Воспитување

Како да ги усогласите ставовите за воспитувањето на децата со партнерот?

Воспитувањето на децата само по себе е тешка работа. Без отворена комуникација помеѓу партнерите оваа работа почнува да личи на Сизифов труд. Мајката зборува едно, таткото друго, а детето прави трето?

Како да се избегне „расипан телефони“? Пред сè, со добра комуникација. Меѓутоа, кога ќе се спојат партнерите кои по прашање за воспитување имаат различни ставови, тогаш целиот процес станува уште покомплициран и потежок, особено за децата. Од друга страна, сосема е нормално и очекувано две лица што се одгледувани во различни семејства и под различни околности да имаат различни погледи на воспитувањето на децата.

Без разлика на интензитетот на блискоста и разбирањето меѓу партнерите, во одредени ситуации неминовно доаѓа до различни воспитни ставови, различни реакции и очекувања. И тоа е во ред. Верувам дека секој родител смета дека постапува правилно, во согласност со себе и своите воспитни методи и дека „со право“ очекува поддршка од партнерот. А што кога очекуваната поддршка изостанува? И како да се помират различните пристапи?

Еве неколку корисни и применливи совети:

1. Не покажувајте го своето несогласување пред децата

Колку и да ви е понекогаш непознато она што вашиот партнер го смета за правилно, потрудете се тоа да не го критикувате, ниту за тоа да се расправате пред децата. (Освен, се разбира, кога е во прашање кој било вид насилство врз детето).

Ако вашиот партнер е во средината на разрешување на некој проблем, ваше е да го поддржите, бидејќи можеби во моментот не ја ни гледате целата слика. Дозволете му да ја разреши ситуацијата на свој начин. Потоа пренесете му ја својата забелешка и објаснете го својот став. Сослушајте ги неговите причини. Можеби вие погрешно сте ја процениле ситуацијата, а можеби и тој. Дијалогот во четири очи секако е поефикасно решение од расправијата пред децата.

Бидејќи, спротивставувајќи се на воспитните мерки на партнерот пред детето, во очите на детето го рушите авторитетот на својот партнер. Детето може да стане збунето и несигурно во поставувањето на границите. Исто така, во иднина може да се потпира на „попустливиот“ родител заради заобиколување на самите граници или последици на одреден вид однесување, или полесна манипулација.

2. Прифатете ги различностите

Разговарајте со партнерот за неговите ставови за воспитувањето и причините што ги креирале тие ставови. Тоа може да биде модел на однесување на неговите родители, искуство од блиската средина, или некои длабоко втемелени уверувања или стравови. Ваше е со комуникација да ги спознаете тие причини, да ги прифатите и да се обидете да ги разберете. Не ве родила истата мајка, и тоа е во ред. Можете многу да научите и во позитивна смисла да се „надградите“, ако имате волја да ја послушате и другата страна на приказната.

Богатството се крие во различностите. Кога е во прашање семејството, различноста е причина за дијалог, прифаќање или промена, а не за конфликт.

3. Дефинирајте ги правилата што се апсолутни

И покрај сите разлики помеѓу вас и партнерот, сигурно постојат и работи околу кои се согласувате, зарем не? Затоа е пожелно со заеднички сили да ги дефинирате и без никаков исклучок двајцата да ги спроведете правилата кои, според заедничкото мислење, се апсолутни. Многу е важно и детето да се запознае со нив, за и самото да стане свесно за границите со кои нема шегување. Тука мислам, пред сè, на ставовите за безбедноста и здравјето на детето. На пример: користење автоседиште или кацига и слично.

4. Имајте заеднички цели

Различни патишта водат до исто место. Така е и кај воспитувањето деца. Само што од природата на патот ќе зависи дали ќе дојдеме до посакуваната цел. Важно е само целта да е добро дефинирана и воспоставена со заеднички договор. Но, секако, потребно е прво добро да се размисли и меѓусебно да се комуницира за средствата кои ние како родители ги користиме за постигнување одредени цели. Бидејќи, кога е во прашање воспитувањето на децата, целта и тоа како би требало да ги одбира средствата.

5. Не поништувајте ја одлуката на партнерот

Се случува некогаш и партнерот да донел одлука која не ја разбирате или не ја одобрувате во целост. Не е решение на своја рака да се поништува таквата одлука пред детето. Подобро е прво да разговарате со партнерот, да се запознаете со неговите причини и со заеднички сили да одлучите дали е потребно да се промени донесената одлука. На детето треба да му се даде утеха, поддршка, да се разговара со него, да му се даде до знаење дека разбирате како се чувствува и да му се објаснат причините поради кои вашиот партнер така одлучил, или можеби го променил мислењето.

Заклучок

Иако имате различни реакции, очекувања и ставови во однос на воспитувањето, сигурно е дека и двајцата ги сакате своите деца најмногу на светот и дека сè што правите е предводено од најдобра намера. Затоа никогаш немојте да заборавите дека имате заедничка цел. Тоа е среќно семејство, среќен брак и се разбира среќно дете. Не дозволувајте вашите разлики да станат ненадминливи поради недостиг на комуникација и поддршка.

Разговарајте, прифаќајте, разбирајте, поддржете се еден со друг, бидете спремни на компромис и заборавете на суетата. Не се работи за вас, туку за вашето дете. А сигурно и двајцата му го посакувате најдоброто. Затоа дајте сè од себе да ги усогласите своите разлики и искористете ги на најдобар можен начин, така што ќе научите нешто од нив и на своето дете ќе му го дадете најдобриот дел од себе. Па макар и малку во различен облик.

Тоа важи и за нас, тврдоглавите.

Среќно!

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top