Воспитување

Каде најчесто грешат родителите кога ги учат децата да читаат

Драги родители, иако тоа можеби ви изгледа како учење букви, описменувањето на детето е многу покомплексен процес од она што некој кој не работел во просвета би можел да го замисли. За почеток, тука се методите на настава за почетно читање и пишување:

1.Глобална метода (обработка на поимот реченица, разложување на реченицата на зборови, разделување на зборовите на гласови и букви – гласовна анализа и синтеза – темел на читањето).
2.Гласовна аналитичко-синтетичка метода, која ќе се обработи во овој текст.

Таа почнува од изговорените зборови или реченици. Гласовна е затоа што пред запознавањето со буквите учениците треба да именуваат слика од некој предмет и да ги издвојат од изговорените зборови почетните гласови (на пример, автомобил – А). Аналитичка е затоа што со анализа на зборовите се запознаваат буквите, а синтетичка бидејќи со помош на запознаените букви се читаат зборови со гласовна синтеза (слевање на гласовите).

Читање

Кога ги воведуваме децата во читање, треба да избегнуваме делење на слогови и да истраеме во методата слевање на гласовите. На пример, при обработка на буквите И и О составуваме збор ИО. Кога во речникот ќе го составиме зборот ИО (претходно утврдувајќи дека сме составиле збор од два гласа, првиот И и вториот О, па со составување сме ги зеле тие две букви) малку ги оддалечуваме буквите и им предлагаме на децата да читаат како што покажуваме. Прво го изговараат гласот И кој полека се провлекува кон буквата О и така постигнуваме слевање на гласовите ИИИООО. При обработка на следните букви, на децата им го зголемуваме видното поле (Н, НА, НА-МА), за побрзо да ги читаат зборовите спојувајќи ги буквите во помали целини – слогови (не ги учиме дека тоа се слогови, туку да читаат спојувајќи две до три букви заедно – можеме визуелно да ги поврземе со стрела).

Со секојдневно трпеливо читање реченици и кратки текстови, треба да им помогнеме на децата да се ослободат од читањето „од буква до буква“ и да ги оспособиме да го шират видното поле на слогови и да ги слеваат слоговите, следејќи го со прст текстот кој го читаат, за со истрајно вежбање да станат добри читачи. Почетната желба за читање може многу брзо да се изгаси бидејќи читањето спаѓа во најсложените процеси на учење и се усвојува во текот на тежок и сложен процес. Но, тоа е важно бидејќи е темел за секое понатамошно учење.

Утврдено е дека добрите читач знаат и добро да учат, додека послабите учат потешко, им треба повеќе време и имаат помала способност за критичко размислување.

Поврзаноста на волјата за читање и вештините за читање е очигледна: „Она што радо го правам, најчесто не ми причинува никакви тешкотии. Она што баш не ми успева, го избегнувам колку што можам повеќе. Но, ако сѐ поретко читам, така и моите способности се сѐ помали, сѐ додека сосема не изгубам надеж дека тоа некогаш ќе го совладам“.

Не постојат „родени читачи“, туку стануваат такви со вежба и труд доколку достигнале одредено ниво на зрелост. Тоа значи дека детето треба да располага со одреден фонд на зборови со кои може активно да се служи, да има желба да научи да чита и одредено ниво на концентрација. Му помагаме на тој пат.

Автор: Инес Фалак/учителка

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top