„Овој викенд го славиме вториот роденден на мојот син и првата успешна година што ја поминав како вработена мајка со полно работно време. Уште минатата година во ова време мислев дека такво нешто е невозможно, но еве ме како кревам чаша за себе и она што го постигнав“, пишува новинарката и мајка Луси Кипист, која вели дека никогаш не се преиспитувала себеси и својот живот повеќе отколку во тие први 12 месеци со дете.
Ова е нејзиното искрено искуство:
„Некои денови беа неверојатни, додека други беа совршени. Обидувајќи се да го усогласам работното време со грижата за детето, согледав дека деновите ми стануваат комплицирани – исцрпувачки, забавни, забрзани до невозможни граници, полни со смеа и радост, но истовремено пронаоѓав време да се занимавам и со самата себе.
Никогаш не сум се занимавала повеќе со животот отколку кога имав најмалку време за тоа. Ова се најважните заклучоци до кои дојдов:
Некои делови од денот никогаш нема да можете да ги контролирате
Неодамна слушнав како некој го опишува она забрзано време помеѓу 6 и 7:30 наутрo, кога сѐ мора да биде завршено, како црна дупка, бидејќи секогаш некако се случува ништо да не биде онака како што треба. Ги има и оние денови кога морав совршено да функционирам, а кои следуваа по ноќ во која добар дел сум го поминала будна и на нозе. Не знам како ги преживував тие денови, исцрпена и со една мисла во главата – кога ќе дојде 16 часот веќе.
Грижата и стравот ќе бидат твои доживотни сопатници ако не се бориш со нив
Кога почнав да работам, мојот син имаш само една година, така што бев многу загрижена околу тоа колку ќе ми недостига. И навистина, многу ми недостигаше тогаш кога не бев покрај него.
Кога одлучив да се вработам и со тоа да престанам да му бидам посветена на своето дете 24 часа. Се чувствував како да го напуштам, дека ќе пропуштам многу и дека ќе им го препуштам на другите неговото растење и сите важни случки во неговото детство. Не сакав сето тоа да го пропуштам, како што не сакав ниту тој да мисли дека не може да се потпре на мене, но сепак морав да се вработам.
Стравував и дека нема да имам доволно енергија за своето семејство на крајот од работниот ден, тогаш кога најмногу сум им потребна, се грижев дека нема да можам да држам сѐ под контрола и дека ќе бидам осудувана поради погрешните избори.
Дали бев во право кога се грижев? И да и не. Горда сум кога ќе увидам колку е пораснат мојот син во текот на изминатата година и многу сум им благодарна на другите луѓе што го научија многу работи. Тој е полн со самодоверба, среќен и здрав, што е најважно од сѐ.
Сепак, јас не ја подготвувам храната онака како што замислував, посебно за мојот син. Срам ми е да признам колку често сме имале тост за вечера. Мислам дека затоа мојот син сега е пребирлив кога е во прашање храната. Се прашувам дали би било така ако имав повеќе време за готвење. Многу работев, а малку спиев. Буквално секој што го познавам во текот на минатата година барем еднаш ми рече дека изгледам изморено. Тоа не беше добро за моето ментално здравје, како ни за моето его, но сите преживеавме.
Животот никогаш не бил посладок отколку во деновите кога сѐ одеше како подмачкано. Ова се некои од моите омилени моменти:
– Преплавување од љубов кога ќе се појавам на вратата од градинката.
– Излегување на свеж воздух за време на паузите за ручек.
– Повторно поврзување со самата себе и чувство на инспирација да работам со и за луѓето што ги сакам.
– Забележување на тоа како мојот син гради блиски врски со лицата што се грижат за него.
– Медитација од пет минути во возот кога одам на работа.
– Галење со мојот син рано наутро, со надеж дека повторно ќе заспие.
– Одење каде и да се упатам. Бидејќи седам по цел ден на работа, копнеам по активност.
– Вечерата која мајка ми ми ја подготвува во среда навечер.
– Петок навечер со мојот сопруг дома.
– Кога успевам да ги измијам сите садови и да ја исчистам кујната пред да одам на работа.
– Кога ќе се сетам да нарачам овошје и зеленчук навреме.
– Смеењето со пријателките што ме разбираат затоа што биле на моето место.
– Чоколада, кафе, вино.
– Викенд.
Што морав да научам
Искреноста е најдобрата доблест и најважното правило. Бидете директни и недвосмислени кога се работи за потребите на вашето дете и вашите чувства, како и кога се зборува за тоа колку сте достапни за вашите пријатели и поширокото семејство. Искрено, не сте достапни ни близу како што сте биле порано.
