Во мојот живот навистина се ретки моментите кога ќе ми се заврти во главата од некои вести. Најновиот пример се случи минатото лето кога сопругата ми го покажа тестот за бременост. Позитивен. Да, добро слушна, а можеш и самиот да погледнеш: позитивен. Ќе добиеме бебе. Не знам како е со другите, но јас наполнив 44 години, па детето и идејата дека некогаш ќе бидам родител пред тој момент ми стануваа сè помагловити и нереални. Но, се случи. Позитивен. Ќе добиеме бебе.

Неколку дена траеше таа вртоглавица, а трае и денес – во изменет облик – пет месеци по раѓањето на нашиот син Адам. Морам да признам дека сме имале среќа. Бидејќи не можеме да се сметаме за „млади родители“, колку и да се обидуваме да го растегнеме тој поим, голем е акцентот на следењето на бременоста за сè да помине како што треба. Сопругата, за среќа, е многу здрава, па немаше проблеми во текот на целиот процес.

Промената која во мене како иден татко се случи беше моментална и трајна. Веднаш знаев дека сè се промени, и тоа драстично. Не е тоа лесно да се објасни, но ќе се најдете пред идејата дека сега веќе не сте само за себе задолжени, туку ви е доверена задача која има сериозност многу поголема од што било дотогаш во животот. Сметам дека сум благословен и со тоа што се случи подоцна отколку што беше планирано, бидејќи сепак стекнуваш одредена зрелост, а познато е дека ние мажите созреваме малку подоцна од жените. Во текот на тие девет месеци единствената работа што ми беше важна беше мајката и бебето да се добри. Од таа причина следев сè, го знаев секој миг, реакција, расположение. Се разбира, она што жената го чувствува не ни можев да го претпоставам, но постои една граница која ја надминувате ако сте вклучени со срцето и душата. Идната мајка, во секој случај, многу повеќе ги планираше денот и периодот по раѓањето. Јас се обидував да бидам што повеќе присутен, и да бидам на услуга.

Сакав да се чувствува што поудобно и да знае дека не е сама

Би можело да се каже дека бременоста, со оглед на речиси никакви компликации, помина многу лесно. Кон тоа придонесе менталната состојба на сопругата, која цело време беше супер кул, смирена и сталожена. Кога зборуваме за мажите во „бременост“, секогаш ќе бидеме површни бидејќи, сакале или не, процесот го набљудуваме однадвор. Ја гледав сопругата, видов многу работи во неа, работи кои не сум можел и самиот да ги почувствувам, но знаев дека можам да помогнам во едно нешто – да ѝ биде што поудобно и да чувствува дека не е сама во тоа. Тоа ми беше многу важно и на тоа се фокусирав.

Девет месеци е многу време за размислување. И тоа го правев секој ден. Сепак, размислувањето е сосема поразлично од искуството. Гледав сè повеќе бремени жени низ градот, сè повеќе семејства со деца, почнаа да ме интересираат тие теми, па со пријателите разговарав за нивните деца: што прават секој ден, како се забавуваат, колку често одат во природа (животот во центарот на градот е причина природата да е нешто што се планира да се посети), со кои спортови се занимаваат, што ги интересира и кога тој интерес се појавил. Во моментот се создадоа безброј теми за кои сакав да дознам што повеќе. Претходно разговорот за деца ми беше толку апстрактен и досаден, што вешто го избегнував и им се чудев на родителите што постојано зборуваа само за тоа.

Од животно искуство знаеш дека е добро да се подготвиш, па тоа правило се користи и тука. Но залудно, едноставно не можеш да се подготвиш колку што сакаш, бидејќи она што се случува е многу поголемо од тебе. Тоа чувство дека немаш контрола, дека ова не е предвидлива работа, дека повеќето работи што се случуваат повеќе личат на чудо отколку на што било друго, тоа во тебе создава некаков страв. Како што се доближува моментот на породувањето, стравот е сè поприсутен бидејќи конечно си свесен дека си немоќен нешто да промениш. Тоа го поттикнува и чувството на понизност, ако си искрен со себе, а тоа секако го препорачувам.

Кога ни се роди синот, навистина сè се промени. Често тоа ви го велат и си мислите: „Да, во ред, се разбира дека сè ќе се промени“, но кога ќе станете родител, вие станувате друг човек. Како и самите да излегувате од некоја капсула, како и вие повторно да се раѓате. Но, ова е тема за некој друг текст.

Автор: Бранко Матијашевиќ, уредник на книги



912

X