Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Како да му ја објаснам смртта на мало дете? Станува збор за загуба пред неговото раѓање, никогаш не ја запознал личноста, но има прашања кога ќе ја види на слика. Темата ми е многу чувствителна зашто мене ми беше давано погрешно објаснување кога бев мала, веројатно за да ме заштитат, па кога сама сфатив на 6 години, сознанието ми беше помалку шокантно. Сакам да одам со едноставно објаснување, да не бегам многу од вистината и тука е проблемот. Смртта не беше природна, беше трагична, а личноста не беше стара. Така што не можам да употребам објаснување дека била стара, дека телото ѝ откажало и сл. Исто така, ако речам дека е ангел на небото, ќе ѝ направам некој страв дека нам, на родителите, ќе ни се случи нешто, па и ние ќе станеме ангели. Како да постапам?

ОДГОВОР: Децата се истражувачи и честопати ни поставуваат различни прашања и очекуваат одговор од нас. Како природен дел од животниот циклус, смртта е тема која не треба да се избегнува. Со оваа тема децата постојано се опкружени во цртаните, во игрите, во приказните итн. За децата е исклучително важно да се чувствуваат безбедни и да бидат свесни дека можат да поставуваат прашања и слободно да комуницираат. Кога разговараме со детето, важно е да се земат предвид возраста, неговата способност да разбере и да размислува, како и неговата подготвеност и потреба да ги прифати дадените објаснувања. Треба, исто така, да имаме некое знаење за развојот на детето бидејќи многу лесно можеме да „паднеме“ со некои зборови кои ние возрасните обично од најдобра намера ги употребуваме за да зборуваме за оваа тема, како што се: спиење, заминување или патување. Кога детето е мало, поради големата имагинација и магично размислување, може да прави релации на ова како „да се плаши да заспие“ или „да развие страв дека може да биде напуштено“ или пак дека „тоа е криво“ итн.

Перцепцијата за смртта е различна за тригодишно, петгодишно дете, осумгодишно или тинејџер, па поради тоа, треба да се има предвид дека одредените возрасни граници треба да се третираат флексибилно, земајќи ја предвид индивидуалноста на детето.
Во овие фази малите деца ја сфаќаат смртта како привремена и безлична, како на пример во цртаните филмови и приказните.

Правилата на реалноста минуваат незабележано. Во умот на детето сè е можно, игрите се мешавина од реалноста и фантазијата, суперхероите имаат компонента на вистината, има имагинарни ликови и други елементи. На возраст помеѓу пет и девет години прават разлика помеѓу волшебниот свет и реалноста и ги разбираат последиците од смртта, како што и самите рековте, во тој период од вашата возраст вие сте доживеале еден вид стрес. Почнувајќи од девет или десет години и за време на адолесценцијата, децата почнуваат целосно да разбираат дека смртта е неповратна и почнуваат да развиваат филозофски идеи за животот и смртта.
Тешко и сложено е да се зборува за загубата ако вие сега, како возрасна личност, сѐ уште не се справувате толку добро.

Ако детето инсистира на прашањето, треба да му се одговори искрено, кратко и јасно, без претерани збунувачки објаснувања. Исто така, не треба да давате специфични детали за смртта. Многу е важна вашата емоција, ако постои личен страв и ако вие сте уплашени од она што се има случено, може да се случи таа емоција да се пренесе на детето иако објаснувањето е соодветно за неговата возраст. Претпоставувам дека ова ви се има случено кога сте биле мали, вие сте биле нем набљудувач во тоа време, сте биле присутни, сте слушале, гледале, набљудувале што се случува околу вас.
Обидете се да не го преплавите детето со длабоки поими и работи кое не е во можност да ги разбере. Разговарајте на природен начин и користете примери во секојдневниот живот, како и различни примери од цртани, серии, приказни, животни (милениче), цвеќиња… Се препорачува за трагични загуби да се зборува со детето поотворено кога е малку постаро, да речеме околу 8-9 години.

Не секогаш родителот ќе има одговор на сите прашања, и тоа е во ред, но секое семејство треба да најде најсоодветен начин за објаснување, имајќи ги предвид своите верувања за смртта, како и карактеристиките на самото дете. Од друга страна, доживувањата на смртта на детето и вашето доживување не се исти.
Бидејќи детето никогаш немало контакт со вашата блиска личност што веќе не е со вас, она што ќе го доближи и поврзе се вашите доживувања преку вашите приказни, сеќавања, за тоа каков човек бил/а, што сакал/а итн.
Кога гледате слики и се потсетувате, ако чувствувате тага, тогаш кажете пред детето дека сте тажни, зборувајте колку таа личност ви значела, дека повеќе не е со вас и дека ви недостига. Но, исто така, дека чувате многу убави спомени во себе и постојано ја споменувате и се сеќавате на убавите моменти, случки и доживувања поминати заедно.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.




912

X