Морате да разговарате за тоа како се чувствувате. Изберете една или повеќе вистински личности за тој разговор. Кога сте вознемирени и ве обзема чувство на вина, вашите резерви со енергија се празни. Дури и кога самите ќе почнете да се соочувате со фактот дека вашиот живот значително се забрзал, разговорот за тоа може значајно да ја намали вашата исцрпеност.
Да се облече вистинската комбинација за важниот ден, за мене порано беше невозможна мисија. Јас сум личност која секогаш се премислува во врска со она што го облекла пред да излезе од дома. Брзо сфатив дека веќе го немам тој луксуз и сега многу често ги носам истите парчиња облека секој втор ден.
Уште учам
Никогаш нема да има доволно време за да го направите сето она што го сакате и времето не се појавува магично за некои работи само затоа што вие така сакате. Ќе мора да се организирате подобро од кога било. Никој не го живее вашиот живот наместо вас, па ќе мора да одлучувате што ви е важно и да продолжите по правецот кој самите сте го одредиле за себе.
Што ми помогна
Пронајдете го најдоброто можно решение за чување на вашето дете кое можете да си го дозволите и кога тоа го велам, не мислам само на финансиската страна на одлуката. Дури и ако морате да возите некаде подалеку неколку дена неделно, направете го тоа доколку така срцето ви вели и сте уверени дека детето е на сигурно. Грижата за детето додека сте на работа е исцрпувачка, па не измачувајте се ако не морате.
Ако е тоа некако можно, барем повремено, договорете се со работодавецот на флексибилно работно време, било да се работи за работа од дома или подоцна да доаѓате или да си одите од работа. За возврат, бидете искрени во врска со она што можете да го постигнете, бидете директни, достапни и флексибилни.
Останете во форма онолку колку што е тоа можно, но немојте да се излудите поради тоа. Јас се здебелив откако се вратив на работа, но знам дека тоа е поради стресот. Здравата исхрана ни дава енергија и во таа енергија е целата поента. Ретко ќе имате време за сето она што животот го поставува пред вас, но здравата исхрана е нешто што гарантира квалитет на сето она што го правите.
Практикувајте дремка во викендите и во текот на денот колку што е тоа можно. Тоа ќе ви помогне повторно да почнете да функционирате нормално.
Заборавете на една работа за која си велите дека морате да ја направите. Си се смеам сама на себе кога ве советувам, но едноставно знам дека ќе ви го промени животот. Престанете да ја чистите кујната пред да одите на работа, престанете да перите и да ја фенирате косата секој ден, обидете се да купувате ручек наместо самите да го подготвувате. Знам дека ви се чини дека ова се големи работи, но кога сте во трка со времето, спасот е во ситниците.
Други многу важни работи
– Подобро е да работите за шеф и со колеги што ви се симпатични, како и да ја работите работата што ја сакате. Така ќе имате повеќе енергија и помалку непотребни стресови.
– Негувајте го својот брак/врска. Споделувајте ги што повеќе своите размислувања, грижи и радости со својот партнер и комуницирајте редовно, дури и кога е тоа можно само по пат на СМС. Ако сакате вашата врска да трае, морате и двајцата на работите на тоа.
– Покажете им благодарност на луѓето за сета поддршка што ја добивате, бидејќи не би биле успешни без нив, па покажете им колку ги цените. На крајот на краиштата, тие се грижат за најважната личност во вашиот живот.
– Одете редовно на контроли кај лекар, инаку вашето тело ќе трпи.
– Користете јавен превоз. Неверојатно е што може да завршите за триесет минути – можете да медитирате, да составите список за шопинг, да се јавите на пријател.
– Ќе ви недостига детето секој ден. Смислете заеднички ритуал кој никогаш нема да го пропуштите и уживајте во него. За мене и мојот син, тоа е заеднички појадок секој ден. Некогаш тој појадок се случува во 4 часот наутро.
– Спиењето е истовремено и ваш најдобар пријател и најлош непријател. Направете сѐ што можете за да се наспиете доволно секоја ноќ. Мене некогаш ми се случувало да одам во кревет пред 19 часот.
– Дајте си најмалку шест месеци пред да донесувате важни одлуки. Пријателка ми рече дека ѝ се потребни шест месеци за да се навикне на нешто, но во мојот случај тоа е осум месеци. Денес е тешко да се донесуваат одлуки и затоа дајте си време сѐ да осмислите и за сѐ детално да размислите.
– Мислете и на вашиот надворешен изглед. Јас не пропуштам одење на фризер и на педикир, а за вас тоа може да биде нешто друго поради кое се чувствувате добро, а, на пример, не ви одзема многу труд наутро.
И секогаш верувајте во себе.