„Нема ни да се обидете да го решите проблемот за кој мислите дека не постои“, Рејмонд ди Џузепе, психолог

Според статистиките, се зголемува бројот на деца под 14 години кај кои постојат проблеми во однесувањето. На таа возраст тие се манифестираат така што децата влегуваат во судири со врсниците и наставниците, некои се недисциплинирани на часовите и се спротивставуваат на авторитетот и на школските правила, а некои доаѓаат во судир со законот. Непочитувањето на правилата (домашни и школски), спротивставувањето на авторитетите, вербалната и/или физичка агресија, уништувањето на предметите, лажењето и манипулацијата, зависноста од интернет, видеоигри, отежнатото завршување на училиштето или откажувањето од образованието, злоупотребата на психоактивни супстанции, како и постапки кои се во судир со законот претставуваат спектар на потенцијални проблеми во однесувањето кај децата или младите лица.
Кај децата до 14 години ваквото однесување најпрвин се игнорира, па се толерира и на крај често ги сметаат тие деца за невоспитани и одговорни за своето несоодветно однесување и затоа строго се казнуваат во семејството, училиштето. За децата и младите личности од 14 до 18 години, некои од овие однесувања се со закон забранети, односно стануваат кривични дела.
Во нашето општество проблемите во однесувањето сè уште се табу и/или се поедноставуваат со тврдењето дека се во прашање невоспитани и разгалени деца. Но заднината е многу посложена и потешка. Децата и младите за своите проблеми најчесто зборуваат преку однесувањето и кога се среќаваме со оваа група, мора најпрвин да се запрашаме што се случува со нив и како да им помогнеме?

Корени во детството

Уште од првата година детето почнува да инсистира на својата самостојност, покажува тврдоглавост додека настојува сè само да направи, без помош од возрасните. Родителите понекогаш сакаат да ја скршат детската самостојност за да го направат тоа што е потребно за навремено задоволување на детските потреби (на пр., тие прават сè наместо детето) – но ова само дополнително ја засилува детската тврдоглавост и неговото негодување.

Иако развојно е нормална појава, важно е сепак да не му се препушти сè на развојот, туку да се влијае воспитно, да се дисциплинира детето преку учење како да соработува и да се пофалува за успешната соработка. До 18. месец од животот децата сè уште не знаат на соодветен начин да ги искажат своите чувства, ниту да се изборат со своите емоции. Затоа најчесто користат агресивност – за детето тоа претставува јасна разлика меѓу она што му треба/сака и она што не му треба/не сака, тоа е начин да ги регулира своите емоции и да биде во емоционална рамнотежа откако таа е нарушена со некое влијание од околината. Значи, повторно е во прашање само вообичаена фаза на развојот низ која поминува секое дете, но сепак мора да го научите на граници, на разликата помеѓу прифатливото (доброто) и неприфатливото (лошото) однесување. Во спротивно, агресивноста може да опстане како начин на реагирање во сите ситуации.

Децата на возраст до 2 години може да покажат повлеченост, срам, тешкотии при соочувањето со разни друштвени ситуации и во интеракцијата со врсниците. Инсистирањето на интеракција со други кај нив може да предизвика анксиозност, а некои остануваат незабележани, па поради недостиг на внимание, се обидуваат да го привлечат вниманието на возрасните со лошо однесување (иако резултатот е спротивен на очекуваното, најчесто се отфрлени). Затоа е важно да се следи процесот на социјализација на детето и да му се помага во првите интеракции со другите (на пр., заедничко приближување до врсниците, останување во близина, организирање другарчиња да дојдат во куќата на детето). Во спротивно детето може да развие ниска самодоверба, па подоцна ќе се обиде да ја поврати преку социјално неприфатливи облици на однесување (озборување, лажење, негативно привлекување внимание).

Помеѓу 3. и 4. година лажењето кај децата не е свесно затоа што фантазијата и стварноста се преплетуваат, но помеѓу 5. и 7. година децата може за некои работи и да излажат и/или да ја премолчат вистината заради страв од казна. Создавањето прифатлива атмосфера во семејството, каде што на прекршоците не се реагира секогаш и нужно со казнување на детето, туку на детето му се прави разлика помеѓу неговата личност (која секогаш е добра) и неговото однесување (кое може да биде лошо) – може превентивно да влијае на спречување на повторното лажење.

Со тргнувањето на училиште кај некои деца се јавуваат проблеми во учењето, па детето се чувствува неприспособено во школската средина и неспособно да ги совлада сите задачи. Затоа се откажува од учење и постигнува недоволен успех. Неуспехот на овој план може да води до проблеми во однесувањето во вид на изостаноци, нарушување на дисциплината, влегување во судир со наставниците и другарите.

Најдобро е ако наведените фактори и проблеми се препознаат пред тргнување во училиште за навреме да се влијае со цел да се спречи понатамошно усложнување на проблемите во однесувањето.

 

Како проблемите во однесувањето на детето влијаат врз семејството?

Кога ќе се појават проблеми во однесувањето (било во детството било во младоста), на родителите им е тешко да признаат дека детето има проблем, а некогаш имаат чувство на вина и срам поради тоа, се чувствуваат како лоши родители. Затоа ја одложуваат реакцијата или не реагираат, настојувајќи да го прикријат проблемот.
Пред сè, не смееме да заборавиме дека секој родител го сака своето дете и му посакува сè најдобро. Родителот се грижи за него, но разлика може да направи начинот на кој го прави тоа. Второ, не треба да заборавиме дека до појава на проблеми во однесувањето доаѓа поради влијание на различни фактори. Трето, живееме во општество кое е изложено на секојдневен стрес и неизвесност, родителите често не се во можност повеќе да се ангажираат во воспитувањето на своите деца зашто се трудат да ги остварат основните егзистенцијални потреби и да ја задржат работата. Конечно, во некои семејства односите се дисфункционални: проблеми во партнерскиот однос, несоодветни родителски вештини, негативна емоционална клима. Многу конфликти и прекинати односи, несоодветна комуникација, лоши вештини за решавање проблеми, навредување, а и насилство, сето тоа му оневозможува на семејството да ја одржи контролата и да ги задоволи потребите на детето на соодветен начин, па затоа и разрешувањето на проблемите во однесувањето на детето е многу сложено и долготрајно. Ваквите однесувања може да се променат, тие деца и млади не се структурирани деликвенти, тие родители не се лоши родители, никој не е непоправлив, туку првенствено е изгубен во својот проблем.

Како да се реши проблемот?

Кај децата и младите со проблеми во однесувањето треба да се поттикнуваат нивните позитивни особини, позитивни однесувања, како во семејството така и во врсничката група и во пошироката заедница. Треба да се ориентирате на силата на самото дете/млада личност и на родителите. Така тие може да се видат сами себе како некој што може да биде подобар и поуспешен, па се посветуваат на таа цел и ја достигнуваат. На овој начин на детето/младата личност и на родителите им се дава можност да направат поинаков избор и да бидат охрабрени да останат на патот на позитивната промена. Децата и младите со проблеми во однесувањето се наши клиенти и третманот е успешен кога за почеток проблемот не се одрекува, не се намалува, не се табуизира, туку искрено се работи на негово решавање.

Автори: Лилјана Марковиќ, специјален педагог, и Јелена Вукичевиќ, психолог



912

X