утешат миленичето. Ако смртта е изненадувачка, мирно објаснете што се случило. Бидете кратки и дозволете му на детето да поставува прашања.

Кажувајте ја вистината

Не кријте информации и не кажувајте лаги. Не е добра идеја да велите дека кучето, на пример, заминало на пат, или побегнало. Тоа нема да ја ублажи болката, а ако детето се прашува што се случува со домашното милениче откако ќе умре, потпрете се на сопственото разбирање на смртта, па ако е потребно, вклучете го и вашето религиско верување.

Како да му се помогне на детето да преболи?

Како и сите што се соочуваат со загуба, така и децата по смртта на домашното милениче, освен тага, имаат разновидни чувства. Би можеле да искусат осаменост, лутина ако домашното милениче е евтаназирано, фрустрација поради тоа што не можело да заздрави или вина во периодите во кои не се грижеле доволно за миленичето. Помогнете му на детето да сфати дека е природно да се чувствуваат сите тие емоции, дека е во ред ако во почетокот не сака да разговара за нив и дека сте тука кога ќе биде подготвено за разговор. Не кријте ја и сопствената тага. Покажувањето на чувствата и разговорот за нив е пример за децата како да се справуваат со тешките ситуации. Така на детето му покажувате дека е во ред да се чувствува тажно кога се губи некој сакан, да се разговара за чувствата и да се плаче ако се чувствува тага. И децата треба да знаат дека не се сами во тие чувства. Споделете и вие приказни за домашните миленичиња што сте ги имале – и изгубиле кога сте биле млади и колку ви било тешко.

Откако шокот од лошите вести ќе помине, важно е да му се помогне на детето да продолжи понатаму. На децата можете да им помогнете да пронајдат посебни начини на кои ќе се сеќаваат на домашното милениче. Можеби ќе имате церемонија за погреб или само ќе споделите убави и забавни спомени. Запишете ги мислите за тоа што му значел домашниот миленик на секој член од семејството. Споделете приказни за смешните навики што ги имало миленичето. Понудете им на децата многу прегратки. Би можеле и да изработите споменар со цртежи и фотографии. Имајте на ум дека тагувањето поради загубата на домашното милениче, особено бидејќи се работи за деца, е слично со тагување по личност. За децата, загубата на миленичето, кое го сакале и се дружеле со него, е многу потешка од загубата на далечен роднина. Можеби тоа ќе морате да им го објасните на пријателите, членовите на семејството или другите што не се сопственици на домашни миленичиња, или не го разбираат тоа.

И најважно, разговарајте за своето милениче, често и со љубов. Вашето дете нека знае дека откако ќе исчезне болката, среќните сеќавања ќе останат со него засекогаш.

Автор: Сања Маташиќ

Извор



912

X