Преку тастатурата не ми е проблем да споделам што било. Само нека ве нема физички блиску до мене, никој нека не ме чепка, нека не дише околу мене и јас сум друга личност. Ова го пишувам како вовед и оправдување за мојата мајка, која ќе ми направи драма откако јавно ќе им кажам на сите дека пред некој ден бев на депилација на нозете. Веројатно од фотографиите на моите голи нозе и јас во непријатна поза намачкана со шеќерна паста, а која вам ви е сега во глава како и на мојата мајка, таа сега доживува напад на срам и паника.
Но, морам да ви кажам дека тука сум за да ја продолжам приказната.
Депилацијата со шеќерна паста боли. Не боли како восокот, но не е најпријатен настан на кој една жена може да присуствува. А, се присуствуваме ние барем еднаш неделно на такви настани. Вади ја косата од виклерите, исечи ја со нож бидејќи брзаш, изгори се со солна киселина бидејќи со ракавици не чувствуваш дали добро си изрибала… Депилирај ги веѓите еднаш неделно додека не се расплачеш.
Разговарам со мојата Белма додека ме цивилизира со таа паста и ме прашува дали ме боли. Велам дека не е ништо страшно и не е ништо што секоја од нас не го преживува уште полошо. Белма вели дека во нас жените има големо трпение. Ние, вели, се фалиме со количината на болка што можеме да ја поднесеме. Кај нас разговорите за болка се секогаш фалење, која жена поднела поголема болка.
Па вели: „Не е тоа ништо, јас така еднаш откинав половина прст, не пуштив ниту глас“.
Што е тоа во нас што нè тера да се докажуваме дека ништо не нè боли? Зошто ние сè уште сме поврзани со глаголот „страда“? Колку генерации се оштетени за правото на вресокот, кога и најслободните меѓу нас ги стискаат забите кога е тешко, а на оние што ќе им се пожалиме секогаш ни одговараат со: „Не е тоа ништо – да знаеш како ми беше мене?“
Одговорот е – многу сме оштетени. Речиси неповратно сите генерации до мојата. Дури сега наша е одговорноста своите девојчиња да ги научиме да врескаат кога нешто им недостига. Не, тоа не е разгаленост.
Тоа е борба гради в гради со оние што илјадници години толку нè замолчувале, па сме развиле и физичка толеранција на болка, чиј праг е повисок отколку кај мажите.
Еднаш скокнав низ прозорец од вториот кат на училиштето за да излезам надвор на одмор. Долу имаше градежен песок, па тоа не е толку високо колку што звучи. Малку повеќе од еден метар. Училиштето имаше драконски правила за однесување, а мене ме излудуваше сознанието дека целиот час, колку што траеше големиот одмор, ние не смеевме да излеземе надвор. Па, јас скокнав.
Мојот татко, по мачниот родителски состанок, рече само едно. Дека му е повеќе драго што го викнале зашто неговото девојче скокнало од таа висина, и имало храброст да го направи тоа, отколку да го викнеле зашто некој ме удрил, а јас сум плачела во ќошот на училницата. Не смеев да го дознам ова, но дојде до мене по неколку години. Оваа реченица ја усвоив како манифест за воспитување на мојата ќерка.
Ја научив да скока од сè што ја дави. Да вреска кога нешто ѝ недостига. Да не се извинува што постои. Момчето што ѝ ја скубе косата не е заљубено во неа, без оглед на тоа што неговата мајка го тврди тоа.
Ја научив веднаш, макар никогаш немала пријатели, да одговори на навреда и да не ги сожалува глупавите и завидливите. Глупавите и завидливи луѓе секогаш си наоѓаат оправдување за себе и за секое нанесено зло, баш затоа што се глупави и не можат да си ја контролираат зависта. Не треба да им се наведнувате за тие да се чувствуваат помалку глупави и помалку завидливи. Ќе ти се качат сите на глава.
По векови учење на женските деца да стават малку вода в уста кога треба некого гласно да прекорат, единствено е фер ние нашите девојчиња да ги учиме да бидат гласни за да се слушнат и на Марс.
Еднаш присуствував на филозофска расправа на невработени лица, главно само за озборување на способни жени кои со презир раскажуваа како ќерката тинејџерка на нивната сосетка вози велосипед од утро до мрак во текот на распустот. Мојата мајка, неупатена во овие малтретирања, срамежливо праша што е проблемот со велосипедите, особено кога девојчето било на распуст. „Женското дете ако нема никаква работа дома, треба да стои на врата и да ја отвора и затвора додека не најде нешто друго да работи!“, гласеше одговорот на општествените угледни жени.
Кога ваква граната ќе те погоди од топот на овие последни воени патријархати од високото друштво, кое им овозможило со мало стискање на забите по цел ден да седат и да озборуваат, единствено е чесно да се одгледуваат мали бунтовнички со причина, разгалени во својот ум, возвишени во својата убавина, кои ќе трпат болка за да имаат мазни нозе само затоа што тие така сакаат.
За нив уште некоја деценија ќе озборуваат дека се невернички, развратнички, хистерични лудачки, некултурни…Но, што би рекла мајка ми: „Не е важно какви лаги зборуваат луѓето за тебе, важно е да не погодат“.
Автор: Нерја Латиќ Хулусиќ